ПроКредит програма за нововработени е обука што ја препорачувам секому – интервју со Валид Сулејмани

Валид Сулејмани е Советник за бизнис клиенти во ПроКредит Банка, кој преку нашата програма за нововработени, ја започна својата кариера во ПроКредит. Валид со нас ги сподели своите импресии од обуката во Скопје и во Белград.

Како се запозна со оваа програма за нововработени?

За Онбординг програмата на ПроКредит Банка знаев дека постои, но немав подетални информации што точно подразбира. Кога решив да аплицирам во ПроКредит, на нивната веб страница се информирав за процесот на Онбординг и што точно подразбира програмата и така всушност дознав што ме очекува при вработување.

Како е твојата моментална работна позиција во банката?

Мојата сегашна позиција во ПроКредит Банка е Советник за бизнис клиенти, за која имавме обука од 14 дена во рамките на Онбординг. Научивме многу важни работи кога станува збор за бизнис клиентите, како на пример, како полесно да анализираме клиенти, како да комуницираме со нив, да ја најдеме соодветната понуда според дејноста на бизнисот, ги изучивме продуктите на банката и што точно подразбираат и вклучуваат истите.

Но стекнатите знаења од Онбординг не се однесуваат само на мојата работна позиција, туку и на секоја друга, се учи на кој начин функционира банката, која е мисијата и визијата и на кои вредности се темели. И сите ние откако ја поминавме обуката, навистина започнавме да размислуваме поинаку.

Програма за нововработени на ПроКредит

Од што си особено задоволен дека научи на оваа програма за нововработени?

Уште додека студирав на факултет имав голема трема од јавно говорење, дури и страв од презентации што ми создаваше анксиозност и секогаш на тоа гледав како на голем проблем или препрека за развивање на мојата кариера и професионален раст.

Но, благодарение на програмата за нововработени на која два пати дневно имавме активности поврзани токму со јавен настап, можам слободно да кажам дека овој проблем го надминав. Дури и јазичната бариера која постоеше до одреден степен престанав да ја забележувам, ми беше дадена слобода и да згрешам, да се поправам, што всушност ми овозможи многу да се опуштам и да бидам посигурен во моите излагања.

Што дополнително би додал како позитивен фидбек кој го имаш од Онбординг програмата?

Лично за мене импресивно беше дека по изучување на одредени работи на програмата, почнав истите тие да ги практикувам и имплементирам и во мојот приватен живот. На пример, во Белград не ги учиме само теоретски вредностите на банката, туку ги разбираме и причините за тие вредности.

Да, ние сме зелена банка, но зошто сме и зошто треба да бидеме зелена банка? Која е филозофијата на зелените практики денес во светот и како може ние да ги примениме во нашиот секојдневен живот? Длабоко навлегувавме во сите овие прашања и одговори што доведува до, не само да ги споделуваме, туку и во својот живот да ги имплементираме. Исто така би сакал да го истакнам и моментот на дружбите со наши колеги од други држави, со кои поминавме убави моменти и изградивме цврсти пријателства.

Дали ја препорачуваш програмата за нововработени на млади личности кои би сакале да започнат кариера во банкарство?

Да, во целост сум задоволен од обуката и ја препорачувам секому кого го интересира светот на финансиите. Но, уште поважно е дека секој кандидат кој би сакал да се вработи во ПроКредит Банка, а со тоа и да учествува во Онбординг програмата, не мора задолжително да биде со економски или правен фактултет, туку може да биде од секоја друга област. Ние во банката имаме на пример колега психолог, инженер, архитект и др. Доволно и најважно од сé е желбата за кариера во банкарската индустрија, а Онбординг програмата ќе се погрижи за сé останато.  

Обука за нововработени е најдобар избор за започнување кариера – интервју со Петар Спасовски

Вработувањето преку Онбординг програмата на ПроКредит Банка која претставува обука за нововработени, му потвдри на Петар Спасовски дека го направил вистинскиот избор за отпочнување на својата кариера во банкарскиот сектор.

Што ја издвои ПроКредит од останатите работодавачи?

Кога размислував за работно место, а знаев дека сакам да работам во секторот финансии, дојдов до заклучок дека ПроКредит Банка нуди многу поголем и побрз личен и кариерен развој споредено со другите банки. Персонализираниот пристап кој ПроКредит го има кон своите вработени е она што кај мене најмногу влијаеше да одлучам  дека тука сакам да  започнам да ја градам својата кариера во светот на финансиите.

Онбординг програмата им дава можност на младите да се насочат кон работната позиција која најмногу им одговара според нивниот профил, карактер и интереси.

обука за нововработени

Зошто обука за нововработени?

Уште кога разгледував можности за мое вработување, сфатив дека со Онбординг програмата, ПроКредит нуди сосема различен пристап, кој мене повеќе ми одговараше – доедукација, но не во форма на формално образование како мастер програма, туку преку практични примери, но и реални ситуации од секојдневното работење да го надградам знаењето добиено од факултет, а тоа беше токму и она што го  добив од оваа програма. За програмата знаев уште од студентските денови, како и дека дел од програмата се одвива во Белград.

