Каков тип на фирма да избереш кога основаш сопствен бизнис

Кога започнуваш бизнис, од клучно значење е изборот на соодветната правна структура, односно фирма. Затоа се обидовме да ти ги поедноставиме најчестите типови деловни субјекти. Ги издвоивме нивните клучни карактеристики и разлики за да ти помогнеме да донесеш информирана одлука.

Тип на фирма – Трговец поединец (ТП) 

Овој тип на фирма е идеален за поединци кои нудат услуги под нивно име, како што се занаетчиите и уметниците. 

Главни карактеристики на ТП

  • Ниски трошоци за почеток: Отворањето на фирма чини околу 50% помалку од другите форми на деловни субјекти. 
  • Пониски годишни надоместоци: Годишниот надоместок за фирмарина е 2000 денари, драстично понизок од оној на другите типови на компании. 
  • Не е потребен почетен капитал: За разлика од ДОО и ДООЕЛ за кои е потребен основачки влог од 5000 евра, трговците поединци го немаат овој почетен трошок.  
  • Флексибилни опции за плата: Сопствениците можат да изберат да ги плаќаат само задолжителните придонеси (46% од платата) или целата бруто плата. 
  • Регрес: Регрес за годишен одмор (К-15) мора да се обезбеди доколку има вработени, но не е задолжително истиот да се уплати за управителот.
  • Лична одговорност: Сопственикот одговара со целиот свој личен имот во случај на долгови или правни прашања. Ова значи дека во случај на оперативни неправилности или судски извршни пресуди, личниот имот може да биде запленет. 
  • Комплексно затворање: Ликвидацијата на фирмата и стечајната постапка може да бидат долги и сложени. 

Тип на фирма – Друштво со ограничена одговорност основано од едно лице (ДООЕЛ) 

Ова е идеално решение за оние кои започнале како трговци поединци и сега сакаат да го прошират својот бизнис. 

Главни карактеристики на ДООЕЛ

  • Управување и одговорност: Управувано од едно лице кое одговара само со средствата на компанијата. 
  • Повисоки трошоци за основање: Може да се основа или со готовински депозит од 5000 евра или со материјален депозит со еквивалентна вредност (на пр. возила, објекти, опрема). 
  • Повисоки годишни надоместоци: Надоместокот за фирмарина е повисок од оној за Трговец поединец. 
  • Задолжителни исплати на целосна плата: Целата бруто плата мора да се исплаќа месечно без исклучок. 
  • Регрес: Регрес за годишен одмор (К-15) мора да им се обезбеди на сите вработени, вклучувајќи го и менаџерот. 
  • Побрзо затворање: Процесот на затворање на компанијата е побрз во споредба со трговците поединци. 

Тип на фирма – Друштво со ограничена одговорност (ДОО) 

Можност за основање бизнис со еден или повеќе партнери каде сопственоста е поделена на сите основачи. 

Главни карактеристики на ДОО

  • Поделена одговорност: Компанија основана од неколку лица кои споделуваат одговорност којашто е ограничена на средствата на компанијата, а не на нивниот личен имот.  
  • Флексибилни опции за основање: Слично на ДООЕЛ, може да се основа со готовина или материјален депозит од 5000 евра. 
  • Повисоки годишни надоместоци: Надоместоците на компанијата се повисоки, 7000 денари годишно со дополнителна наплата од 2000 денари за секоја подружница. 
  • Задолжителни исплати на целосна плата: Целосната бруто плата мора да се исплаќа секој месец. 
  • Регрес: Регрес за годишен одмор (К-15) мора да им се обезбеди на сите вработени и на управителот. 
  • Побрзо затворање: ДОО компанија е полесно да се затвори во споредба со трговците поединци. 

Тип на фирма – Поедноставено друштво со ограничена одговорност (ПДОО) 

Одлично решение за млади претприемачи со иновативни идеи или поединци и мали групи (до тројца основачи) кои имаат ограничен почетен капитал, но сакаат да започнат бизнис. Воведувањето на овој облик на деловен субјект има за цел да ја намали сивата економија и да ја зголеми конкурентноста на бизнисот. Оттаму, ПДОО има многу заеднички карактеристики со ДОО, но и неколку разлики што го издвојуваат како посебен, различен облик на деловен субјект.

