February 2025 - ProCredit Blog

Процес и рокови за поднесување финансиски извештаи 

Финансиските извештаи не се само законска обврска во деловниот свет, туку и важен дел од успешното и транспарентно работење на секоја компанија. Секој трговец или подружница на друштво во Република Северна Македонија, по истекот на деловната година е должен да подготви годишна сметка. Трговците по истекот на деловната година, составуваат и финансиски извештаи.  

Што значи тоа? Во продолжение на овој текст ќе ги пронајдете сите важни информации поврзани со роковите и процесот на поднесување на финансиските извештаи, како и дополнителни детали кои ќе ви помогнат подобро да го разберете овој клучен аспект на деловното работење. 

Што се финансиски извештаи? 

Финансиските извештаи се формални документи кои ја прикажуваат финансиската состојба и перформанси на едно претпријатие за одреден временски период. Тие се составен дел од процесот на финансиско известување и служат како основа за донесување деловни одлуки, како за внатрешни така и за надворешни заинтересирани страни. Годишната сметка вклучува биланс на состојба и биланс на успех. Финансиските извештаи вклучуваат биланс на состојба и биланс на успех, извештај за промените во главнината, извештај за паричните текови, применетите сметководствени политики и други објаснувачки белешки. 

Овие документи се подготвуваат во согласност со сметководствените стандарди и даваат сеопфатна слика за финансиското здравје на компанијата. Тие се клучни за инвеститорите, кредиторите, регулаторните тела и другите заинтересирани страни при оценувањето на финансиската состојба и перформанси на компанијата. 

Потребни обрасци за исполнување на финансискиот извештај 

Комплетот на обрасци за финансиски извештаи вклучува: 

  • Биланс на состојба (Извештај за финансиската состојба) 
  • Биланс на успех (Извештај за добивка или загуба и Извештај за останата сеопфатна добивка) 
  • Дополнителни податоци за државна евиденција (ДЕ образец) 
  • Образец за структура на приходи по дејности (СПД) 
  • Објаснувачки белешки кон годишната сметка 
  • Уверение за сметководител/овластен сметководител издадено од ИСОС 
  • Изјава од подносителот под морална, материјална и кривична одговорност за точноста и вистинитоста на податоците искажани во годишната сметка и финансискиот извештај, освен кога годишната сметка и финансискиот извештај се поднесуваат во електронска форма, при што истата се потпишува со електронски потпис. 

Секој од овие документи има специфична улога во создавањето на целосна слика за финансиската состојба на компанијата. На пример, ДЕ образецот обезбедува дополнителни информации потребни за државната статистика, додека СПД образецот ја прикажува структурата на приходите по различни дејности на компанијата. 

Процес на поднесување на годишната завршна сметка  

Процесот на поднесување на финансиските извештаи вклучува неколку чекори кои треба внимателно да се следат за да се обезбеди точност и навременост.  

  1. Подготовка на документи: Подгответе ги сите потребни финансиски извештаи, како што се биланс на состојба, биланс на успех, извештај за парични текови и извештај за промени во капиталот. Проверете дали сите податоци се точни и ажурирани. 
  1. Електронско поднесување: Најавете се на системот на Централниот регистар на Република Северна Македонија (ЦРРСМ) со вашето корисничко име и лозинка. Потребно е да имате валиден дигитален сертификат и инсталирана екстензија за дигитално потпишување на XML документи. 
  1. Пополнување обрасци: Пополнете ги потребните обрасци и прикачете ги сите потребни прилози, како што се објаснувачки белешки или известување за немање деловна активност. 
  1. Потпишување и поднесување: Потпишете ја годишната сметка со вашиот квалификуван дигитален сертификат и поднесете ја преку системот. 
  1. Потврда за прием: По поднесувањето, ќе добиете потврда за прием која треба да ја зачувате како доказ дека сте ја исполниле вашата обврска. 
  1. Рокови: Рокот за доставување на годишна сметка е крајот на месец февруари.  Правните субјекти основани согласно Законот за трговски друштва кои годишните сметки ги доставуваат во електронска форма имаат рок до 15 март. 

Рокови за поднесување финансиски извештаи  

Почитувањето на роковите за поднесување на финансиските извештаи е од суштинско значење за усогласеност на друштвата со законските барања.  

