piksel_marketing, Author at ProCredit Blog - Page 4 of 7

Пресметка за плата и онлајн исплата – како брзо да ги исплатиш вработените

Исплатата на вработените не треба да ти претставува долг процес кој ќе ти одзема време. Сега со само еден налог и неколку едноставни чекори можеш брзо да префрлиш плата користејќи го формуларот ПП53. Само подготви пресметка за плата и поднеси ја преку e-mail до УЈП од каде ќе добиеш фолио број. Внеси го фолио бројот во ПП53 налогот преку електронско банкарство и плаќањето е извршено!  

Но, ајде да почнеме од почеток. Што е бруто, а што нето плата? Како се поднесува пресметка за плата преку e-mail? Кои се роковите за поднесување на пресметка за плата? Кој е рокот за уплата на придонесите? 

Доколку си млад претприемач или штотуку отвори сопствен бизнис, сигурно до сега се соочи со барем една од овие дилеми. Ние ќе се обидеме на едноставен начин да ти дадеме одговор на овие често поставувани прашања.  

Што е бруто плата? 

Бруто-плата е вкупната плата што ја остварува работникот од работниот однос. Сепак, ова не е целосната сума која работникот ја добива на неговата трансакциска сметка. Всушност, бруто платата се состои од нето платата што ја добива работникот, на којашто се додадени трошоците за придонеси за социјално осигурување и данокот на доход од работа. 

Вкупниот износ на придонесите за социјално осигурување ги опфаќа придонесите за:  

  • Пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ): 18,8% од основната плата. 
  • Задолжително здравствено осигурување (ФЗОМ): 7,5% од основната плата. 
  • Дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работно место и професионално заболување: 0,5% од основната плата. 
  • Задолжителен придонес за осигурување во случај на невработеност (АВРМ): 1,2% од основната плата. 

Основица за пресметка на придонесите за задолжително социјално осигурување е платата во вкупен износ (плата, надоместоци на плата и исплата по основ на деловна успешност на работодавачот). Откако ќе се исплатат придонесите за задолжително социјално осигурување и откако ќе се пресмета личното ослободување утврдено во месечниот износ согласно даночните прописи, се добива основицата за пресметка на данокот на доход од работа во износ од 10%. 

Сумирано, бруто-платата се состои од три дела, и тоа: 

  1. Дел од платата што отпаѓа на плаќање придонеси за задолжително социјално осигурување (28%);  
  1. Дел од платата што отпаѓа на плаќање данок на доход од работа (10%) 
  1. Остаток од платата што му се исплаќа на работникот (нето-плата). 

Што е нето плата? 

Нето-плата претставува плата во вкупен износ, намалена за вкупниот износ на придонесите за задолжително социјално осигурување и за износот на персоналниот данок на доход.  

Во пракса, нето платата e вкупен збир од сите парични побарувања што ги има или со кои се стекнал работникот во одреден исплатен период како резултат на неговиот вложен труд, или извршената работа. Ова e составен дел од платата на работникот, а тука спаѓаат:  

  • Основната плата  
  • Работната успешност (доколку е остварена)  
  • Додатоци на плата (доколку се остварени)  
  • Надоместокот на плата (доколку постоел)  
  • Останатите материјални надоместоци на трошоците поврзани со работењето на работникот и слично. 

Како да поднесеш пресметка за плата преку e-mail?  

Пресметка за плата можеш да поднесеш преку електронските услуги на УЈП. Потребно е само да испратиш пополнет МПИН образец преку електронска пошта celaplata@ujp.gov.mk и истиот ќе се смета за доставен до Управата за јавни приходи. При доставување на МПИН за повеќе даночни обврзници преку електронска пошта, пресметките за плата треба да ги доставиш одделно, за секој даночен обврзник. 

Декларацијата и Налогот за плаќање ќе ти бидат доставени на твојата електронска пошта, најдоцна во рок од 24 часа од поднесувањето на пријавата. Доколку по истекот на 24 часа од поднесувањето на пријавата не ти е доставен повратен одговор, обрати се до даночните канцеларии на Управата за јавни приходи за проверка на образецот МПИН кој го достави преку електронска пошта. 

Внимавај на рокот за поднесување на МПИН пресметка! Како обврзник за пресметка и уплата на придонесите, пресметката за претходниот месец треба да ја доставиш до Управата за јавни приходи најдоцна до 10-ти во тековниот месец. 

Кој е рокот за уплата на придонесите? 

Уплатата на придонесите треба да ја извршиш на денот кога ја вршиш исплатата на плата (или дел од плата), надоместок на плата, пензија, односно друг паричен надоместок. 

Доколку плата или дел од плата, надоместок на плата, пензија, односно друг паричен надоместок не се исплатени порано, рокот за плаќање на придонесите од претходниот месец е 15-тиот ден од тековниот месец.  

*По истекот на законскиот рок за плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување се пресметува камата во износ од 0,03% за секој ден задоцнување. 

За крај, важно е да знаеш дека пресметката за плата е основен аспект на деловното работење што бара негово разбирање, но и забележување на деталите. Со разбирање на терминологијата и почитување на роковите за поднесување и исплата на платите, ќе обезбедиш непречено функционирање на твојот бизнис, но и ќе го одржиш задоволството на твоите вработени.  

КИБС или МИПС плаќање – која е разликата? 

„Дали сакате плаќањето да го извршите преку КИБС или МИПС налог“ е прашање за кое речиси секогаш ни треба малку време пред да го одговориме. Која од овие две опции беше побрза? Кои се другите разлики помеѓу овие два типа на плаќање? Што да изберам кога ми е потребно да извршам итни плаќања? Како да извршам поголеми плаќања? 