Главни карактеристики на ПДОО што го издвојуваат од ДОО

  • Минимален основачки капитал: Може да се воспостави со минимален капитал од 1 евро во денарска противвредност. 
  • Задолжителна резерва: Друштвото мора да има задолжителна резерва, во која треба да се внесе една четвртина од добивката што е прикажана во годишните финансиски извештаи, намалена за износот на загубата од претходната година.
  • Целосно плаќање пред регистрација: Акциите мора целосно да се платат пред да се регистрира компанијата. 

Изборот на соодветна правна структура зависи од твоите деловни цели, ресурси и можност за толеранција на ризик. Ако ги разбираш опциите што ги имаш на располагање, веќе си чекор поблизу до започнување на твојата авантура во светот на претприемништвото.

За основање на фирма секако ти се потребни овластени правни субјекти, но ние сме тука да ти помогнеме со совети и иновативни банкарски решенија. Следи го нашиот блог каде ќе те водиме низ сите чекори во процесот на започнување на сопствен бизнис. За тоа е тука и нашиот серијал „Бизнис минути” на социјалните мрежи.

 

Сакам да отворам сопствен бизнис, кои се првите чекори за започнување на процесот?

Ако си тука, веќе сме сигурни дека сакаш да отвориш своја компанија. Честитки, овој чекор е храбар и исполнет со носење на важни одлуки кои ја поставуваат основата за идниот успех во градењето на сопствен бизнис.

На самиот почеток, важно е да знаеш дека си на вистинското место, затоа што ПроКредит банка повеќе од 20 години ги поддржува малите и средните претпријатија, што ни дава кредибилитет, знаење, експертиза и искуство да креираме решенија коишто се адаптирани за претприемачите како тебе.

Знаеме дека започнувањето и водењето на сопствен бизнис е предизвик од многу аспекти и после идејата за остварување на сопствен бизнис, следуваат првите прашања кои често ни доаѓаат на ум, како на пример: Како се основа една фирма? Дали јас можам да бидам основач? Кои се условите? Како и каде да се регистрирам?

Што треба да знаеш пред да отвориш сопствен бизнис?

Еден од првите чекори е да разбереш кој всушност може да основа компанија и каква правна структура најдобро ќе одговара на потребите. Во овој блог пост, ќе се обидеме да ви одговориме на овие прашања.

Основач на фирма може да бидe домашнo и странскo физичкo или правнo лицe. Тоа значи дека секој македонски државјанин или странско лице може да регистрира компанија кај нас.

Важно е да се знае дека процесот на основање, отворање на фирма или регистрација на трговско друштво, се спроведува од овластен регистрационен агент (адвокат) кој по електронски пат ги доставува потребните документи до Централен регистар на Република Северна Македонија:

  • Договор или изјава за основање
  • Фотокопија од документ за идентификација (лична карта или пасош)
  • Доказ за уплата на паричен влог
  • Одлука за избор на управител

За да може да се основа компанија треба да се има и минимален основачки влог, кој се разликува во зависност од тоа за каква правна форма станува збор.

Каква форма на сопствен бизнис сакаш да основаш?

Доколку станува збор за ДОО или ДООЕЛ потребна минимална главнина е минимум 5 000 евра во денарска противвредност или непаричен влог во истата вредност. ДОО односно друштво со ограничена одговорност е кога основачи на фирмата се 2 или повеќе лица и тие одговараат ограничено со својот имот, додека доколку едно лице е основач станува збор за ДООЕЛ.

ТП или трговец поединец е фирма исто регистрирана од едно лице, со што разликата со ДООЕЛ е што кај ТП нема основачки влог и сопственикот / трговецот одговара целосно со својот имот без ограничување.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за трговски друштва бр. 251/2021 објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ на 16.09.2021г.  предвидена е нова форма на друштво – Поедноставено друштво со ограничена одговорност или скратено ПДОО.  Доколку се регистрира оваа форма на правно лице, минимален влог е 1 евро и не може да биде основано од повеќе од 3 лица.

ПДОО – решение за младите претприемачи

Целта на законските измени и воведување на оваа правна форма е да се овозможи основање на друштва со минимален износ на основачки капитал, за категоријата на граѓани кои сакаат да започнат сопствен бизнис, но немаат доволно финансиски средства за основање на Друштво со ограничена одговорност каде основачкиот капитал е 5000 евра.