Годишната сметка се доставува до Централниот регистар до крајот на месец февруари наредната година, односно во рок од 60 дена од денот на отворањето на постапката за ликвидација или стечајна постапка или на настанувањето на статусна промена, а сметките изготвени за покуси периоди се доставуваат до крајот на наредниот месец по истекот на последниот месец од пресметковниот период.  

Правните субјекти основани согласно Законот за трговски друштва, кои годишните сметки ги доставуваат во електронска форма имаат рок до 15 март. Доколку 15 март е неработен ден, недела, истиот се префрла на наредниот ден (16 март). 

Субјектите кои нема да ги достават годишните сметки во законските утврдени рокови плаќаат посебен надоместок утврден со Тарифата на Централниот регистар, додека субјектите кои водат сметководство согласно Законот за трговски друштва покрај надоместокот доставуваат и ревизорски извештај. 

Важно е да се напомене дека рокот за изготвување на годишната сметка не може да биде подолг од два месеци по истекот на деловната година, освен ако надлежниот државен орган не го продолжи на три месеца. Ова продолжување може да се случи во исклучителни околности и бара официјално одобрение. 

Потписници на финансиските извештаи 

Финансиските извештаи треба да бидат потпишани од следните лица: 

  1. Одговорното лице на правното лице (директор или управител): Овој потпис потврдува дека извештаите се одобрени од највисокото раководство на компанијата.  
  1. Главниот сметководител: Потписот на главниот сметководител гарантира дека извештаите се подготвени во согласност со важечките сметководствени стандарди и практики. 
  1. Овластен ревизор: Доколку компанијата е предмет на ревизија, финансиските извештаи треба да бидат потпишани и од овластениот ревизор. 

Овие потписи не се само формалност, туку носат значителна правна и професионална одговорност за точноста на презентираните информации. 

Посебни случаи (исклучоци) 

  • Трговци со сезонски карактер: Можат да поднесат годишна сметка и финансиски извештаи за деловната година различна од календарската, со одобрение од Министерството за финансии, врз основа на посебно барање на трговецот. 
  • Неактивни трговски поединци или друштва: Должни се да достават Известување за немање деловна активност, заедно со годишна сметка со податоци на потпишаните обрасци, најдоцна до последниот ден од истекот на законскиот рок за кој се поднесуваат годишните сметки. Ова е важно за одржување на статусот на компанијата во трговскиот регистар. 
  • Задоцнето поднесување: Субјектите кои нема да поднесат извештаи во законски утврдениот рок, мора да достават годишна сметка и финансиски извештаи до Централниот регистар на Република Северна Македонија со претходно извршена ревизија од овластен ревизор.  

Навременото и точно поднесување на завршна годишна сметка и финансиски извештаи е клучно за законско работење на секое претпријатие. Придржувањето кон пропишаните рокови и процедури ја исполнува законската обврска и придонесува за транспарентност и доверба во бизнис заедницата. 

Конечно, важно е да се нагласи дека финансиското известување е континуиран процес кој бара постојано внимание и ажурирање. Компаниите треба да развијат внатрешни системи и процедури за следење на финансиските податоци во текот на целата година, што ќе го олесни процесот на подготовка и поднесување на годишните извештаи. 

Со внимателно планирање, добра организација и разбирање на законските барања, компаниите можат ефикасно да управуваат со процесот на финансиско известување, обезбедувајќи усогласеност со законите и градејќи цврста основа за иден раст и успех. 

Како да создадеш бизнис на иднината преку Design Thinking? Разговор со Александар Стамболиев и Никола Огненовски

Во време кога стартап сцената се менува побрзо од било кога, кои се најдобрите стратегии за претприемачите да преживеат и напредуваат? Зошто Design Thinking станува „супермоќ“ за младите бизниси? И како ПроКредит Банка поддржува иновативни проекти? Разговараме со двајца експерти во областа:

• Александар Стамболиев, извршен директор на Бизнис Акцелератор УКИМ (БАУ), со повеќе од 26 години искуство во стартап екосистеми, проект менаџмент и економски развој.

• Никола Огненовски, портфолио менаџер на УКИМ (БАУ), стратег во стартап и претприемачки екосистеми, кој помага на иноватори да пристапат до инвестиции, менторство и глобални пазари.