Кога правите платежни трансакции во Македонија, имате неколку опции во зависност од видот, вредноста и итноста на трансакцијата. Два од примарните системи се КИБС и МИПС, а тука се и интерните банкарски налози. Секоја од овие опции има свои предности во зависност од вашите потреби.  

Интерен налог, КИБС или МИПС?   

Ова се сите карактеристики што треба да ги знаете пред да изберете на кој начин ќе направите некоја трансакција. 

КИБС плаќања: Редовни меѓубанкарски трансакции 

КИБС (Клириншки интербанкарски систем) е систем за плаќања помеѓу различни банки, кој обично се користи за трансакции до 1 милион денари. Овој систем овозможува едноставен и сигурен начин за пренос на пари помеѓу банките, но клучната предност е неговата исплатливост за редовни трансакции.  

Како функционира КИБС: 

  • Чекор 1: Поднесување на налог. Клиентот на банката поднесува платен налог за пренос на средства на сметка во друга банка. 
  • Чекор 2: Верификација и валидација. Банката го верификува налогот за плаќање и го испраќа до КИБС на понатамошна обработка. 
  • Чекор 3: Порамнување. Сите налози за плаќање доставени до 14 часот се обработуваат до 14:30 во истиот ден. Налозите што се направени после 14 часот се пренесуваат за реализација наредниот работен ден. 
  • Чекор 4: Потврда. Откако ќе се подмират плаќањата, се испраќа потврда до банките на двете страни, со што се потврдува дека трансакцијата е завршена. 

КИБС е одличен избор за плаќања коишто не ви се итни, како што се редовните трансакции, каде што примачот може да чека до времето на порамнување.   

МИПС плаќања: Брзи и ефикасни за итни и големи трансакции 

За поголеми или итни трансакции се користи МИПС (Македонски меѓубанкарски платен систем). Преку овој систем се вршат плаќања во вредност над 1 милион денари или плаќања кои е потребно да се извршат во реално време (RTGS – Real Time Gross Settlement System). Ова значи дека плаќањата се извршуваат веднаш по верификацијата. 

Како функционира МИПС: 

  • Чекор 1: Поднесување на налог. Клиентот доставува налог за плаќање преку својата банка. 
  • Чекор 2: Верификација и валидација. Банката го верификува налогот и го испраќа до МИПС за обработка во реално време. 
  • Чекор 3: Извршување на плаќање. Системот веднаш го извршува плаќањето, префрлајќи ги средствата помеѓу сметките на уплаќачот и примачот. 
  • Чекор 4: Потврда. Откако ќе се обработи налогот, МИПС испраќа потврда до двете банки, со што се потврдува дека плаќањето е успешно завршено. 

МИПС е идеален за итни плаќања или трансакции со висока вредност, каде брзата обработка е од клучно значење. Меѓутоа, иако се побрзи, трансакциите со МИПС генерално доаѓаат со повисоки трошоци за провизија поради итноста и обработката во реално време.  

Интерни банкарски плаќања: Брзи и практични 

Доколку и уплаќачот и примачот имаат сметки во ПроКредит Банка, интерните плаќања се наједноставната и најбрзата опција, бидејќи нема потреба од користење на КИБС или МИПС системите. Овие трансакции се обработуваат речиси веднаш и често без никакви провизии, бидејќи се одвиваат во системот на банката. 

Ова се главните предности на интерните плаќања: 

  • Брзина: Трансакциите се извршуваат во реално време, обично во рок од неколку минути, 24/7. 
  • Ниски трошоци: Овие трансакции често пати се бесплатни или за нив се наплаќаат многу ниски провизии бидејќи преносот се врши во истата банка. 
  • Едноставност: Лесно и едноставно се реализираат преку интернет банкарство, мобилни апликации или директно во филијалите на банката. 

Сега откако ги разбирате сите детали за начините на извршување трансакции, многу полесно ќе го изберете најсоодветниот метод за плаќање. Интерните банкарски плаќања се најбрза и најисплатлива опција кога испраќате пари помеѓу сметки во иста банка. За редовни плаќања помеѓу сметки во различни банки користете го КИБС, а за итни и поголеми трансфери изберете го МИПС системот. 

Бизнис кредитна картичка или дебитна картичка? Што треба да знаете пред да донесете одлука? 

Како претприемач, ефикасното управување со вашите финансии е клучно за растот и стабилноста на вашиот бизнис. При отворањето сметка во банка, една од првите одлуки со кои ќе се соочите е да изберете помеѓу бизнис кредитна картичка и дебитна картичка за вашите деловни трошоци.  

Иако двата типа на картички се многу вредни финансиски алатки, тие служат за различни цели и нудат различни придобивки. Штом ќе разберете како тие функционираат, ќе ви биде полесно да управувате со готовинскиот тек, па дури и да изградите позитивна кредитна историја за вашата компанија.   

Бизнис дебитна картичка – директен пристап до вашите средства 

Дебитната картичка е директно поврзана со тековната сметка на вашата компанија. Тоа значи дека секој пат кога купувате или подигате готовина, парите веднаш се одземаат од вашата сметка. За младите претприемачи дебитните картички можат да бидат одличен начин да се одржи контролата врз трошењето бидејќи тие ве спречуваат да трошите повеќе од она што е достапно на вашата сметка. 

Со дебитна картичка, секогаш ќе функционирате во рамките на вашите можности. Ова е важна навика што ќе треба да ја стекнете, особено кога штотуку почнувате и се обидувате да избегнете непотребни долгови. Вашите трансакции се плаќаат во реално време, па така е полесно да го следите вашиот готовински тек и да бидете сигурни дека не трошите прекумерно.  