Што научи на Онбординг програмата, кои беа придобивките?

Техничкиот дел од Онбординг програмата ми ја даде потребната основа за работењето, која секој кој работи во банка мора да ја поседува. Од една страна се стекнав со нови знаења и ги утврдив веќе постоечките кои се однесуваат на основни банкарски работи како кредитирање, депозити, банкарски услуги и др., кои, без разлика во кој сектор од банката да работиш, мора да ги знаеш.

Од друга страна пак, ја разбравме улогата на банките во општеството и како се под влијание но и како влијаат на сите микро и макро економски случувања во државата, па затоа од функционална важност е секој од нас да ги знае сите тековни настани, случувања и трендови во општеството.

Освен со стручно и техничко знаење, голем дел од програмата е посветен на развивање на меки вештини преку изучување теми од областа на филозофија, етика, поттикнување на критичко размислување и сл, преку кои ги подобрив своите ораторски, презентациски и комуникациски вештини.

Каков беше животот во Белград за време на тие 5 недели кога се одвиваше обуката за нововработени?

Тој дел од Онбординг програмата беше навистина одличен. Покрај теоретското, стручното и практичното знаење кое го стекнавме, самиот престој и живот во Белград дополнително ни ја зголеми самодовербата, ни овозможи да запознаеме луѓе и стекнеме пријатели од други држави и да ги прошириме нашите хоризонти. Тие дружби, особено за време на викендите кога сме слободни и немаме настава, ќе ги паметам уште долго.

Кој е следниот чекор во твојата кариера?

Да продолжам да се развивам со ист или посилен интензитет, како би ги искористил стекнатите знаења и способности во успешно исполнување на улогата која ја имаат мојата работна позиција и Банката – стабилен партнер на малите и средни претпријатија во државата кои се движечка сила на економијата во државата.

Родова еднаквост во корпоративната култура – интервју со Емилија Спировска и Јованка Јолеска

Во нашата заложба за поттикнување средина каде што буквално секој може да се истакне, со гордост можеме да кажеме дека ПроКредит Банка е изградена врз основа на родова еднаквост и инклузија каде што сите добиваат еднаква шанса.

На што се темели вашето одговорно работење денес, во согласност со ЕСГ принципите?

Во ПроКредит Банка пристапот кон корпоративна одговорност е фундаментално втемелен во нашето секојдневие. Исто така, има многу посуштинско значење од класичната дефиниција за општествена одговорност. ПроКредит банка беше основана пред 20 години со јасна визија да направи позитивно влијание на македонското општество. Оттаму, одговорноста ја гледаме низ призма на оставање позитивен печат преку нашите постапки и акции, и таа има мултидимензионален карактер.

Одговорноста, пред сѐ ја гледаме кон своите клиенти. Сакаме да ги слушнеме и разбереме нивните потреби, а со тоа и да обезбедиме квалитетни, транспарентни и ефикасни услуги. Истовремено, наша важна улога е да ги советуваме клиентите во носење на најдобри финансиски одлуки согласно нивните лични потреби и можности, кои ќе овозможат одржливост и долгорочни бенефити за поединците, бизнисите и целокупната економија.

Одговорноста за нас е и промоција на позитивни практики. Ова се однесува на инвестиции во енергетска ефикасност и одржливи решенија, промоција на штедење наспроти консумеризам, поттикнување дигитализација за одржлив развој на бизнисите и целокупното општество.

Од друга страна, одговорноста ја покажуваме и преку фактот што принципиелно не соработуваме и не поддржуваме бизниси и поединци кои имаат негативно влијание врз природата и општеството во кое живееме. Примената на овие високи етички стандарди се всушност и основата на нашето работење. Тоа е печатот кој го оставаме врз општеството и економијата во изминатите дваесет години.

Одговорноста за нас значи и инвестирање во развој на млади кадри и давање шанса за кариерен развој кој не застанува само во првите години од вработувањето. Таа се однесува и на креирање долгорочни можности за надградување, личен развој, градење менаџерски кадри и лидери. Горди сме што во банката годинава голем број колеги го слават јубилејот 20 години заедно со јубилејот на банката, што е доказ за можностите кои ги нуди оваа институција.

родова еднаквост

Дали во ПроКредит постои дефинирана програма за стимулирање на родова еднаквост?

Родова еднаквост, инклузивност и еднакви можности за сите вработени се нормативи во институцијата кои се поставени уште од нејзиното основање и остануваат основни темели на нашата корпоративна култура до ден денес.

Ние веруваме во моќта на различноста, препознавајќи дека институцијата напредува кога ќе се здружат поединци со различни искуства и перспективи. Во нашата заложба за поттикнување средина каде што буквално секој може да се истакне, со гордост можеме да кажеме дека оваа институција е изградена врз основа на еднаквост каде што сите добиваат шанса.