Ако имавте само една реченица за да го објасните Design Thinking, што би кажале?

Александар: Би рекол – “Најдобрите решенија доаѓаат од корисниците, а не од бизнисите. Design Thinking не те учи како да продаваш подобро, туку како да разбереш што навистина им треба на луѓето.

Никола: Јас би додал – Тоа е методологија што повеќе те тера да прашуваш, отколку да одговараш. Наместо веднаш да креираш продукт, прво се учиш да гледаш низ очите на клиентот.

Најчеста грешка што ја прават стартапите кога развиваат бизнис идеја?

Александар: Го засакуваат своето решение повеќе отколку проблемот што го решаваат. Ова е фатално! Сите сакаат да измислат нешто револуционерно, но многу малку луѓе го поминуваат клучниот чекор – проверка дали некој навистина го сака тоа.

Никола: И уште полошо – се плашат од неуспех! Design Thinking нè учи дека најдобриот начин да успееш е постојано да ги следиш потребите на твојот клиент, односно да не успееш брзо и евтино, туку со многу адаптирања на твојот производ и услуга, соработувајќи токму со твојот потенцијален клиент да инвестираш години во развој што му е потребен нему. Со други зборови, треба да научите како да го тестирате вашиот продукт дали одговара на пазарот, водејќи се според следново: креирај – тестирај – согледувај го неуспехот и повторувај повторно и повторно додека не го создадеш совршениот производ кој одговара на пазарот.

Колку македонските претприемачи се подготвени да ја прифатат оваа методологија?

Александар: Да бидеме искрени – традиционално, македонскиот бизнис менталитет повеќе ја следи логиката: „Имам добра идеја, сега само треба да најдам некој што ќе ја купи.“ Но, светот веќе не функционира така. Најголемите компании инвестираат милиони во истражување на корисниците пред да го пласираат својот производ.

Никола: Од друга страна, гледаме нова генерација на млади претприемачи кои размислуваат глобално. Тие сфаќаат дека без правилна методологија, идеите остануваат само идеи. Нашата мисија е да им помогнеме да направат пресврт – да размислуваат стратешки, да тестираат брзо и да создаваат реална вредност.

Во рамки на програмата на ПроКредит Банка и ЕБОР, кои се најголемите можности за младите претприемачи?

Александар: ПроКредит Банка и ЕБОР ја разбираат потребата од иновативно претприемништво, па преку ПроБиз пакетот нудат сеопфатна поддршка за младите што сакаат да изградат одржлив бизнис.

Никола: Она што е особено важно е што не се работи само за финансиска поддршка – ова е инвестирање во знаење, мрежи и пристап до вистински ресурси. Кога имаш банка што не гледа само на бројките, туку и на потенцијалот на идејата, тоа го менува целото искуство на младите претприемачи.

Можете ли да споделите интересен пример за Design Thinking во пракса?

Александар: Ќе ви дадам еден неочекуван пример – Airbnb. Кога првично се обидувале да го зголемат бројот на резервации, сфатиле дека корисниците не кликаат на понуди со лоши фотографии. Наместо да инвестираат во реклами, тимот изнајмил професионални фотографи за да ги подобрат сликите на домовите. Тоа било пресвртниот момент кога нивниот бизнис почнал експоненцијално да расте.

Никола: Еве еден локален пример – млад македонски стартап од нашата акцелераторска програма, кој наместо да инвестира огромен буџет во развој на апликација, прво направи едноставен Instagram профил за тестирање на побарувачката. За неколку месеци имаа доволно корисници за да докажат дека нивниот модел функционира.

Најдобриот совет што би им го дале на претприемачите кои сакаат да применат Design Thinking?

Александар: Не си ја сакајте идејата, засакајте си го проблемот! Штом тоа го направите, секое решение што ќе го создадете ќе биде многу подобро.

Никола: И излезете од канцеларија! Вашите одговори не се во Google Analytics или во Excel табели – тие се на терен, во разговорите со потенцијалните клиенти.

Зошто да дојдеме на Design Thinking работилницата во Битола?

Александар: Бидејќи во 4 часа ќе научите нешто што може целосно да го смени начинот на кој размислувате за иднината на својот бизнис.