Брзо и лесно управување со средствата 

Дебитните картички се особено корисни за управување со секојдневните деловни трошоци — без разлика дали плаќате за канцелариски материјали, претплати за софтвер или патни трошоци. Тие исто така нудат директен начин за следење на деловните финансии преку онлајн алатките и апликациите на вашата банка.  

Уште една позитивна страна на бизнис дебитните картички е можноста за поставување под-сметки и распределба на специфични буџети на различни членови на тимот. Во ПроКредит Банка дебитните картички ви нудат дополнителен бенефит – можност за уплата на дневен промет на современите банкомати во 24/7 Зоните на банката.  

Сепак, дебитните картички доаѓаат со ограничувања. Бидејќи можете да ги трошите само парите што се достапни на вашата сметка, немате флексибилност при појава на неочекувани трошоци.   

Бизнис кредитна картичка – планско управување со готовинскиот тек 

Бизнис кредитните картички функционираат поинаку од дебитните картички. Наместо да повлекувате директно од вашата банкарска сметка, кредитната картичка ви дава пристап до кредитна линија што можете да ја користите за деловни трошоци. Оваа кредитна линија ви овозможува да трошите надвор од вашите достапни средства, што може да биде особено корисно во периоди кога треба да инвестирате во вашиот бизнис или да ги покриете празнините во готовинскиот тек на краток рок. 

За младите претприемачи, една од најважните придобивки од бизнис кредитна картичка е тоа што може да ви помогне да изградите позитивна кредитна историја. Силниот кредитен рејтинг може да ги отвори вратите за поголеми можности за финансирање во иднина, без разлика дали тоа е деловен заем или кредитна линија за проширување на бизнисот.  

Одговорно користење на средства 

Одговорното користење на кредитна картичка (плаќањето на сметките навреме и ненадминувањето на кредитниот лимит) ќе ви помогне да изградите позитивен кредитен профил за вашиот бизнис. 

Кредитните картички нудат и флексибилност кога станува збор за управување со вашите финансии. Повеќето кредитни картички доаѓаат со грејс период, обично околу 30-45 дена, каде што нема да ви се наплати камата ако целосно го исплатите салдото до датумот на доспевање. Во ПроКредит Банка можете да го искористите максималниот грејс период од 45 дена. 

Ова ви овозможува да направите поголеми купувања без притисок да морате веднаш да ги покриете трошоците. Меѓутоа, ако го платите само минималното салдо, каматата ќе се акумулира на преостанатиот износ, па затоа е важно да ги следите вашите трошоци и да се стремите да го исплатите салдото во целост секогаш кога е можно. 

Бизнис кредитните картички честопати доаѓаат со дополнителни поволности, што може да обезбеди вредност за честите деловни трошоци. Некои картички нудат посебни поволности прилагодени на претприемачите, како што се попусти на канцелариски материјали, рекламирање или патувања, што ви помага да заштедите пари за редовно деловно работење. 

Практични совети – кога да користите бизнис кредитна картичка а кога дебитна?  

При изборот помеѓу бизнис кредитна и дебитна картичка важно е да ги земете предвид вашите деловни потреби, финансиски навики и долгорочни цели. 

Користете дебитни картички за секојдневни трошоци.  

Вашата бизнис дебитна картичка е совршена за дневни трансакции – купување канцелариски материјали, плаќање за услуги или патните трошоци.  

Искористете ги кредитните картички за раст.  

Ако ви се потребни поголеми вложувања, како што се нова опрема, инвентар или рекламирање, бизнис кредитна картичка може да ви помогне да ги распределите трошоците во поголем временски период. Само направете план за навремена исплата на долгот за да избегнете поголеми камати. 

Следете ги вашите трошоци.  

И дебитните и кредитните картички нудат онлајн алатки за да ви помогнат да ги следите трошоците и да управувате со вашиот готовински тек. Во ПроКредит Банка ова е особено лесно, благодарение на напредните дигитални алатки кои ви овозможуваат дури и отворање на бизнис сметка онлајн.  

Паметно изградете кредитна историја.  

Ако одлучите да користите бизнис кредитна картичка, фокусирајте се на навремени плаќања и на ниско ниво на искористеност на вашиот кредит. Ова ќе помогне да се изгради силен кредитен рејтинг, кој е од суштинско значење за обезбедување дополнителни заеми и други видови финансирање додека расте вашиот бизнис. 

Разберете ги вашите граници.  

Внимавајте на ограничувањата за трошење и на дебитните и на кредитните картички. Дебитната картичка ве ограничува на користење на средствата од вашата сметка, додека кредитната картичка доаѓа со однапред дефиниран кредитен лимит. Не ги надминувајте овие граници, бидејќи тоа може да доведе до дополнителни трошоци за пречекорување или казнена камата. 

И дебитните и кредитните картички имаат свое место во управувањето со финансиите на вашиот бизнис. Со стратешко користење на секоја картичка, можете ефикасно да управувате со вашиот готовински тек, да избегнете долгови и да обезбедите долгорочен успех за вашиот бизнис.  

Како да ги делегирате административните и сметководствените задачи за поголема деловна ефикасност 

Како сопственик на бизнис, вашиот примарен фокус треба да биде на развој и унапредување на вашиот бизнис. Ова опфаќа многу различни задачи и стратегии коишто бараат вложување на време и енергија. Меѓутоа, административните и сметководствените задачи често трошат голем дел од времето и ресурсите кои би можеле да се вложат во стратешки иницијативи. Токму затоа делегирањето на овие задачи на доверливи соработници ќе ви помогне да постигнете поголема деловна ефикасност. На вас ќе остане само да се концентрирате на клучните аспекти за развој на вашиот бизнис.

