Кога започнуваш бизнис, од клучно значење е изборот на соодветната правна структура, односно фирма. Затоа се обидовме да ти ги поедноставиме најчестите типови деловни субјекти. Ги издвоивме нивните клучни карактеристики и разлики за да ти помогнеме да донесеш информирана одлука.
Тип на фирма – Трговец поединец (ТП)
Овој тип на фирма е идеален за поединци кои нудат услуги под нивно име, како што се занаетчиите и уметниците.
Главни карактеристики на ТП
- Ниски трошоци за почеток: Отворањето на фирма чини околу 50% помалку од другите форми на деловни субјекти.
- Пониски годишни надоместоци: Годишниот надоместок за фирмарина е 2000 денари, драстично понизок од оној на другите типови на компании.
- Не е потребен почетен капитал: За разлика од ДОО и ДООЕЛ за кои е потребен основачки влог од 5000 евра, трговците поединци го немаат овој почетен трошок.
- Флексибилни опции за плата: Сопствениците можат да изберат да ги плаќаат само задолжителните придонеси (46% од платата) или целата бруто плата.
- Регрес: Регрес за годишен одмор (К-15) мора да се обезбеди доколку има вработени, но не е задолжително истиот да се уплати за управителот.
- Лична одговорност: Сопственикот одговара со целиот свој личен имот во случај на долгови или правни прашања. Ова значи дека во случај на оперативни неправилности или судски извршни пресуди, личниот имот може да биде запленет.
- Комплексно затворање: Ликвидацијата на фирмата и стечајната постапка може да бидат долги и сложени.
Тип на фирма – Друштво со ограничена одговорност основано од едно лице (ДООЕЛ)
Ова е идеално решение за оние кои започнале како трговци поединци и сега сакаат да го прошират својот бизнис.
Главни карактеристики на ДООЕЛ
- Управување и одговорност: Управувано од едно лице кое одговара само со средствата на компанијата.
- Повисоки трошоци за основање: Може да се основа или со готовински депозит од 5000 евра или со материјален депозит со еквивалентна вредност (на пр. возила, објекти, опрема).
- Повисоки годишни надоместоци: Надоместокот за фирмарина е повисок од оној за Трговец поединец.
- Задолжителни исплати на целосна плата: Целата бруто плата мора да се исплаќа месечно без исклучок.
- Регрес: Регрес за годишен одмор (К-15) мора да им се обезбеди на сите вработени, вклучувајќи го и менаџерот.
- Побрзо затворање: Процесот на затворање на компанијата е побрз во споредба со трговците поединци.
Тип на фирма – Друштво со ограничена одговорност (ДОО)
Можност за основање бизнис со еден или повеќе партнери каде сопственоста е поделена на сите основачи.
Главни карактеристики на ДОО
- Поделена одговорност: Компанија основана од неколку лица кои споделуваат одговорност којашто е ограничена на средствата на компанијата, а не на нивниот личен имот.
- Флексибилни опции за основање: Слично на ДООЕЛ, може да се основа со готовина или материјален депозит од 5000 евра.
- Повисоки годишни надоместоци: Надоместоците на компанијата се повисоки, 7000 денари годишно со дополнителна наплата од 2000 денари за секоја подружница.
- Задолжителни исплати на целосна плата: Целосната бруто плата мора да се исплаќа секој месец.
- Регрес: Регрес за годишен одмор (К-15) мора да им се обезбеди на сите вработени и на управителот.
- Побрзо затворање: ДОО компанија е полесно да се затвори во споредба со трговците поединци.
Тип на фирма – Поедноставено друштво со ограничена одговорност (ПДОО)
Одлично решение за млади претприемачи со иновативни идеи или поединци и мали групи (до тројца основачи) кои имаат ограничен почетен капитал, но сакаат да започнат бизнис. Воведувањето на овој облик на деловен субјект има за цел да ја намали сивата економија и да ја зголеми конкурентноста на бизнисот. Оттаму, ПДОО има многу заеднички карактеристики со ДОО, но и неколку разлики што го издвојуваат како посебен, различен облик на деловен субјект.
Главни карактеристики на ПДОО што го издвојуваат од ДОО
- Минимален основачки капитал: Може да се воспостави со минимален капитал од 1 евро во денарска противвредност.
- Задолжителна резерва: Друштвото мора да има задолжителна резерва, во која треба да се внесе една четвртина од добивката што е прикажана во годишните финансиски извештаи, намалена за износот на загубата од претходната година.
- Целосно плаќање пред регистрација: Акциите мора целосно да се платат пред да се регистрира компанијата.
Изборот на соодветна правна структура зависи од твоите деловни цели, ресурси и можност за толеранција на ризик. Ако ги разбираш опциите што ги имаш на располагање, веќе си чекор поблизу до започнување на твојата авантура во светот на претприемништвото.
За основање на фирма секако ти се потребни овластени правни субјекти, но ние сме тука да ти помогнеме со совети и иновативни банкарски решенија. Следи го нашиот блог каде ќе те водиме низ сите чекори во процесот на започнување на сопствен бизнис. За тоа е тука и нашиот серијал „Бизнис минути” на социјалните мрежи.