Позитивна промена за одржлива иднина – успешна приказна за партнерството со „Бато и Дивајн“

Градење одржлива иднина е олицетворение на заедничките цели на бизнисите и банките, давајќи приоритет на одговорноста кон животната средина и создавањето трајни позитивни промени. Здружено, компаниите и нивните финансиски партнери преку усвојување на систематизирани еколошки практики, можат да придонесат за позелена и попросперитетна иднина за сите.

Грижа за одржлива иднина

Во свет кој се соочува со итни еколошки предизвици, на светско ниво грижата за одржлива иднина се повеќе станува колективна мисија која ги надминува личните интереси на поединците и корпорациите. Додека прогресивните бизниси се стремат да направат позитивно влијание на планетата, создавањето силни партнерства меѓу компаниите и финансиските институции се појави како клучен катализатор за промени.

Банките играат клучна улога во обликувањето на одржлива иднина преку активно промовирање еколошки практики и обезбедување поддршка за бизнисите усогласени со еколошките вредности. Преку иновативни решенија за финансирање, банките можат да поттикнат инвестиции во проекти кои даваат приоритет на обновливите извори на енергија и намалувањето на влијанието врз животната средина.

Заедничка мисија за квалитет и одржлив развој

Поддршката на одржливиот развој не само што го зајакнува угледот на бизнисите, туку го отвора патот за посветла и посигурна иднина за сите. Водени од заедничка мисија за создавање одржлив свет, долгогодишното партнерство помеѓу „Бато и Дивајн“, водечка печатница во Македонија и регионот, и нивниот партнер, ПроКредит Банка, е доказ за одговорност и посветеност кон зачувување на животната средина.

Печатницата „Бато и Дивајн“, основана во 1995 година, се занимава со индустриско печатење, специјализирани за offset, flexo и дигитално печатење. Проширувањето на компанијата од дотогашната маркетинг агенција, во компанија чија главна мисија е понуда на висококвалитетни производи и услуги на пазарот, сопственичката Марија Росоманова, го објаснува: „Можноста за разновидна палета на производи и неотстапувањето од квалитетот  кој го нудиме на нашите клиенти, се она што секогаш нѐ одвојувало како единствен избор и нѝ помогнало во пласманот на странскиот и домашниот пазар.“  

Марија Росоманова од Бато и Дивајн

Поддршка од ПроКредит Банка

Светската енергетска криза која не ја одмина нѝ нашата земја, го забрза процесот на изнаоѓање алтернативни извори на енергија, што ги поттикна „Бато и Дивајн“ да инвестираат во фотоволтаични панели како долгорочно решение за задоволување на сопствените енергетски потреби. Грижата и поддршката на финансискиот партнер во вакви моменти е клучна за градење на цврсти партнерски врски, базирани на доверба и делење на заедничка мисија.

„ПроКредит банка ни пружи голема поддршка во остварувањето на 2 големи инвестиции со доста поволни услови за нашето работење и сега повторно е со нас во инвестиција за одржливи извори на енергија, односно фотоволтаични панели.

Глобалната криза за електрична енергија нѐ натера да се осврнеме кон бенефитите на сончевата енергија и нејзиното користење. Поддршката на европската банка за обнова и развој и ПроКредит Банка во форма на грант и техничка експертиза како дел од Sustainable Reboot програмата за поддршка на мали и средни претпријатија ни помогна во одлуката и брзата реализација на инвестицијата“, изјави Росоманова.

Што е одговорна банка?

Банките имаат огромен удел при одредувањето на насоката на движењето на економијата преку инвестиција во одржлива иднина. Од апликации за следење на CO2 отпечатокот до кредити за фотоволтаични централи, денес банките во светот мора да бидат едни од лидерите при справувањето со глобалните предизвици поврзани со климатските промени, социјалната нееднаквост, ранливоста на енергетските системи и одржливоста на социо-економското опкружување. Лидерската улога бара визија, бара принципи на одговорна банка.

Што е одговорна банка?

Одговорна банка во овој контекст, е банка која дејствува во насока на одржлив развој и заштита на животната средина, преку одржливо финансирање на проекти кои имаат позитивен ефект врз природата чиј фокус најчесто е во инвестирањето во обновливи извори на енергија и социјално одговорни бизниси. Основа за одржливо работење од страна на банките насекаде во светот е ESG концептот (Environment, Social, Governance).