Како до поголема деловна ефикасност? 

Првите чекори коишто можете да ги преземете се: овластување потписник на вашата сметка и назначување на прокурист. Во продолжение ќе ги откриете сите детали како можете да постигнете деловна ефикасност со овие две одлуки.   

Овластете потписник на сметка 

Овластувањето на потписник на вашата банкарска сметка е практичен чекор за да се обезбеди непречено и ефикасно справување со платежните и сметководствените задачи. Овој процес ви овозможува да ги делегирате финансиските одговорности на доверлива личност, обезбедувајќи поголема флексибилност за вашите деловни активности. Еве како можете да овластите потписник на вашата сметка

Подгответе ги потребните документи 

  • Доказ за идентификација – копии од лична карта или пасош и од управителот и од лицето што треба да се овласти. 
  • Контакт информации – број на мобилниот телефон и адресата на е-пошта на овластеното лице. 
  • Потпишано барање – пополнете и потпишете го барањето за промена на овластеното лице. И управителот и овластеното лице мора да го потпишат овој документ. 

Информирајте се за нивоата на овластување

Имајте предвид дека постојат повеќе нивоа на овластување, од кои секое одобрува различни нивоа на пристап и контрола врз вашата сметка. Изберете соодветно ниво на овластување што се усогласува со одговорностите што сакате да ги делегирате. 

деловна ефикасност нивоа на овластување

Нивоа на овластување 

Ниво А– овластување за работа со сметка кое вклучува неограничено самостојно располагање со паричните средства од сметката. Овластено лице со ниво А може да користи MasterCard и/или ProCard дебитна картичка и/или онлајн услуги поврзани со платежната сметка со можност за вршење плаќања.

Ниво Б – овластување за работа со сметка кое вклучува располагање со паричните средства од сметката, но исклучиво заедно со лице кое е овластено за работа со сметката со ниво А или со лице кое е овластено за работа со сметката со ниво Б. Овластено лице со ниво Б може да користи ProCard дебитна картичка и/или онлајн услуги поврзани со платежна сметка со можност за вршење плаќања.

Ниво Ц – овластување за работа со сметка кое вклучува располагање со паричните средства од сметката, но исклучиво заедно со лице кое е овластено за работа со сметката со ниво А. Овластено лице со ниво Ц може да користи пристап до Системот за онлајн услуги поврзани со платежна сметка за преглед на сметки.

Ниво Д – овластување за работа со сметка кое вклучува преглед по сметка и можност единствено за подготовка, односно регистрирање на налози за плаќање, преку Системот за онлајн услуги поврзани со платежна сметка при што налозите ќе се реализираат исклучиво по нивно одобрување од страна на лице со овластување за работа со сметката/ите со ниво А или ниво Б соодветно.

Нивоата на овластување не вклучуваат овластување за затворање на платежна сметка од страна на лицата овластени по сметка, а вклучуваат овластување за затворање на орочена сметка.

Поднесете ги документите

Подготвените документи доставете ги до вашата банка. Банката ќе го обработи барањето и соодветно ќе ги ажурира овластените потписници на сметката.

Следејќи ги овие едноставни чекори, можете да го рационализирате финансиското управување на вашиот бизнис, што ќе ви овозможи поголема деловна ефикасност. 

Назначете прокурист 

Друг ефикасен начин за делегирање на административни задачи е назначувањето прокурист. Што значи ова? Прокурист е физичко лице кое има најшироко комерцијално полномошно, што му овозможува да извршува широк спектар на правни и административни дејствија во име на вашиот бизнис.  

Прокуристот може да склучува договори, да врши правни работи и да го застапува друштвото во постапките пред управните и државните органи. Ова му овозможува на сопственикот на бизнисот да му делегира на прокуристот голем дел од административните одговорности. 

Односите меѓу трговското друштво и прокуристот, вклучително и надоместокот, се уредуваат со договор. Меѓутоа, прокуристот не може да го отуѓи или оптоварува недвижниот имот на компанијата без посебно овластување. 

Прокуристот поседува посебен вид комерцијално полномошно што може да го додели само правно лице на деловно способно физичко лице. Ова полномошно е непреносливо и може да се отповика во секое време, без оглед на основаниот правен однос. 

За да може да врши дејствија, прокуристот треба да се регистрира во Трговскиот регистар за да се формализира авторитетот и да се обезбеди усогласеност со законските барања. 

Со назначување на прокурист, сопствениците на бизниси можат значително да се ослободат од административни оптоварувања.  

Делегирањето на административни и сметководствени задачи преку овластување на потписник и назначување прокурист може значително да ја подобри вашата деловна ефикасност. Овластувањето на доверливи соработници да управуваат со административните процеси на вашиот бизнис ви овозможува да посветите повеќе време и енергија за поттикнување на раст и иновации. 

Како да го оптимизираш твојот буџет и да го направиш ова лето незаборавно

Летото е во полн ек, заедно со сите негови предности – патувања, дружења, музички фестивали, авантури и бескрајна забава. Но, дали големиот избор на активности исто така значи дека ќе ти биде потребен поголем буџет за да ги исполниш сите желби? Не мора да е така. Ако го отвориш умот за креативност и малку финансиска едукација ќе се изненадиш што сè можеш да постигнеш!

Продолжи да читаш и дознај како можноста за забава не запира кога ќе научиш како паметно да ги распределуваш твоите финансии.