Со ова се дава можност за започнување на бизнис со минимален износ на основачки капитал, со што би се зголемила можноста за основање на друштва од млади лица со иновативни идеи, кои не располагаат со почетен сопствен капитал, а од друга страна, би се зголемила конкурентноста и би се намалила сивата економија во државата.

Започнувањето на сопствен бизнис е навистина голем чекор, но важно е да ги разбереш основните работи. Познавајќи ги основите, веќе започна со донесување на паметни одлуки.

За тековни совети и информации, следи го нашиот блог каде ќе те водиме низ процесот на започнување на сопствен бизнис, заедно со серијалот „Бизнис минути” на ПроКредит Банка на социјалните мрежи.

Банкарска поддршка за вашиот бизнис

За секоја компанија, обезбедувањето на банкарска поддршка за вашиот бизнис е една од најважните одлуки кои треба да се донесат. Банката не е само место каде што ќе ги чувате вашите пари и ќе ги правите секојдневните транскации, туку и клучен партнер со чија поддршка вашиот бизнис ќе расте и ќе се развива.

Во светот на бизнисот, денес од непроценлива важност за секое претпијатие е да може да ѝ верува на својата банка, која воедно за секој претпримач претставува столб на сигурност, не само поради финансиските услуги кои ги нуди, туку и поради своето искуство, знаење и доверливост. 

Малите и средни претпријатија се клучен фактор за економскиот развој и обезбедување на работни места во секоја економија. Но, за да успеат во својата дејност и да се развиваат, тие имаат потреба од финансиска и консултантска банкарска поддршка.

Покрај финансирање на проектите, банката може значително да им помогне на претпријатијата да ги идентификуваат своите потреби и да развијат бизнис план, да ги едуцира како да ги подобрат процесите, да ги советува за идни инвестиции,  да ги оптимизираат своите трошоци и приходи, да ги искористат можностите за иновации и дигитализација. За малите и средни претпријатија е од клучно значење е да имаат банка од доверба која е тука за нив, која ги слуша и со која можат да градат долгорочна соработка.

Прашања кои секоја компанија треба да си ги постави

Секој сопственик на компанија пред да ја донесе конечната одлука за обезбедување на банкарска поддршка, односно банкарски партнер, потребно е да истражи и да обрне особено внимание на неколку важни сегменти на услуги кои ги нуди една банка која ве разбира. Со тоа ќе добие одговори на важни прашања кои се однесуваат на опции за финансирање, штедење, висина на каматните стапки, искуството на банката со мали и средни претпријатија, иновативни проекти кои ги финансирала банката, дигиталните можности, грижата за корисниците, како и репутацијата на самата банка и нејзиното искуство во работењето со компании од дадената индустрија.

Но, она што секој претприемач особено го интересира и што најмногу влијае врз одлуката за избор на банка, е колку таа ќе биде партнер од доверба, кој своето обемно искуство безрезервно ќе го споделува, и аргументирано во вистинските моменти ќе советува во поглед на сите сегашни и идни планови на компанијата.

Банкарска поддршка за Б2 Солушн

Таков пример за доверба и успешност е долгорочната соработка на претпијатието Б2 Солушн со ПроКредит Банка. За оваа плодна соработка и сéвкупното искуство со ПроКредит Банка, главниот извршен директор и основач на Б2 Солушн Венцо Ѓоргиевски вели:

Во клучните фази на развој на нашата компанија, имавме потреба од партнер кој ќе ја разбере нашата визија и ќе не поддржи во нејзина реализација, како што искусен алпиниста ставен на Хималаите да го искачува Монт Еверест има потреба од кислород поради реткиот воздух на височините.

Во тој период во нашата компанија се појави ПроКредит Банка кои ни ја донесоа неопходната боца на кислород –  тоа беше моментот кога понатаму можевме да направиме исчекор, затоа што ни се разјасни целата стратегија. На почетокот беа многу трпеливи, внимателно нé слушаа, нé разбраа и ги финансираа нашите проекти од минатото, за да можеме уште посигурно да чекориме напред.