Никола: А и затоа што бројот на места е ограничен! Ако чекате, можеби ќе треба да слушате за оваа работилница од некој кој веќе ја искористил шансата.

19 февруари, Utopia Business Club, Битола. Пријави се на овој линк

Програмата ЕБОР „Млади во бизнис” е поддржана од Европската Унија, Шведска преку Шведската агенција за меѓународна развојна соработка, Италија преку Централноевропската иницијатива и Луксембург преку Фондот за малите бизниси на ЕБОР.

Програмата „Млади во бизнис” во Македонија единствено се пласира преку ПроКредит Банка и им помага на малите и средните претпријатија кои се во сопственост или управувани од млади претприемачи до 35 години да пристапат до знаење, експертиза, финансии и други клучни ресурси за да ги надминат своите предизвици и да го реализираат својот потенцијал. Целта на програмата е да поттикне раст, иновации и финансиско зајакнување, со што ќе се редефинира пејзажот за малите и средни бизниси кои се двигателите на економскиот развој во земјава.

Еко кредити – вашата поддршка за зелена иднина

Во денешно време, сè повеќе се зборува за одржливи решенија кои не само што се наменети да го штитат природното богатство, туку и да ги подобруваат нашите животи. Затоа темата на која зборуваме во овој текст се еко кредити, односно финансиски производи кои имаат за цел да поддржат индивидуалци и бизниси во нивните зелени проекти. Доколку сакате да придонесете за поздрава средина и одржлива иднина, еко кредитите се можност да направите токму тоа. Прочитајте во продолжение зошто еко кредитите се иднината на банкарството.

Зошто користењето на еко кредити е важно?

Со користење на еко кредити, секој од нас може да биде дел од позитивна промена. Овие кредити се наменети за инвестиции кои директно го намалуваат негативниот отпечаток врз животната средина, преку подобрување на енергетската ефикасност и употреба на обновливи извори на енергија. Во што и да инвестирате, дали станува збор за вашиот бизнис или дом, со инвестиции во еко проекти се намалуваат трошоците на долг рок, се штеди енергија, а животната средина добива потребна поддршка.

Еко кредити за бизниси – Засилување на конкурентноста преку грижа за животната средина

За бизнисите, еко кредитите не само што претставуваат поддршка за одржливи проекти, туку и се клуч за зајакнување на конкурентноста и стабилноста на пазарот. Па така доколку сте сопственик на бизнис и сакате да инвестирате во зелени технологии или енергетски ефикасни решенија, овие еко кредити можат значително да ја намалат вашата потрошувачка на енергија и оперативни трошоци.

ПроКредит Банка нуди еко кредити дизајнирани да обезбедат најмалку 20% заштеда на енергија, поддржувајќи бизнис проекти кои се насочени кон иновации, енергетска ефикасност и одржливост. Со зелени инвестиции, вашиот бизнис ќе заштеди и ќе ја покаже својата посветеност кон одржливата иднина.

Кои се придобивките за бизнисите?

Секако дека постојат многубројни придобивки доколку вашиот бизнис инвестира во зелена иднина. Ова се само неколку придобивки:

  • Намалување на оперативните трошоци
  • Подобрена енергетска ефикасност
  • Позитивно влијание врз животната средина
  • Зајакнат имиџ на пазарот како еколошки свесен бизнис

Еко кредити за физички лица – Придонес за енергетски ефикасни домови

Освен за бизнисите, еко кредити постојат и за физичките лица кои сакаат да ги направат своите домови поодржливи. Од заштеда на енергија до удобност и подолг рок на употреба, со овие кредити имате можност да инвестирате во вашата куќа и истовремено да ја намалите вашата сметка за енергија.

ПроКредит Банка нуди еко кредити за физички лица кои сакаат да инсталираат:

  • Системи за топлински пумпи – за поефикасно загревање на домот.
  • Котли на биомаса или гас – поеколошка алтернатива за греење.
  • Изолација на надворешни ѕидови – намалување на загубата на енергија преку фасадата, покривот и подовите.
  • Нови прозорци и вентилација – за подобра енергетска ефикасност.
  • Соларни фотоволтаични системи – искористување на сончевата енергија за вашите потреби.

Како да ги искористите придобивките од еко кредитите?