Реупотреба и пренамена на предмети? Tоп идеја за твојот буџет!  

Кој вели дека треба да купиш сè ново? Со повторната употреба на предмети што веќе ги имаш не само што ќе заштедиш пари, туку и ќе помогнеш во зачувувањето на околината. А тоа е една голема дополнителна придобивка за сите!  

Во сечиј дом има стари, но добро зачувани предмети коишто вредат повторно да бидат употребени. Освен тоа што се тотално кул и повторно во мода, овие предмети обично имаат одличен квалитет и голема трајност.  

На пример, пробај да пронајдеш сочувана облека и дај ѝ простор на твојата креативност. Старите ретро панталони се повторно во мода, доработи ги по твои мерки и подготви се за комплименти од друштвото. Долгите кошули лесно може да се претворат во фустан, износените фармерки може да се претворат во летни шорцеви, старата кожна јакна и ташна можат да се обноват и повторно да заблескаат.  

оптимизирај го твојот буџет

За уште поголема заштеда, можеш да реставрираш стари предмети за уредување на новиот дом или соба. Ламби, каучи, фотелји, наткасни, масички, шкафчиња, вазни, саксии, речиси сè што ти изгледа старо може многу лесно да стане твојот нов омилен предмет во домот.  

Освен боење или тапацирање во светли, модерни бои, на интернет имаш безброј идеи како на старите предмети да им дадеш нова улога во домот. И знаеш што? Ако го вклучиш друштвото во овие активности добиваш бонус незаборавна дружба со многу анегдоти и смеење!      

оптимизирај го твојот буџет

 

Не знаеш дали да се забавуваш или да заработуваш? А, зошто не и двете?   

Летото може да ни понуди многу забава, но може и да се искористи за дополнителна заработка или стекнување искуство. На пример, ако побараш работа на плажа, може цело лето да го поминеш покрај вода и истовремено да заработуваш. Дополнително, ќе стекнеш многу нови искуства и пријатели со коишто те очекуваат уште повеќе доживувања. 

Уште една супер идеја за заработка е фриленс работата. Сигурно има нешто што ти оди добро: пишување текстови, дизајнирање, фотографирање, управување со социјални медиуми. Зошто да не ја искористиш можноста да поработиш на овие вештини и на твојот буџет истовремено?

Една од главните придобивки од фриленс работата е тоа што можеш да работиш од каде било и да поставиш свое работно време. Замисли, уживаш во свежиот воздух на планина или на твојата омилена плажа.  

оптимизирај го твојот буџет

Планирај ги активностите и твојот буџет. Остави ја спонтаноста за забава!  

Спонтаноста е одлична каректеристика, но планирањето на активностите може да ти заштеди многу време и средства подоцна. На пример, откако ќе одлучиш каде сакаш да патуваш ова лето, направи си план на активности. Зошто да платиш дупло повеќе за сместување, за храна и забава, ако постои можност да ги имаш истите доживувања за помалку пари? 

Поразговарај со некој што го посетил истото место да ти даде насоки од искуство. Прочитај на интернет како се забавуваат локалните жители, разгледај ги цените, побарај информации за активни кампањи и попусти. Пронајди ги скриените бисери на местото што сакаш да го посетиш каде што можеш да уживаш во убава глетка или забава без да потрошиш многу пари. 

Волонтирањето е уште еден паметен начин да си овозможиш патувања и доживувања без оптеретување на твојот буџет. Разгледај ги опциите да се приклучиш на тим волонтери и да помогнеш во организација на настани, концерти или филмски фестивали, што ќе ти овозможи да ги посетиш бесплатно. Волонтерските активности за различни еко акции исто така може да ти обезбедат интересни патувања.    

Дружбите со пријателите или партнерот не мора секој пат да го оптеретуваат твојот буџет. Наместо да го поминете целиот ден во ресторани и кафулиња, повозете се со велосипеди до атрактивна дестинација во близина. Или, поделете ги трошоците за пат до место што досега не сте го посетиле, спакувајте храна и пијалаци од дома и уживајте во природа

Оптимизирај го твојот буџет за секојдневните потреби, сочувај средства за нови искуства! 

Голем дел од нашиот буџет оди на несвесни и непотребни трошоци. Ако се обидеш да го спречиш ова, ќе се изненадиш колку повеќе пари ќе имаш на располагање секој месец. Еве неколку практични примери.  

Планирај ги твоите оброци. Дали знаеш колку пари фрлаш во отпад со секоја заборавена, расипана храна? Не купувај повеќе намирници отколку што ти се потребни. Секогаш прави шопинг листа и користи ги информациите онлајн за попустите во различните продавници. Проверувај ги веб страниците и апликациите за купони со попусти. Можеби токму тоа што ти треба во моментот можеш да го купиш за двојно помалку пари. 

Користи велосипед наместо автомобил или автобус. Освен тоа што ќе заштедиш пари, ќе помогнеш во зачувување на околината и ќе останеш фит. Секогаш кога си во можност користи дигитални услуги што ти овозможуваат да ги завршиш твоите обврски онлајн, како што се дигиталните банкарски услуги.  

Постојат бесплатни пакети за млади коишто нудат решенија за сите твои банкарски потреби, што ти овозможува максимално уживање во твоето динамично секојдневие. Дигиталната банка ти дозволува да управуваш со твоите финансии во секое време од твојот мобилен или компјутер, што покрај буџет, ти заштедува и време. 

Научи паметно да ги распределуваш твоите финансии и да заштедиш, лесно е!  

