Летото е во полн ек, заедно со сите негови предности – патувања, дружења, музички фестивали, авантури и бескрајна забава. Но, дали големиот избор на активности исто така значи дека ќе ти биде потребен поголем буџет за да ги исполниш сите желби? Не мора да е така. Ако го отвориш умот за креативност и малку финансиска едукација ќе се изненадиш што сè можеш да постигнеш!
Продолжи да читаш и дознај како можноста за забава не запира кога ќе научиш како паметно да ги распределуваш твоите финансии.
Реупотреба и пренамена на предмети? Tоп идеја за твојот буџет!
Кој вели дека треба да купиш сè ново? Со повторната употреба на предмети што веќе ги имаш не само што ќе заштедиш пари, туку и ќе помогнеш во зачувувањето на околината. А тоа е една голема дополнителна придобивка за сите!
Во сечиј дом има стари, но добро зачувани предмети коишто вредат повторно да бидат употребени. Освен тоа што се тотално кул и повторно во мода, овие предмети обично имаат одличен квалитет и голема трајност.
На пример, пробај да пронајдеш сочувана облека и дај ѝ простор на твојата креативност. Старите ретро панталони се повторно во мода, доработи ги по твои мерки и подготви се за комплименти од друштвото. Долгите кошули лесно може да се претворат во фустан, износените фармерки може да се претворат во летни шорцеви, старата кожна јакна и ташна можат да се обноват и повторно да заблескаат.
За уште поголема заштеда, можеш да реставрираш стари предмети за уредување на новиот дом или соба. Ламби, каучи, фотелји, наткасни, масички, шкафчиња, вазни, саксии, речиси сè што ти изгледа старо може многу лесно да стане твојот нов омилен предмет во домот.
Освен боење или тапацирање во светли, модерни бои, на интернет имаш безброј идеи како на старите предмети да им дадеш нова улога во домот. И знаеш што? Ако го вклучиш друштвото во овие активности добиваш бонус незаборавна дружба со многу анегдоти и смеење!
Не знаеш дали да се забавуваш или да заработуваш? А, зошто не и двете?
Летото може да ни понуди многу забава, но може и да се искористи за дополнителна заработка или стекнување искуство. На пример, ако побараш работа на плажа, може цело лето да го поминеш покрај вода и истовремено да заработуваш. Дополнително, ќе стекнеш многу нови искуства и пријатели со коишто те очекуваат уште повеќе доживувања.
Уште една супер идеја за заработка е фриленс работата. Сигурно има нешто што ти оди добро: пишување текстови, дизајнирање, фотографирање, управување со социјални медиуми. Зошто да не ја искористиш можноста да поработиш на овие вештини и на твојот буџет истовремено?
Една од главните придобивки од фриленс работата е тоа што можеш да работиш од каде било и да поставиш свое работно време. Замисли, уживаш во свежиот воздух на планина или на твојата омилена плажа.
Планирај ги активностите и твојот буџет. Остави ја спонтаноста за забава!
Спонтаноста е одлична каректеристика, но планирањето на активностите може да ти заштеди многу време и средства подоцна. На пример, откако ќе одлучиш каде сакаш да патуваш ова лето, направи си план на активности. Зошто да платиш дупло повеќе за сместување, за храна и забава, ако постои можност да ги имаш истите доживувања за помалку пари?
Поразговарај со некој што го посетил истото место да ти даде насоки од искуство. Прочитај на интернет како се забавуваат локалните жители, разгледај ги цените, побарај информации за активни кампањи и попусти. Пронајди ги скриените бисери на местото што сакаш да го посетиш каде што можеш да уживаш во убава глетка или забава без да потрошиш многу пари.
Волонтирањето е уште еден паметен начин да си овозможиш патувања и доживувања без оптеретување на твојот буџет. Разгледај ги опциите да се приклучиш на тим волонтери и да помогнеш во организација на настани, концерти или филмски фестивали, што ќе ти овозможи да ги посетиш бесплатно. Волонтерските активности за различни еко акции исто така може да ти обезбедат интересни патувања.
Дружбите со пријателите или партнерот не мора секој пат да го оптеретуваат твојот буџет. Наместо да го поминете целиот ден во ресторани и кафулиња, повозете се со велосипеди до атрактивна дестинација во близина. Или, поделете ги трошоците за пат до место што досега не сте го посетиле, спакувајте храна и пијалаци од дома и уживајте во природа.
Оптимизирај го твојот буџет за секојдневните потреби, сочувај средства за нови искуства!
Голем дел од нашиот буџет оди на несвесни и непотребни трошоци. Ако се обидеш да го спречиш ова, ќе се изненадиш колку повеќе пари ќе имаш на располагање секој месец. Еве неколку практични примери.
Планирај ги твоите оброци. Дали знаеш колку пари фрлаш во отпад со секоја заборавена, расипана храна? Не купувај повеќе намирници отколку што ти се потребни. Секогаш прави шопинг листа и користи ги информациите онлајн за попустите во различните продавници. Проверувај ги веб страниците и апликациите за купони со попусти. Можеби токму тоа што ти треба во моментот можеш да го купиш за двојно помалку пари.
Користи велосипед наместо автомобил или автобус. Освен тоа што ќе заштедиш пари, ќе помогнеш во зачувување на околината и ќе останеш фит. Секогаш кога си во можност користи дигитални услуги што ти овозможуваат да ги завршиш твоите обврски онлајн, како што се дигиталните банкарски услуги.
Постојат бесплатни пакети за млади коишто нудат решенија за сите твои банкарски потреби, што ти овозможува максимално уживање во твоето динамично секојдневие. Дигиталната банка ти дозволува да управуваш со твоите финансии во секое време од твојот мобилен или компјутер, што покрај буџет, ти заштедува и време.
Научи паметно да ги распределуваш твоите финансии и да заштедиш, лесно е!
Обиди се да се придржуваш до правилото 50-30-20. Ова е метод кој ти овозможува полесно да го менаџираш твојот буџет. Поконкретно 50% се наменети за секојдневни трошоци, храна, превоз и слично, 30% се наменети за излегувања, патувања, концерти и 20% се за заштеда на средства. Ова правило ќе ти помогне да реализираш сѐ што ќе замислиш и притоа да заштедиш.
Мислиш дека не знаеш да штедиш? Управувањето со средствата може да биде многу едноставно доколку си поставиш одредени цели. На пример, ова лето можеш да си поставиш неколку реалистични цели како што е на пример одењето на концерт на омилен артист, посета на некој град или запишување на курс.
Ако редовно се потсетуваш на твојата цел ќе успееш да ја одржиш мотивацијата. Имајќи јасна визија за што штедиш и како ќе се чувствуваш подоцна, полесно е да да ја задржиш дисциплината и да ја досигнеш целта.
Штедењето е навика која се стекнува, затоа немој да се разочараш ако на првиот обид не успееш да оствариш баш сè како што ќе замислиш. За почеток, од голема помош може да ти бидат можностите за флексибилно штедење.
Што е флексибилна штедна сметка? Тоа е сметка на којашто можеш во секое време да одлучуваш колку пари сакаш да оставиш за штедење, а колку сакаш да повлечеш за користење. Ова ќе ти помогне малку посвесно да го распределуваш твојот буџет отколку кога се обидуваш да штедиш и да трошиш од истата сметка или парите во новчаник.
Флексибилната штедна сметка е само една од многуте услуги што можеш да ги добиеш со бесплатниот ProYOUng пакет за млади на ПроКредит Банка. А за сето ова да биде уште позабавно, со пакетот добиваш и гратис 6 месечна претплата на Spotify Premium!