Што е одговорна банка?

Банките имаат огромен удел при одредувањето на насоката на движењето на економијата преку инвестиција во одржлива иднина. Од апликации за следење на CO2 отпечатокот до кредити за фотоволтаични централи, денес банките во светот мора да бидат едни од лидерите при справувањето со глобалните предизвици поврзани со климатските промени, социјалната нееднаквост, ранливоста на енергетските системи и одржливоста на социо-економското опкружување. Лидерската улога бара визија, бара принципи на одговорна банка.

Што е одговорна банка?

Одговорна банка во овој контекст, е банка која дејствува во насока на одржлив развој и заштита на животната средина, преку одржливо финансирање на проекти кои имаат позитивен ефект врз природата чиј фокус најчесто е во инвестирањето во обновливи извори на енергија и социјално одговорни бизниси. Основа за одржливо работење од страна на банките насекаде во светот е ESG концептот (Environment, Social, Governance).

Што можат банките да направат за одржлива иднина?

Неколку добри практики кои придонесуваат кон одржливоста и прават една банка да биде одговорна банка:

Инвестиции во обновливи извори на енергија

Банките можат да промовираат кредити за инсталирање на фотоволтаични централи, и да помогнат во едукација на своите клиенти. Овие инвестиции ќе ја намалат вкупната потрошувачка на енергија и ќе помогнат во намалување на емисиите на стакленички гасови.

Финансирање на проекти за енергетска ефикасност

Банките можат да предложат кредити за замена на стари апарати со нови, енергетски ефикасни апарати или за инсталирање на системи за греење и ладење кои користат енергија со помалку емисии.

Утврдување на листа на активности кои банките нема да ги кредитираат

Оваа листа да содржи активности од разни домени на работењето на потенцијалните клиенти како што се неетички практики и услови за работа, дејности кои се штетни за здравјето и животната средина, дејности кои имаат негативно влијание врз заедницата, како и правни субјекти кои вршат конкретни неприфатливи дејности кои банката нема да ги финансира. 

Воспоставување систем за управување со животната средина

Банките да воспостават Систем за управување со животната средина кој ќе содржи компоненти како:

  • интерен систем за управување со животната средина за да се овозможи подобро разбирање и подобрување на одржливоста на сопственото користење на енергија и влијание врз животната средина;
  • управување со ризикот од животната средина кај кредитирањето преку постојани и темелни проценки и со инкорпорирани прашања од животната средина во процесот на одобрување кредити, воедно да ја подигнуваат свесноста на клиентите за животната средина;
  • да промовираат „зелено финансирање“. 

Дигитализација на процесите и инвестирање во луѓето

Банките секако треба да тргнат од себе, да ги дигитализираат и автоматизираат процесите и за тоа соодветно да ги обучат вработените. Намалувањето на употребата на хартија е еден од главните чекори кои банките ги превемаат во насока на целосно преминување во дигиталната сфера при работењето.

Применување на високи стандарди на одговорна банка

Применување на високи еколошки и енергетски стандарди при изградба, реновирање на опремување на сопствената деловната мрежа со што значително би ја намалиле потрошувачката на струја.

Промоција на електромобилност

Самите банки да промовираат електромобилност во својот возен парк, на струја произведена од сопствена фотоволтаична централа.

Извештаи за инвестиција во одржлива иднина

Јавно да објавуваат извештаи за одржливост кој ќе содржи детални информации на нивниот бизнис модел и сите активности кои ги преземаат за намалување на негативното влијание врз животната средина.

Колкава е свесноста на луѓето за концептот на одговорна банка?

Од огромна важност е улогата на банката во советување и информирање на клиентите за предизвиците со климатските промени и другите глобални предизвици, како и за важноста на инвестирањето во одржливи проекти. Искуството на ПроКредит Банка покажува дека расте интересот кај клиентите за т.н. „зелено финансирање“.