Обиди се да се придржуваш до правилото 50-30-20. Ова е метод кој ти овозможува полесно да го менаџираш твојот буџет. Поконкретно 50% се наменети за секојдневни трошоци, храна, превоз и слично, 30% се наменети за излегувања, патувања, концерти и 20% се за заштеда на средства. Ова правило ќе ти помогне да реализираш сѐ што ќе замислиш и притоа да заштедиш. 

Мислиш дека не знаеш да штедиш? Управувањето со средствата може да биде многу едноставно доколку си поставиш одредени цели. На пример, ова лето можеш да си поставиш неколку реалистични цели како што е на пример одењето на концерт на омилен артист, посета на некој град или запишување на курс. 

оптимизирај го твојот буџет

Ако редовно се потсетуваш на твојата цел ќе успееш да ја одржиш мотивацијата. Имајќи јасна визија за што штедиш и како ќе се чувствуваш подоцна, полесно е да да ја задржиш дисциплината и да ја досигнеш целта.  

Штедењето е навика која се стекнува, затоа немој да се разочараш ако на првиот обид не успееш да оствариш баш сè како што ќе замислиш. За почеток, од голема помош може да ти бидат можностите за флексибилно штедење.  

Што е флексибилна штедна сметка? Тоа е сметка на којашто можеш во секое време да одлучуваш колку пари сакаш да оставиш за штедење, а колку сакаш да повлечеш за користење. Ова ќе ти помогне малку посвесно да го распределуваш твојот буџет отколку кога се обидуваш да штедиш и да трошиш од истата сметка или парите во новчаник.   

Флексибилната штедна сметка е само една од многуте услуги што можеш да ги добиеш со бесплатниот ProYOUng пакет за млади на ПроКредит Банка. А за сето ова да биде уште позабавно, со пакетот добиваш и гратис 6 месечна претплата на Spotify Premium! 

Каков тип на фирма да избереш кога основаш сопствен бизнис

Кога започнуваш бизнис, од клучно значење е изборот на соодветната правна структура, односно фирма. Затоа се обидовме да ти ги поедноставиме најчестите типови деловни субјекти. Ги издвоивме нивните клучни карактеристики и разлики за да ти помогнеме да донесеш информирана одлука.

Тип на фирма – Трговец поединец (ТП) 

Овој тип на фирма е идеален за поединци кои нудат услуги под нивно име, како што се занаетчиите и уметниците. 

Главни карактеристики на ТП

  • Ниски трошоци за почеток: Отворањето на фирма чини околу 50% помалку од другите форми на деловни субјекти. 
  • Пониски годишни надоместоци: Годишниот надоместок за фирмарина е 2000 денари, драстично понизок од оној на другите типови на компании. 
  • Не е потребен почетен капитал: За разлика од ДОО и ДООЕЛ за кои е потребен основачки влог од 5000 евра, трговците поединци го немаат овој почетен трошок.  
  • Флексибилни опции за плата: Сопствениците можат да изберат да ги плаќаат само задолжителните придонеси (46% од платата) или целата бруто плата. 
  • Регрес: Регрес за годишен одмор (К-15) мора да се обезбеди доколку има вработени, но не е задолжително истиот да се уплати за управителот.
  • Лична одговорност: Сопственикот одговара со целиот свој личен имот во случај на долгови или правни прашања. Ова значи дека во случај на оперативни неправилности или судски извршни пресуди, личниот имот може да биде запленет. 
  • Комплексно затворање: Ликвидацијата на фирмата и стечајната постапка може да бидат долги и сложени. 

Тип на фирма – Друштво со ограничена одговорност основано од едно лице (ДООЕЛ) 

Ова е идеално решение за оние кои започнале како трговци поединци и сега сакаат да го прошират својот бизнис. 

Главни карактеристики на ДООЕЛ

  • Управување и одговорност: Управувано од едно лице кое одговара само со средствата на компанијата. 
  • Повисоки трошоци за основање: Може да се основа или со готовински депозит од 5000 евра или со материјален депозит со еквивалентна вредност (на пр. возила, објекти, опрема). 
  • Повисоки годишни надоместоци: Надоместокот за фирмарина е повисок од оној за Трговец поединец. 
  • Задолжителни исплати на целосна плата: Целата бруто плата мора да се исплаќа месечно без исклучок. 
  • Регрес: Регрес за годишен одмор (К-15) мора да им се обезбеди на сите вработени, вклучувајќи го и менаџерот. 
  • Побрзо затворање: Процесот на затворање на компанијата е побрз во споредба со трговците поединци. 

Тип на фирма – Друштво со ограничена одговорност (ДОО) 

Можност за основање бизнис со еден или повеќе партнери каде сопственоста е поделена на сите основачи. 

Главни карактеристики на ДОО

  • Поделена одговорност: Компанија основана од неколку лица кои споделуваат одговорност којашто е ограничена на средствата на компанијата, а не на нивниот личен имот.  
  • Флексибилни опции за основање: Слично на ДООЕЛ, може да се основа со готовина или материјален депозит од 5000 евра. 
  • Повисоки годишни надоместоци: Надоместоците на компанијата се повисоки, 7000 денари годишно со дополнителна наплата од 2000 денари за секоја подружница. 
  • Задолжителни исплати на целосна плата: Целосната бруто плата мора да се исплаќа секој месец. 
  • Регрес: Регрес за годишен одмор (К-15) мора да им се обезбеди на сите вработени и на управителот. 
  • Побрзо затворање: ДОО компанија е полесно да се затвори во споредба со трговците поединци. 