Еко кредитите нудат едноставно и ефикасно решение за сите кои сакаат да инвестираат во одржливи решенија. Со финансиска поддршка од ПроКредит Банка, секој може да биде дел од промената и да создаде позитивно влијание на животната средина. Понатаму, овие кредити можат да ви помогнат да создадете дом и бизнис кои ќе бидат одржливи на долг рок.

Во свет каде што одржливите решенија се неопходни, вие може да бидете дел од позитивната промена преку вложување во проекти кои го поддржуваат зелениот развој. Со еко кредитите на ПроКредит Банка, ве очекува еколошки подобра иднина, каде што вложувањето во зелени технологии и енергетска ефикасност е заеднички чекор кон еднаква цел — зачувување на животната средина и посигурен свет за идните генерации.

Од стартап до успешен бизнис – „АТГ Македонија“ откриваат зошто ви треба „кондиција“ за да формирате стабилен бизнис 

Стартапите се соочуваат со многу промени и неизвесности, токму затоа една од првите цели им е да формираат стабилен бизнис. Овој процес вклучува континуирано учење, избор на партнер за финансирање и постојано прилагодување на пазарните услови. Но, што навистина прави разлика помеѓу оние што успеваат и оние што не успеваат да ги совладаат предизвиците? 

Разговаравме со Иван Трпчевски, ко-основач на АТГ Македонија, првата фитнес сала во светот со АТГ лиценца. Во продолжение тој ни открива како овој фитнес центар прерасна од стартап во стабилен бизнис и каква „кондиција“ им е потребна на претприемачите за да истраат во својата цел. 

Што е АТГ? 

АТГ Македонија ја носи визијата за здрав и активен начин на живот со поинаков пристап кон фитнесот. АТГ методологијата е создадена од Бен Патрик, познат како „Knees Over Toes Guy“, и претставува револуционерен систем на тренинг кој помага во справување со болки и повреди, а потоа и во подобрување на целокупните физички перформанси. 

Сопствениците и ко-основачите, Иван Трпчевски и Бојан Диков, одлучиле да го донесат овој концепт во Македонија со главниот мотив – да им помогнат на што повеќе луѓе и да направат позитивна промена во општеството.  

Главната цел на АТГ методологијата е зајакнување и истегнување на целото тело со цел да се подобри спортскиот перформанс и да се зголеми физичката способност. „Целта е да сме здрави и активни, не само да изгледаме убаво и силно” – споделува Иван. 

Благодарение на силната пасија, но и на претходното професионално спортско искуство на Иван и Бојан, АТГ Македонија по само три години од основањето денес е стабилен бизнис кој се фокусира на развојот на заедницата, зголемување на тимот и проширување на своите услуги.  

Улогата на доброто партнерство во градење на стабилен бизнис 

Голем дел од успехот на стартапите зависи од тимот и партнерствата. Иван нагласува дека од нивното искуство доброто партнерство се темели на три клучни фактори: 

  1. Јасно дефинирани цели – секој член на тимот мора да знае во кој правец треба да оди бизнисот. 
  1. Комуникација – транспарентната комуникација е клучна за донесување на вистински одлуки. 
  1. Организација – јасна поделба на улоги и одговорности, што носи ефикасност во работењето. 

Во нивниот случај, Бојан е одговорен за услуга и контрола на квалитет, додека Иван се фокусира на маркетинг и финансии. Оваа структура овозможува доверба, ефикасност и подобро менаџирање на секојдневните предизвици. а доверба, ефикасност и подобро менаџирање на секојдневните предизвици. 

Предизвиците на македонските претприемачи 

На самиот почеток, секој стартап се соочува со административни и инфраструктурни предизвици. Да се биде претприемач во Македонија значи постојано да се наоѓаат решенија и да се препознаваат можностите. Успехот доаѓа со флексибилност, проактивност и способност да се надминат пречките на патот кон раст и развој. 

Најголемите предизвици за претприемачите се во долгата процедура за регистрација, финансиските ограничувања и недостатокот на поддршка. Сепак, со добар тим, мрежа на поддржувачи и адаптибилност, секој предизвик може да се претвори во можност. 

На почетокот АТГ Македонија се соочиле со скептицизам во однос на нивниот иновативен пристап. Сепак, преку посветена комуникација со публиката, континуирано унапредување на услугите и силна заедница изградена преку лични препораки, тие успеале да го докажат својот квалитет.  