Тоа што за нас е особено важно е што ПроКредит ги одобрува добрите работи, а за оние работи кои што не се доволно квалитетни, нé советуваат да размислиме уште еднаш. Поради сите овие причини ПроКредит Банка е нашиот стабилен партнер кој што ни дава сигурност да грабиме кон напред.“

Довербата со банката како клучна компонента за успешност

Банките кои се фокусирани на одговорно работење и развој на економијата, односно банка која ве разбира, има систематизиран пристап во поддршка и развој на бизнисите кои претставуваат клучен двигател во општеството. Сопствениците на малите и средните претпријатија сметаат дека е особено важно да и веруваат на банката и нивните идеи и планови да бидат сослушувани од банката, а за возврат очекуваат аргументиран фидбек со совети за идни насоки во нивното работење.

Зад секој бизнис треба да стои банка која ќе претставува столб на сигурност и со своето севкупно искуство, знаење и квалитетна услуга ќе гради долгорочно партнерство кое ќе резултира со заеднички успех и развој на економијата.

Поддршка за стартап бизнисите – интервју со Ана Николова

Искуството кое банките го имаат со малите и средните претпријатија е додадена вредност со која тие можат значително да придонесуваат за економскиот развој и иновациите во општеството. Ова искуство е особено драгоцено за младите стартап бизнисите. Тие ги прават своите први чекори во светот на бизнисот создавајќи иновативни производи и услуги кои го туркаат општеството напред.

Иако на почетокот, како нови играчи на пазарот, стартапите редовно се соочуваат со низа предизвици, сепак нивниот висок потенцијал за раст многу добро го препознаваме во ПроКредит Банка. Веќе 20 години посветено работиме на развој на локалната бизнис заедница и преку своите професионални услуги постојано привлекуваме прогресивни компании. 

Во ова интервју нашата колешка Ана Николова, директор на филијалата за мали претпријатија зборува за тоа како во ПроКредит Банка одиме чекор понапред и нудиме поддршка на овие млади и смели претприемачи.

Ана Николова - поддршка за стартап бизнисите

Како ја согледавте потребата за поинтензивна соработка со стартап бизнисите?

Веќе 20 години главна мисија на ПроКредит банка е поддршка на бизнис заедницата со фокус на малите и средни претпријатија. Тоа искуство од долги години во кои внимателно ги слушавме нашите клиенти нé научи како успешно да ги препознаваме потребите на младите компании, да можеме да одговориме со соодветни услуги и поддршка, како во делот на кредитирањето, така и во делот на платниот промет, но исто така и советодавно и едукативно во насока на развој на успешен и одржлив бизнис модел.

Препознавајќи ги тековните трендови и модерните форми на претприемништво кои носат големи можности за нашето општество, го шириме портфолиото на услуги со стратешки пристап и кон стартапите.

Стартап компаниите се од суштинско значење за економијата и во нив ја гледаме иднината. Овие млади, храбри компании со уникатни идеи за развој на производи ги решаваат проблемите што ниту еден друг сектор не ги решава, со иновативно размислување го туркаат општеството напред додека создаваат работни места, ја стимулираат економијата и привлекуваат странски инвестиции. Во нашата земја гледаме голем потенцијал со млади квалитетни кадри кои имаат добри и храбри идеи да развиваат бизниси.

Како банка која во центарот на своето делување го става позитивното влијание во општеството во кое работиме ја препознавме потребата да дадеме и наш личен придонес кон оваа заедница, која кај нас сé уште е во развој.

Целта е да се едуцираат младите ентузијасти како да започнат и управуваат со својот бизнис, особено во областа на финансиите и одржливото работење кои се од клучно значење за долгорочен успех. Тоа сакаме да го направиме преку споделување на нашето знаење, олеснет пристап до финансиски услуги и понатаму, со мрежата која ја поседуваме да им овозможиме на стартапите вмрежување од аспект на нашето регионално присуство со сестринските банки во регионот.

Што нудите во вашиот специјален пакет за стартап бизнисите?

Пакетот за стартап бизниси опфаќа комплетно бесплатно работење со банката во делот на домашниот платен промет, бесплатно одржување на сметка и бесплатни трансакции, како и конкурентни цени за меѓународниот платен промет. Сите компании кои нудат иновативни решенија на пазарот и имаат потенцијал за понатамошен развој може да го користат стартап пакетот во првите 2 години од нивното основање.