Тип на фирма – Поедноставено друштво со ограничена одговорност (ПДОО) 

Одлично решение за млади претприемачи со иновативни идеи или поединци и мали групи (до тројца основачи) кои имаат ограничен почетен капитал, но сакаат да започнат бизнис. Воведувањето на овој облик на деловен субјект има за цел да ја намали сивата економија и да ја зголеми конкурентноста на бизнисот. Оттаму, ПДОО има многу заеднички карактеристики со ДОО, но и неколку разлики што го издвојуваат како посебен, различен облик на деловен субјект.

Главни карактеристики на ПДОО што го издвојуваат од ДОО

  • Минимален основачки капитал: Може да се воспостави со минимален капитал од 1 евро во денарска противвредност. 
  • Задолжителна резерва: Друштвото мора да има задолжителна резерва, во која треба да се внесе една четвртина од добивката што е прикажана во годишните финансиски извештаи, намалена за износот на загубата од претходната година.
  • Целосно плаќање пред регистрација: Акциите мора целосно да се платат пред да се регистрира компанијата. 

Изборот на соодветна правна структура зависи од твоите деловни цели, ресурси и можност за толеранција на ризик. Ако ги разбираш опциите што ги имаш на располагање, веќе си чекор поблизу до започнување на твојата авантура во светот на претприемништвото.

За основање на фирма секако ти се потребни овластени правни субјекти, но ние сме тука да ти помогнеме со совети и иновативни банкарски решенија. Следи го нашиот блог каде ќе те водиме низ сите чекори во процесот на започнување на сопствен бизнис. За тоа е тука и нашиот серијал „Бизнис минути” на социјалните мрежи.

 

Сакам да отворам сопствен бизнис, кои се првите чекори за започнување на процесот?

Ако си тука, веќе сме сигурни дека сакаш да отвориш своја компанија. Честитки, овој чекор е храбар и исполнет со носење на важни одлуки кои ја поставуваат основата за идниот успех во градењето на сопствен бизнис.

На самиот почеток, важно е да знаеш дека си на вистинското место, затоа што ПроКредит банка повеќе од 20 години ги поддржува малите и средните претпријатија, што ни дава кредибилитет, знаење, експертиза и искуство да креираме решенија коишто се адаптирани за претприемачите како тебе.

Знаеме дека започнувањето и водењето на сопствен бизнис е предизвик од многу аспекти и после идејата за остварување на сопствен бизнис, следуваат првите прашања кои често ни доаѓаат на ум, како на пример: Како се основа една фирма? Дали јас можам да бидам основач? Кои се условите? Како и каде да се регистрирам?

Што треба да знаеш пред да отвориш сопствен бизнис?

Еден од првите чекори е да разбереш кој всушност може да основа компанија и каква правна структура најдобро ќе одговара на потребите. Во овој блог пост, ќе се обидеме да ви одговориме на овие прашања.

Основач на фирма може да бидe домашнo и странскo физичкo или правнo лицe. Тоа значи дека секој македонски државјанин или странско лице може да регистрира компанија кај нас.

Важно е да се знае дека процесот на основање, отворање на фирма или регистрација на трговско друштво, се спроведува од овластен регистрационен агент (адвокат) кој по електронски пат ги доставува потребните документи до Централен регистар на Република Северна Македонија:

  • Договор или изјава за основање
  • Фотокопија од документ за идентификација (лична карта или пасош)
  • Доказ за уплата на паричен влог
  • Одлука за избор на управител

За да може да се основа компанија треба да се има и минимален основачки влог, кој се разликува во зависност од тоа за каква правна форма станува збор.

Каква форма на сопствен бизнис сакаш да основаш?

Доколку станува збор за ДОО или ДООЕЛ потребна минимална главнина е минимум 5 000 евра во денарска противвредност или непаричен влог во истата вредност. ДОО односно друштво со ограничена одговорност е кога основачи на фирмата се 2 или повеќе лица и тие одговараат ограничено со својот имот, додека доколку едно лице е основач станува збор за ДООЕЛ.

ТП или трговец поединец е фирма исто регистрирана од едно лице, со што разликата со ДООЕЛ е што кај ТП нема основачки влог и сопственикот / трговецот одговара целосно со својот имот без ограничување.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за трговски друштва бр. 251/2021 објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ на 16.09.2021г.  предвидена е нова форма на друштво – Поедноставено друштво со ограничена одговорност или скратено ПДОО.  Доколку се регистрира оваа форма на правно лице, минимален влог е 1 евро и не може да биде основано од повеќе од 3 лица.

ПДОО – решение за младите претприемачи

Целта на законските измени и воведување на оваа правна форма е да се овозможи основање на друштва со минимален износ на основачки капитал, за категоријата на граѓани кои сакаат да започнат сопствен бизнис, но немаат доволно финансиски средства за основање на Друштво со ограничена одговорност каде основачкиот капитал е 5000 евра.

Со ова се дава можност за започнување на бизнис со минимален износ на основачки капитал, со што би се зголемила можноста за основање на друштва од млади лица со иновативни идеи, кои не располагаат со почетен сопствен капитал, а од друга страна, би се зголемила конкурентноста и би се намалила сивата економија во државата.

Започнувањето на сопствен бизнис е навистина голем чекор, но важно е да ги разбереш основните работи. Познавајќи ги основите, веќе започна со донесување на паметни одлуки.

За тековни совети и информации, следи го нашиот блог каде ќе те водиме низ процесот на започнување на сопствен бизнис, заедно со серијалот „Бизнис минути” на ПроКредит Банка на социјалните мрежи.

Што поддржуваш со парите на твојата банкарска сметка?