„Досега, околу 20% од кредитното портфолио на ПроКредит Банка е пласирано во зелени кредити, податок на кој ние како банка ориентирана кон одржливо работење, сме особено горди. Ако сето ова го интерпретираме низ ефектот врз животната средина, избегнавме емисија на 18.000 тони CO2, еквивалентно со отстранување на 9.200 возила од сообраќај за една година– вели Емилија Спировска од Управниот одбор на ПроКредит Банка, додавајќи дека соодветна проценка на еколошкиот ризик при соработката со секој клиент е задолжителна, со цел да се избегне пласирање на средства во еколошко или социјално неподобни проекти.

Со поддршка на инвестиции во обновливи извори на енергија и општествено одговорни бизниси, пласирање на поволни кредити, банките веќе ги поттикнуваат бизнис клиенти да ја ограничат нивната зависност од фосилни горива и да преминат кон одржливи деловни модели. „Заради нашата проактивна и советодавна улога, компаниите кои се клиенти на ПроКредит Банка инвестираат во фотоволтаични централи за сопствена употреба дури три пати повеќе во однос на останатите компании на пазарот. Така, до сега имаме финансирано преку 120 фотоволтаични централи поставени на кров со преку 40 МВ инсталиран капацитет.“ – истакнува Спировска.

ESG стандарди во банкарството

ESG стандарди во банкарството станаа нужност како резултат на глобалната криза на повеќе полиња, здравствена, економска и енергетска криза, како и воениот конфликт во Украина и слично. Во корпоративниот свет беше изразен фокусот на одржливо и одговорно работење како  предуслов за опстојување на компаниите  и  отпорност кон надворешните влијанија. Во овие услови, компаниите кои успешно се справија со сите предизвици со кои се соочивме беа оние компании кои својата успешност не ја мерат само низ призмата на остварениот профит, туку и преку своето влијание врз животната и социјалната средина, економијата и луѓето, познати како ESG стандарди (Environmental Impact – Social Responsibility – Governance Practices).

ESG стандарди во ПроКредит Банка

Токму овој концепт на работење е тоа што ја прави ПроКредит Банка успешна приказна на нашиот пазар веќе 20 години. Како развојно-ориентирана Банка, работењето се темели врз имплементираните ESG стандарди во банкарството преку кои се следи, мери, но и транспарентно известува за влијанието во трите клучни столбови: животна средина, социјално опкружување и корпоративно управување, земајќи ги предвид сите засегнати страни – вработените, клиентите, акционерите, соработниците, општата заедница. На Групациско ниво, врз основа на овие известувања Банката има остварено позитивен ESG рејтинг од две рејтинг агенции.

Во однос на сопственото влијание врз животната средина, Банката значително го има намалено својот јаглероден отпечаток во изминативе неколку години што се должи на воспоставениот систем за управување со животната средина и направените “зелени и одржливи” инвестиции. Така, врз основа на постигнатата заштеда на енергија од 73%, заштеда на вода од 21% и 35% помалку потрошена енергија за производство на материјалите кои се искористени за изградба, зградата на Централната управа на Банката е сертифицирана со EDGE ADVANCED CERTIFICATE, меѓународен сертификат за зелени згради.

Банката инвестира и во електричен возен парк што во моментот го чини 70% од вкупниот возен парк. Овие инвестиции покрај тоа што имаат позитивно влијание врз животната средина, долгорочно имаат и позитивен финансиски бенефити врз работењето на Банката и ја прават отпорна на надворешните фактори, како што се климатските промени или пак енергетска и економска криза.

Финансирање на клиенти

Покрај минимизирање на сопственото негативно влијание, Банката оваа имплементација на ESG стандардите ја транспонира и во процесот на финансирање на клиентите. Силните финансиски перформаси на компаниите, ниту можат, ниту смеат да го надоместат негативниот импакт врз животната и социјална средина, па оттука за одговорно банкарско работење неопходна е и интеграција на нефинансиските аспекти при носење на одлука за поддршка на одредени проекти. 