Денес, АТГ центарот нуди бесплатен пробен тренинг за сите оние што за прв пат сакаат да ги испробаат нивните методи. Покрај тоа, располага со повеќе од 50 различни програми, а тренерите се посветени на индивидуалните потреби на секој член – двајца тренери се секогаш присутни во салата за да обезбедат персонализиран пристап. А, за оние што претпочитаат флексибилност, достапни се и онлајн тренинзи. 

Важноста од финансиска поддршка за стартапите  

Секој почеток е предизвик, особено кога градите нешто ново, иновативно и различно. Независно од индустријата во која работите, она што најмногу ви е потребно е поддршка – од околината, од луѓето што ве мотивираат, но и од финансиски институции кои веруваат во вашата идеја. 

Финансиската поддршка е еден од најголемите предизвици за стартапите. Кога го започнувале својот бизнис, Иван и Бојан имале јасна визија за тоа што сакаат да постигнат, но за да ја реализираат им била потребна финансиска поддршка. Во нивниот случај, „ПроКредит“ пакетот за млади бил клучен во стартувањето на нивниот бизнис. Средствата од пакетот ги искористиле стратешки во опремување на фитнес салата, за обука на тренерите, како и за лансирање на самиот бизнис. 

од стартап до стабилен бизнис

Иван ни објасни дека процесот на добивање на кредитот бил брз и транспарентен, а комуникацијата со тимот на банката – одлична. Овој пакет им овозможил да ја завршат првата фаза на нивниот проект, но и да продолжат со втората фаза во вистинскиот момент, токму кога нивната заедница почнала да расте. 

„Дополнително, учеството на семинарот во стартап клубот организиран од ПроКредит Банка беше супер искуство. Имавме можност да се запознаеме со претприемачи од различни сектори, да споделиме предизвици и идеи и да ги слушнеме инспиративните приказни на искусни спикери. Овој фокус на поддршка на стартапите, особено на младите, прави разлика и ја гради довербата во бизнисите кои се на самиот почеток” – додава Иван. 

Стабилен бизнис има потреба од стабилен претприемач 

Денес АТГ Македонија е место каде што ќе вежбате правилно и без болка, место кое нуди целосен пристап кон физичка подготвеност и здрав животен стил. Тука ќе бидете дел од една заедница која активно организира хуманитарни и еко-иницијативи, спортски дружби, работилници за здрави навики и искачувања на домашни врвови. 

Од приказната на АТГ, заклучуваме дека за да постигнете стабилен бизнис, потребна е: 

  • Конзистентност – бидејќи напорната работа и истрајност носат резултати. 
  • Спремност за учење – секој неуспех е лекција, секоја грешка е можност за подобрување.  
  • Фокус на долгорочни цели – важно е да не се заглавите во секојдневните проблеми, туку да гледате пошироко на целта што сакате да ја постигнете. 

Ваквата посветеност доведе до еден од најзначајните чекори за АТГ Македонија, а тоа е отворањето на новиот центар во населбата Хром, целосно опремен според современите фитнес стандарди. Паралелно со проширувањето на капацитетите, расте и заедницата – сè повеќе луѓе го препознаваат функционалниот пристап кон тренингот како вистинска поддршка за подобро здравје и физичка кондиција. Како што вели Иван, „Трасиравме пат од кој нема назад и нема откажувања.” 

Топ 3 совети за нови претприемачи 

Во разговорот со Иван тој сподели и 3 клучни совети за новите претприемачи коишто сакаат да изградат стабилен бизнис: 

  • Верувајте во својата бизнис идеја – ако не верувате вие, нема да веруваат ни другите.  
  • Слушајте ги поискусните и доверете се на професионалнци – барајте ментори, учете од нив, прифаќајте совети.  
  • Бидете фокусирани на напредок и развој – анализирајте го секој успех и користете го како поттик за следниот чекор. 

Патот од стартап до стабилен бизнис е исполнет со предизвици, но со вистинската „кондиција“ – јасни цели, добра комуникација, финансиска поддршка и постојана едукација – успехот е возможен. 

Дознајте повеќе за Стартап пакетот на ПроКредит Банка.