Кога зборуваме за индивидуални еколошки навики и промени, најчесто не ни паѓа на памет дека со изборот за тоа каде ги чуваме нашите пари, ние индиректно придонесуваме кон финансирање на активности и поддршка на истите.

Дали знаете каде вашата банка ги реинвестира вашите пари? На што работи одделот за животна средина во ПроКредит Банка? Кои се и како се избираат активностите кои ја загрозуваат животната и општествената средина и не се кредитираат од страна на банката?

Добринка Стефанова, Директорка на одделот за управување со животната средина во ПроКредит Банка, разговара не само на овие теми, туку и за нејзиното 10 годишно искуство како вработена во банката. За нејзиното унапредување по враќањето од породилно што е реткост, и уште многу други примери за како една општествено одговорна компанија треба да се однесува кон своите вработени.

Интервју на YesforLessPodcast со Добринка Стефанова од ПроКредит Банка

Дали знаете дека банките имаат значителен удел во одредувањето на насоката во којашто ќе се движи економијата? Нивото до коешто тие инвестираат во одржлива иднина значително ја менува сликата што можеме да ја очекуваме во иднина.

Почнувајќи од вложувања во решенија за следење на CO2 отпечатокот па сѐ до понуда на кредити за фотоволтаични централи, сите „зелени“ иницијативи на банките прават разлика за сите нас. Оттаму, тие мора да бидат едни од лидерите при справувањето со глобалните предизвици. За справување со климатските промени, социјалната нееднаквост, ранливоста на енергетските системи и одржливоста на социо-економското опкружување потребна е визија и цврсти принципи на одговорно банкарство.

Како да знаете дали вашите пари ги оставате во одговорна банка?

Накратко, одговорна банка во овој контекст, е банка која дејствува во насока на одржлив развој и заштита на животната средина. Ова се однесува на одржливо финансирање на проекти кои имаат позитивен ефект врз природата со фокус на инвестирање во обновливи извори на енергија и социјално одговорни бизниси. Основа за одржливо работење од страна на банките насекаде во светот е ESG концептот (Environment, Social, Governance).

За повеќе информации што е одговорна банка прочитајте тука.

Патувај паметно со ПроКредит Банка: користи дигитална менувачница преку мобилната апликација и повлекувај евра од банкомат

Во екот на летната сезона сите сме фокусирани на планирање на патувањата што нѐ очекуваат. Ова искуство носи многу позитивни чувства, но истовремено и грижа околу организацијата на целото патување и сместувањето. Една од најголемите грижи пред самото тргнување е подготовката на патните документи и парите за патување. За брзо, практично и пакување без стрес, ја воведовме функционалноста за повлекување евра од банкомат и употреба на брза менувачница преку мобилна апликација.

ПроКредит е единствената банка во Македонија што ја нуди оваа иновативна услуга, затоа додека се подготвувате за следното патување, за вас обезбедивме неколку важни информации кои ќе ви помогнат да бидете информирани во секое време.

Што треба да знаете за онлајн менувачницата и повлекувањето евра од банкомат? 

За користењето на оваа услуга на ПроКредит банка, важно е да знаете дека: 

Можете да вршите уплата во денари и евра на банкомат 

На нашите банкомати можете да уплаќате средства и во денари и во евра, на вашата трансакциска или штедна сметка. Единствен услов за да можете да ја користите оваа услуга е да имате отворено девизна сметка и денарска трансакциска сметка во ПроКредит банка. Секакако, доколку сакате да уплаќате средства за штедење во денари и евра, треба да имате отворено денарска и девизна штедна сметка.

Уплаќањето на средства на нашите банкомати ви нуди многу поволности. Уплатата можете да ја извршите во кое било време во нашите 24/7 зони. Модерните банкомати автоматски ги конвертираат вашите средства од евра во денари. Тоа значи дека можете уплатата да ја извршите во евра и со избирањето на вашата денарска сметка средствата автоматски се конвертираат во денари.  

Освен банкоматите, во ПроКредит Банка на располагање ви е и онлајн менувачницата којашто е достапна во секое време преку нашата мобилна апликација.

Можете да повлекувате и денари и евра од банкомат 

На ПроКредит банкоматите можете и да повлекувате средства во денари и евра од вашите трансакциски сметки. Мобилната апликација ќе ви биде потребна и за повлекување евра од банкомат. Односно, ќе треба да ја искористите бесплатната менувачница што е достапна на нашата апликација, преку којашто брзо и лесно ќе префрлите средства од денарската на девизната сметка. Веднаш по префрлањето онлајн, на банкомат ќе можете да ги повлечете средствата во евра. Целиот овој процес трае помалку од 3 минути.

За повлекување средства од штедните сметки потребно е прво преку мобилната апликација да ги префрлите средствата од штедната на соодветната трансакциска сметка и тие веднаш ќе бидат достапни за повлекување од банкомат.

Преку мобилната апликација можете да го менаџирате и вашиот дневен лимит за подигнување пари од банкомат до 300.000 денари доколку имате потреба од поголем износ на пари во кеш.

Кои се бенефитите од користење на оваа услуга?  

Покрај очигледните придобивки, дополнително со оваа функционалост ќе бидете сигурни дека вашите трансакции се секогаш безбедни. Оваа услуга која е достапна 24/7, е дизајнирана да ги задоволи потребите на клиентите кои патуваат надвор од земјата и кои имаат потреба од флексибилност во менаџирање на своето време. Со можноста да имате лесен и безбеден пристап до вашите средства, ви помагаме да се фокусирате на она што е најважно – уживање во вашите патувања и искуства.

Ви посакуваме среќен пат!