Што е особено важно и ценето од новоформираните компании и претприемачите кои за прв пат започнуваат бизнис, во рамките на овој пакет секој стартап добива и одговорен советник за бизнис клиенти кој овозможува лесен пристап и комуникација на клиентите со банката. Практично, на овој начин стартапите како да добиваат уште еден човек во тимот кој ќе се грижи работењето со банката да биде лесно и ефикасно.

За која индустрија се најсоодветни овие банкарски услуги?

Следејќи ги локалните трендови во домашната економија, податоците за новоформираните компании велат дека 30% од стартап бизнисите се домашни компании од ИТ индустријата и услужни дејности, па затоа нашиот најголем фокус е свртен кон нив. Самиот факт што банката е високо-дигитализирана, од друга страна нуди дополнителна вредност за прогресивните ИТ претприемачи кои бараат партнер кој го разбира нивниот јазик и нуди комплетна, брза, сигурна и квалитетна услуга.

Имајќи го предвид фактот дека најголем дел од овие компании се извозно ориентирани, за стартапите од голема корист е и нашата уникатна можност за автоматизирна распределба на приливите од странство, што го прави процесот на соработка со банката уште поефикасен.

Освен со Стартап пакетот, дали нудите дополнителна поддршка за стартап заедницата?

Оваа заедница во нашата земја значително се развива во изминатите години, но сепак доколку споредиме со тоа што се случува во соседна Србија и ЕУ земјите од регионот, има уште многу работи кои може да се подобрат.

Едукација, менторство, вмрежување

Ние како чинител кој може значајно да придонесе во подобрување на работењето на стартапите, ја проширивме нашата поддршка и во поголеми размери на општествената одговорност. Поддршката на стартап заедницата не мора да се прави само преку директно финансирање, туку исто толку значајно е и едукација, менторство, споделување на нашето знаење, вмрежување на компаниите и отворање на нови пазари и можности што ќе овозможи зголемување на стапката на стартапи кои ќе преживеат и понатаму ќе се развиваат.

Hive Room

Разбирајќи ги потребите на модерните професионалци, и препознавајќи ги стартапите и фриленсерите како двигатели на модерното време, ја започнавме и приказната со Hive Room што претставува коворкинг простор чија цел е обезбедување место за размена на идеи и знаења и креирање на силна заедница која ќе донесе позитивни промени и ќе поттикне развој на нашето општество.

Hive Room поддршка за стартап бизнисите

Hive Room е достапен бесплатно за сите стартапи и фриленсери во нашата земја кои имаат потреба од простор за работа, а во иднина очекуваме да го прошириме на повеќе локации со цел да поддржиме уште поголем дел од заедницата.

Хакатон

Минатиот месец ја дадовме и нашата целосна поддршка на хакатонот за одржливи бизнис идеи – Стартап викенд Скопје, кој  на наше големо задоволство се одржа токму во Управната зграда на ПроКредит банка со што сакавме и симболично да им ги отвориме вратите на овие млади ентузијасти и да споделиме дел од нашето знаење преку менторски сесии.

Победниците на овој хакатон ќе имаат ексклузивна можност да добијат менторска програма за изработка на бизнис план водена од искусни професионалци од ПроКредит банка, што е прв чекор во градењето на успешен бизнис.

Решенија за одржливост на стартап бизнисите

Би рекла дека ова е само почеток и дека оваа приказна уште повеќе ќе се развива понатаму. Особено важен ни е фидбекот од претприемачите и стартап компаниите за да можеме понатаму да ги развиваме услугите кои можеме да ги понудиме кон нив, а со тоа и да го поддржиме нивниот развој и одржливост на долг рок.

Од нив и ние учиме за потребите и за пазарот кој многу брзо се менува, ги следиме регионалните и светските пазарни трендови во нивната индустрија и севкупното знаење го посветуваме на градење на успешни приказни. За нас односот со клиентите е секогаш двонасочна комуникација.

Дали оваа иницијатива ја гледате како стратегија на долг рок?

Секако, веќе имаме и визија како нашиот придонес кон оваа заедница да го продолжиме и во насоки на редовни едукации, комуникации со експерти, работилници и останати активности кои цениме дека се нужни за поддршка и раст на оваа заедница.

Нашето досегашно искуство со стартапите секако дека ќе продолжи да се збогатува, а со тоа ќе се развиваат и нашите услуги. Спремни сме да ги следиме и поддржуваме стартапите во сите фази, од идеја, преку валидација и скалирање, до нивната зрелост.