Што можат банките да направат за одржлива иднина?

Неколку добри практики кои придонесуваат кон одржливоста и прават една банка да биде одговорна банка:

Инвестиции во обновливи извори на енергија

Банките можат да промовираат кредити за инсталирање на фотоволтаични централи, и да помогнат во едукација на своите клиенти. Овие инвестиции ќе ја намалат вкупната потрошувачка на енергија и ќе помогнат во намалување на емисиите на стакленички гасови.

Финансирање на проекти за енергетска ефикасност

Банките можат да предложат кредити за замена на стари апарати со нови, енергетски ефикасни апарати или за инсталирање на системи за греење и ладење кои користат енергија со помалку емисии.

Утврдување на листа на активности кои банките нема да ги кредитираат

Оваа листа да содржи активности од разни домени на работењето на потенцијалните клиенти како што се неетички практики и услови за работа, дејности кои се штетни за здравјето и животната средина, дејности кои имаат негативно влијание врз заедницата, како и правни субјекти кои вршат конкретни неприфатливи дејности кои банката нема да ги финансира. 

Воспоставување систем за управување со животната средина

Банките да воспостават Систем за управување со животната средина кој ќе содржи компоненти како:

  • интерен систем за управување со животната средина за да се овозможи подобро разбирање и подобрување на одржливоста на сопственото користење на енергија и влијание врз животната средина;
  • управување со ризикот од животната средина кај кредитирањето преку постојани и темелни проценки и со инкорпорирани прашања од животната средина во процесот на одобрување кредити, воедно да ја подигнуваат свесноста на клиентите за животната средина;
  • да промовираат „зелено финансирање“. 

Дигитализација на процесите и инвестирање во луѓето

Банките секако треба да тргнат од себе, да ги дигитализираат и автоматизираат процесите и за тоа соодветно да ги обучат вработените. Намалувањето на употребата на хартија е еден од главните чекори кои банките ги превемаат во насока на целосно преминување во дигиталната сфера при работењето.

Применување на високи стандарди на одговорна банка

Применување на високи еколошки и енергетски стандарди при изградба, реновирање на опремување на сопствената деловната мрежа со што значително би ја намалиле потрошувачката на струја.

Промоција на електромобилност

Самите банки да промовираат електромобилност во својот возен парк, на струја произведена од сопствена фотоволтаична централа.

Извештаи за инвестиција во одржлива иднина

Јавно да објавуваат извештаи за одржливост кој ќе содржи детални информации на нивниот бизнис модел и сите активности кои ги преземаат за намалување на негативното влијание врз животната средина.

Колкава е свесноста на луѓето за концептот на одговорна банка?

Од огромна важност е улогата на банката во советување и информирање на клиентите за предизвиците со климатските промени и другите глобални предизвици, како и за важноста на инвестирањето во одржливи проекти. Искуството на ПроКредит Банка покажува дека расте интересот кај клиентите за т.н. „зелено финансирање“.

„Досега, околу 20% од кредитното портфолио на ПроКредит Банка е пласирано во зелени кредити, податок на кој ние како банка ориентирана кон одржливо работење, сме особено горди. Ако сето ова го интерпретираме низ ефектот врз животната средина, избегнавме емисија на 18.000 тони CO2, еквивалентно со отстранување на 9.200 возила од сообраќај за една година– вели Емилија Спировска од Управниот одбор на ПроКредит Банка, додавајќи дека соодветна проценка на еколошкиот ризик при соработката со секој клиент е задолжителна, со цел да се избегне пласирање на средства во еколошко или социјално неподобни проекти.

Со поддршка на инвестиции во обновливи извори на енергија и општествено одговорни бизниси, пласирање на поволни кредити, банките веќе ги поттикнуваат бизнис клиенти да ја ограничат нивната зависност од фосилни горива и да преминат кон одржливи деловни модели. „Заради нашата проактивна и советодавна улога, компаниите кои се клиенти на ПроКредит Банка инвестираат во фотоволтаични централи за сопствена употреба дури три пати повеќе во однос на останатите компании на пазарот. Така, до сега имаме финансирано преку 120 фотоволтаични централи поставени на кров со преку 40 МВ инсталиран капацитет.“ – истакнува Спировска.