Во оваа насока, Банката има јавно објавено листа на дејности и активности кои не ги подржува поради нивното негативно влијание врз животната средина или врз социјалното општество, а последно додадени на таа листа беа и производителите на пластични производи за еднократна употреба поради големото негативно влијание врз животната средина и финансирање на фотоволтаични централи кои користат панели произведени во региониот Xinjiang во Кина, поради основани сомневања за злоупотреба на трудот и повреда на основните човекови права.

Ова значи дека Банката е подготвена да го ограничи растот на своето портфолио со цел да може да се создадат услови за долгорочен одржлив економски развој кој нема да биде на ничија штета.

Одржлив развој на опкружувањето

Од друга страна, имплементирањето на ESG стандарди во банкарството подразбира и стимулирање на одржлив развој на целокупното опкружување, а тука пак улогата на Банката е во насока на подршка на своите клиенти во нивните одржливи инвестиции, улога која е проактивна и советодавна.

Банката не чека клиентите да пристапат со идеја за зелени инвестиции, напротив знаењето кое Банката го има за одржливите “зелени” технологии несебично го споделува со своите клиенти со цел да им ги предочи предностите на долг рок од ваквите инвестиции и на тој начин да го стимулира одржливиот развој.

За таа цел Банката организира различни едукативни работилници и настани за клиенти и за пошироката јавност, а таков пример беа и организираните работилници за инвестиции во фотоволтаични централи далеку пред енергетската криза, што резултираше со повеќе од 170 финансирани фотоцентрали или 61 MW финансиран инсталиран капацитет.

Одржлив развој на социјалното опкружување

Креирање на подобра иднина за сите засегната страни во синџирот на вредности  на Банката значи и изразен фокус на социјалното опкружување. Банката останува силно посветена на поддршка на малите и средни претпријатија кои се моторот на одржливата економија, поттикнуваат иновативност  и вработуваат околу 80% од работната сила во приватниот сектор. Дури 90% од вкупното портфолио на Банката е насочено кон подршка на малите и средни претпријатија, а за ваква поддршка неопходна е силна посветеност на вработените во остварување на оваа мисија.

Придонесот кон социјалното општество можеби и најдиректно се гледа преку инвестицијата во кадрите на Банката, кои се носители на вредностите на институцијата. Делењето на исти вредности со институцијата, добри работни услови и позитивна работна атмосфера, како и професионалниот напредок и развој се секако подеднакво важни за вработениот како и паричниот надомест, затоа во Банката се става особен фокус на овие елементи.

За таа цел Банката вложува повеќе од 60.000 часови годишно во едукација на своите вработени, им овозможува соодветна обука и тренинг за конкретната работна позиција, меѓународна размена на искуство во рамки на Групацијата, учество на ПроКредит академиите, но и редовни годишни обуки од областа на животна и социјална средина кои оваа година се одржуваат на темите на родова еднаквост и имплементација на ESG стандарди.

Корпоративни вредности и ESG стандарди

За институцијата  есенцијално е почитувањето на основните корпоративни вредности како што се личниот интегритет и посветеност, високите професионални стандарди, општествената одговорност, културата на отворена комуникација и транспарентност.  Овие вредности се темелот на корпоративното управување и одговорното работење  и нивната ефективна примена е од суштинско значење за да се овозможи имплементацијата на  ESG стандардите односно интеграција на одржливоста  при носење на одлуките во секојдневното работење. 

Одговорно банкарство, како и одржливо и одговорно финансирање за банката е  институционална определба која  ја живееме веќе 20 години, имплементацијата на ESG стандардите е само средство за спроведување на оваа мисија. Преку давање на приоритет на ESG стандардите во своето секојдневно работење, Банката од една страна  поттикнува одржлив развој и иновации, но од друга страна и креира потреба за имплементација на нови производи и услуги кои ќе помогнат во справување со еколошките и социјалните предизвици.  

Со давање на својата подршка на транзицијата кон зелена и одржлива економија и промовирање на социјална инклузивност, Банката помага во создавање на поодржлива и поправична иднина за сите засегнати страни во својот синџир на вредности, а со тоа ја зацврстува и својата позиција на развојно ориентирана институција фокусирана на долгорочен одржлив раст и развој наспроти, краткорочна максимизација на профит.