ПроКредит е банка која сака предизвици, која се стреми кон одржливост на долг рок и која цврсто се држи до својот постулат на одговорност. Можеби го избираме потешкиот пат, но сепак, со соодветна анализа и со осознавање на нашите клиенти слушајќи ги нивните потреби, креираме вистински решенија за предизвиците со кои тие се соочуваат, инвестираме во нивниот развој, а со тоа придонесуваме и за раст на локалната економија.

Неодамна одбележавме јубилеј – 20 години пример за одговорност на ПроКредит Банка, и сигурно дека продолжуваме во тој правец со целосна посветеност кон нашите клиенти и нивниот пат на градење на успешен бизнис.

Родова еднаквост во корпоративната култура – интервју со Емилија Спировска и Јованка Јолеска

Во нашата заложба за поттикнување средина каде што буквално секој може да се истакне, со гордост можеме да кажеме дека ПроКредит Банка е изградена врз основа на родова еднаквост и инклузија каде што сите добиваат еднаква шанса.

На што се темели вашето одговорно работење денес, во согласност со ЕСГ принципите?

Во ПроКредит Банка пристапот кон корпоративна одговорност е фундаментално втемелен во нашето секојдневие. Исто така, има многу посуштинско значење од класичната дефиниција за општествена одговорност. ПроКредит банка беше основана пред 20 години со јасна визија да направи позитивно влијание на македонското општество. Оттаму, одговорноста ја гледаме низ призма на оставање позитивен печат преку нашите постапки и акции, и таа има мултидимензионален карактер.

Одговорноста, пред сѐ ја гледаме кон своите клиенти. Сакаме да ги слушнеме и разбереме нивните потреби, а со тоа и да обезбедиме квалитетни, транспарентни и ефикасни услуги. Истовремено, наша важна улога е да ги советуваме клиентите во носење на најдобри финансиски одлуки согласно нивните лични потреби и можности, кои ќе овозможат одржливост и долгорочни бенефити за поединците, бизнисите и целокупната економија.

Одговорноста за нас е и промоција на позитивни практики. Ова се однесува на инвестиции во енергетска ефикасност и одржливи решенија, промоција на штедење наспроти консумеризам, поттикнување дигитализација за одржлив развој на бизнисите и целокупното општество.

Од друга страна, одговорноста ја покажуваме и преку фактот што принципиелно не соработуваме и не поддржуваме бизниси и поединци кои имаат негативно влијание врз природата и општеството во кое живееме. Примената на овие високи етички стандарди се всушност и основата на нашето работење. Тоа е печатот кој го оставаме врз општеството и економијата во изминатите дваесет години.

Одговорноста за нас значи и инвестирање во развој на млади кадри и давање шанса за кариерен развој кој не застанува само во првите години од вработувањето. Таа се однесува и на креирање долгорочни можности за надградување, личен развој, градење менаџерски кадри и лидери. Горди сме што во банката годинава голем број колеги го слават јубилејот 20 години заедно со јубилејот на банката, што е доказ за можностите кои ги нуди оваа институција.

родова еднаквост

Дали во ПроКредит постои дефинирана програма за стимулирање на родова еднаквост?

Родова еднаквост, инклузивност и еднакви можности за сите вработени се нормативи во институцијата кои се поставени уште од нејзиното основање и остануваат основни темели на нашата корпоративна култура до ден денес.

Ние веруваме во моќта на различноста, препознавајќи дека институцијата напредува кога ќе се здружат поединци со различни искуства и перспективи. Во нашата заложба за поттикнување средина каде што буквално секој може да се истакне, со гордост можеме да кажеме дека оваа институција е изградена врз основа на еднаквост каде што сите добиваат шанса.

Согласно тоа, во банката вреднувањето на вработените секогаш се базирало на нивните квалитети и заложби, без разлика на полот. Во моментот, 71% од  вработените во ПроКредит банка се жени. Гледајќи го банкарскиот сектор во земјата, но и пошироко, ова можеби и не е изненадувачка бројка, имајќи предвид дека жените во просек имаат тенденција да избираат постабилна работна атмосфера.

Дали во рамки на заложбата за родова еднаквост имате застапеност на жените во топ менаџментот?