Согласно тоа, во банката вреднувањето на вработените секогаш се базирало на нивните квалитети и заложби, без разлика на полот. Во моментот, 71% од  вработените во ПроКредит банка се жени. Гледајќи го банкарскиот сектор во земјата, но и пошироко, ова можеби и не е изненадувачка бројка, имајќи предвид дека жените во просек имаат тенденција да избираат постабилна работна атмосфера.

Дали во рамки на заложбата за родова еднаквост имате застапеност на жените во топ менаџментот?

Тоа што е уникатно за ПроКредит банка, нешто на што сме особено горди е учеството на жени на раководителски позиции е 84%, што е далеку повисоко во однос на просекот во банкарскиот сектор. Овој факт сам по себе зборува дека на жените не им е дадена само шанса да се вработат, туку и можност за развој, кариера, напредување и вреднување на нивниот труд.

Она што е интересно е дека овие проценти не се постигнати заради строго дефинирана програма и исполнување на одредени квоти и цели на институцијата, напротив ваквата родова еднаквост и застапеност на жените е постигната по природен пат односно преку нивните лични заложби и успеси во рамки на институцијата.

Банката отсекогаш важела за фер работодавач, споделувајќи го транспарентно процесот на вработување, но и можноста за професионален напредок во рамки на институцијата. Вложувањето во професионален развој на нашите вработени е приоритет и сметаме дека нашата отворена комуникација и посветеност е препознаена и ценета од нашите вработени.

Како вие гледате на проблемот на женското лидерство во општеството и економијата?

Жените во Македонија поретко се одлучуваат да започнат сопствен бизнис споредено со мажите, а најголем процент на бизнисите кои се основани од жени, се микро бизниси со големина до десет вработени. Ова го потврдува и нашата анализа на базата на клиенти на ПроКредит банка, каде застапеноста на жените на функција на управители во приватниот сектор е само 19%. Тоа е доказ дека потенцијалот на жената како претприемач е недоволно препознаен и искористен во земјава.

Потенцијалот треба првенствено да го препознае жената, и тоа е личен избор, храброст и заложба да се успее во бизнис светот. Секако, претприемачката иницијатива со себе носи одредени жртви и одрекувања, па затоа овој пат не е ни малку лесен.

Второ, одлуката за претприемачките иницијативи е неопходно да биде во корелација со семејството и поддршката од најблиската околина. Поддршката од семејството често е критичен фактор за успешен кариерен развој на жените. Флексибилноста во семејството е важна за постигнување баланс меѓу професионалниот и личниот живот.

Трето, можностите кои ги нудат институциите и работодавачите, еднаквиот третман на вработените и позитивните практики на родова еднаквост, но и флексибилноста на институциите и почитувањето на природата на жените и нивната уникатна улога во природата, мајчинството. Ова е поврзано и со нашата култура како народ, од каде потекнува и корпоративната културата која ги отсликува самите институции.

Дали гледате реална можност за подобрување на условите за постигнување родова еднаквост?

Во последните години гледаме трендови кај новите генерации каде сѐ повеќе стереотипите се менуваат и традицијата полека го отстапува местото на современото живеење. Тоа доаѓа заедно со дигиталната еволуција каде и потребните квалификации на поголемиот број работни позиции се имаат променето. Физичката сила е сѐ помалку фактор, а сѐ повеќе се вреднуваат аналитичките, комуникациските вештини, техничките експертски познавања за одредена област. Тука жените имаат еднакви можности за добивање на тие квалификации.

Охрабрувањето на повеќе жени да заземат претприемачки и лидерски позиции не е само прашање на промовирање на родовата еднаквост. Промоцијата на женското претприемништво игра важна улога и во развојот на економијата во нашата држава. Истакнување на успешните жени претприемачи и лидери, односно видливоста на успешни жени на лидерски позиции може да ги инспирира и охрабри другите жени да следат слични патишта.

Која е компаративната предност на жените во лидерството?

Важно е да се нагласи дека ефективното лидерство е сложена и повеќеслојна особина, а индивидуалните карактеристики и вештини играат значајна улога без оглед на полот. Целта не е да се стереотипизираат или генерализираат. Целта е да се препознаат и да се ценат различните силни страни што поединците, и мажите и жените, ги носат во лидерските улоги. Токму комбинацијата на различни перспективи и вештини во лидерските тимови може да придонесе за подобри организациски перформанси.

Праксата и истражувањата покажуваат дека жените како раководители се повеќе склони кон градење тим, структура и долгорочна стабилност за компанијата. Истовремено, преземањето ризици е помалку привлечно за нив. Жената е таа којашто знае да го зачува тоа што го создава. Во нејзината природа е вродено за сѐ што се создава, да го чува, да го развива, негува и да го прави поуспешно. Ова се квалитети кои се потребни во македонското претприемништво.