Онбординг програма за младите генерации – интервју со Тијана Стојановска

Тијана Стојановска, која денес во ПроКредит Банка е вработена во Одделот за човечки ресурси, го сподели нејзиното искуство со нашата Онбординг програма преку која таа започна да ја гради својата кариера.

Како одлучи да аплицираш во ПроКредит Банка?

Уште на самиот почеток бев информирана за целиот процес на Онбординг програмата како и дека дел од програмата се одржува во Белград. Тоа и беше нешто што најмногу ме привлече за да аплицирам, можноста за интернационално искуство, како и дека ќе работам во банка која не работи со клиенти кои ѝ штетат на природата и општеството.

Како се одвива оваа Онбординг програма?

Вкупното времетраење на обуката е 6 месеци, од кои 5 недели се одвиваат во Белград во Тренинг центарот на ПроКредит Банка, а останатиот период во Скопје, во Управната зграда на ПроКредит. Живееме во Белград 5 недели, работните денови од неделата се посветени на учење, викендите ни се слободни, a сместувањето и храната секако се обезбедени.

Овој престој е организиран на ниво на Групацијата, со тоа што на самата Онбординг програма учествуваат и учесници од други држави вработени во Групацијата на ПроКредит Банка како Србија, Босна и Херцеговина, Грција, Бугарија, Романија, Грузија и др.

онбординг програма

Што ти се допадна најмногу од целокупното искуство?

Во целост, многу ми се допадна што едно од моите најголеми очекувања веднаш започна да се остварува, а тоа е мојот професионален раст и личен развој. Важно е дека на оваа обука се поттикнува споделување идеи, предлози, и воедно со тоа ни е дадена и слобода понекогаш да згрешиме и да критикуваме. Така на пример, се роди и еден продукт кој потекна од една идеја на учесник на Онбординг програмата.

Многу се ценат предлози на нови колеги, и неретко се имплементираат нивни предлози како дел од работењето или услугите кои ги нуди банката. И би додала дека моментот на стекнување на нови пријателства со останатите учесници од сестринските банки, дава посебен шарм на тие 5 недели кои ќе ги живеете во Белград, што ќе ве направи уште позадоволни од целокупното искуство.

Кога вештина ја унапреди најмногу за време на оваа Онбординг програма?

Би ја истакнала подобрата организираност која ја поседувам сега, поточно подобриот тајм менаџмент. Научив да го организирам своето време многу поефикасно согласно зададените рокови и полесно да се прилагодувам кон истите. Би го споменала исто така и критичкото размислување кое нѐ учи како да селектирам информации и не секоја информација да ја земаме здраво за готово.