Тоа што е уникатно за ПроКредит банка, нешто на што сме особено горди е учеството на жени на раководителски позиции е 84%, што е далеку повисоко во однос на просекот во банкарскиот сектор. Овој факт сам по себе зборува дека на жените не им е дадена само шанса да се вработат, туку и можност за развој, кариера, напредување и вреднување на нивниот труд.

Она што е интересно е дека овие проценти не се постигнати заради строго дефинирана програма и исполнување на одредени квоти и цели на институцијата, напротив ваквата родова еднаквост и застапеност на жените е постигната по природен пат односно преку нивните лични заложби и успеси во рамки на институцијата.

Банката отсекогаш важела за фер работодавач, споделувајќи го транспарентно процесот на вработување, но и можноста за професионален напредок во рамки на институцијата. Вложувањето во професионален развој на нашите вработени е приоритет и сметаме дека нашата отворена комуникација и посветеност е препознаена и ценета од нашите вработени.

Како вие гледате на проблемот на женското лидерство во општеството и економијата?

Жените во Македонија поретко се одлучуваат да започнат сопствен бизнис споредено со мажите, а најголем процент на бизнисите кои се основани од жени, се микро бизниси со големина до десет вработени. Ова го потврдува и нашата анализа на базата на клиенти на ПроКредит банка, каде застапеноста на жените на функција на управители во приватниот сектор е само 19%. Тоа е доказ дека потенцијалот на жената како претприемач е недоволно препознаен и искористен во земјава.

Потенцијалот треба првенствено да го препознае жената, и тоа е личен избор, храброст и заложба да се успее во бизнис светот. Секако, претприемачката иницијатива со себе носи одредени жртви и одрекувања, па затоа овој пат не е ни малку лесен.

Второ, одлуката за претприемачките иницијативи е неопходно да биде во корелација со семејството и поддршката од најблиската околина. Поддршката од семејството често е критичен фактор за успешен кариерен развој на жените. Флексибилноста во семејството е важна за постигнување баланс меѓу професионалниот и личниот живот.

Трето, можностите кои ги нудат институциите и работодавачите, еднаквиот третман на вработените и позитивните практики на родова еднаквост, но и флексибилноста на институциите и почитувањето на природата на жените и нивната уникатна улога во природата, мајчинството. Ова е поврзано и со нашата култура како народ, од каде потекнува и корпоративната културата која ги отсликува самите институции.

Дали гледате реална можност за подобрување на условите за постигнување родова еднаквост?

Во последните години гледаме трендови кај новите генерации каде сѐ повеќе стереотипите се менуваат и традицијата полека го отстапува местото на современото живеење. Тоа доаѓа заедно со дигиталната еволуција каде и потребните квалификации на поголемиот број работни позиции се имаат променето. Физичката сила е сѐ помалку фактор, а сѐ повеќе се вреднуваат аналитичките, комуникациските вештини, техничките експертски познавања за одредена област. Тука жените имаат еднакви можности за добивање на тие квалификации.

Охрабрувањето на повеќе жени да заземат претприемачки и лидерски позиции не е само прашање на промовирање на родовата еднаквост. Промоцијата на женското претприемништво игра важна улога и во развојот на економијата во нашата држава. Истакнување на успешните жени претприемачи и лидери, односно видливоста на успешни жени на лидерски позиции може да ги инспирира и охрабри другите жени да следат слични патишта.

Која е компаративната предност на жените во лидерството?

Важно е да се нагласи дека ефективното лидерство е сложена и повеќеслојна особина, а индивидуалните карактеристики и вештини играат значајна улога без оглед на полот. Целта не е да се стереотипизираат или генерализираат. Целта е да се препознаат и да се ценат различните силни страни што поединците, и мажите и жените, ги носат во лидерските улоги. Токму комбинацијата на различни перспективи и вештини во лидерските тимови може да придонесе за подобри организациски перформанси.

Праксата и истражувањата покажуваат дека жените како раководители се повеќе склони кон градење тим, структура и долгорочна стабилност за компанијата. Истовремено, преземањето ризици е помалку привлечно за нив. Жената е таа којашто знае да го зачува тоа што го создава. Во нејзината природа е вродено за сѐ што се создава, да го чува, да го развива, негува и да го прави поуспешно. Ова се квалитети кои се потребни во македонското претприемништво.