На првиот академски час учебната 2025/2026 година, во присуство на студентите и професорите на Економскиот факултет, официјално се отвори новата, современа, креативна лабораторија – ProLab, реализирана со поддршка од ПроКредит банка.
ProLab – чекор кон модерното образование
ProLab е чекор кон модерното образование – место каде што студентите можат слободно да експериментираат и да создаваат решенија за предизвиците на иднината. Новата креативна лабораторија е составена од две простории кои нудат место за тимска работа на проекти, простор за презентации и катче за релаксација. Со ProLab студентите добиваат можност за директна примена на знаењето, поврзување со колеги и развој на идеи кои можат да прераснат во реални бизнис-решенија.
Проект создаден од студенти – за студенти
Проектот ProLab е замислен од студенти за студенти. Идејата и концептот на дизајнот на просторот се должат на трудот на талентираните студенти од Архитектонскиот факултет при УКИМ. Во рамките на практична настава, заедно со тимот на Super Block (Smart Living), студентите ја преточија својата идеја во функционално и модерно решение.
Свечено отворање со присуство на академската заедница
На свечениот настан за отворање на ProLab се обратија ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, деканот на Економскиот факултет – Скопје, проф. д-р Мијалче Санта, и член на Управниот одбор на ПроКредит банка, Милан Дамчевски, со свечено сечење на црвена лента и презентација на функциите и намената на ProLab како иновативен простор за студентска креативност, практична работа и соработка.
Изјави од раководството и партнерите
Проф. д-р Мијалче Санта, декан на Економскиот факултет – Скопје
„Со отворањето на ProLab, Економскиот факултет – Скопје добива современ простор кој ќе им овозможи на нашите студенти да ја изразат својата креативност, да развиваат иновативни идеи и да ги претвораат во конкретни проекти. Благодарение на соработката со ПроКредит банка, успеавме да создадеме лабораторија која ќе биде мост меѓу академската заедница и бизнис-секторот. Верувам дека ProLab ќе стане место каде што студентите ќе се мотивираат, ќе учат едни од други и ќе создаваат решенија со реална примена во општеството.“
Проф. д-р Биљана Ангелова, ректорка на УКИМ
„Денес, на првиот ден од новата академска 2025/2026 година, со радост го отвораме креативниот хаб на Економски факултет насловен ProLab, целосно поддржан од страна на ПроКредит банка од Скопје. Во оваа пригода, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ изразува длабока благодарност до ПроКредит банка за нејзината поддршка и сакам да истакнам дека со овој гест тие не вложуваат само во лабораторија, туку во идните генерации економисти, лидери и граѓани кои ќе ја движат нашата земја напред. Поддршката што ПроКредит банка му ја дава на Економскиот факултет при УКИМ е израз на заедничка визија, почит и доверба. Со вакви партнерства, верувам дека создаваме посилни институции, подобри услови за учење и поквалитетна иднина за сите нас.“
Милан Дамчевски, член на Управниот одбор на ПроКредит банка
„Целта е да создадеме средина која ќе ги охрабри младите да ги претворат своите идеи во конкретни и реални проекти. Со оваа инвестиција сакаме да покажеме дека веруваме и инвестираме во потенцијалот на младите и дека заедно можеме да градиме посилна иднина.“
ProLab е новото креативно катче на студентите
Новите простории се веќе во употреба и се достапни за сите студенти на Економскиот факултет. Со ProLab, ПроКредит банка и Економскиот факултет – Скопје при УКИМ заеднички поставуваат нови стандарди во академското и професионалното развивање на младите.
Успешно го завршивме четвртиот модул на ПроКредит бизнис академијата, на кој учесниците имаа можност да ги продлабочат своите знаења на темата дигитална трансформација и нејзината примена во малите и средни бизниси.
На овој модул работевме на препознавање на дигиталните можности во рамките на деловните процеси и интеракциите со клиентите и ги разгледавме најновите алатки кои можат да ја подобрат ефикасноста и соработката со клиентите. Зборувавме за важноста на поттикнување култура на иновации и приспособливост во тимот, како и за воспоставувањето култура во целата организација во чиј центар се клиентите.
Дигитална трансформација – звучи како тренд, но таа е навистина неизбежна реалност за секоја компанија што сака да остане релевантна и конкурентна. Ако не се прилагодите, ќе останете да каскате зад другите. На последната работилница од овој модул разговаравме за тоа како технологијата доаѓа во бранови, како може да се поврзе со стратегијата на компанијата и како да се избегне заморот од промена. Во продолжение ги споделуваме клучните лекции преточени во практични примери.
Технолошката промена доаѓа во бранови
Замислете фарма за мраз во 19-ти век. Некои луѓе тогаш продавале мраз локално. Подоцна, се појавиле фабрики кои го дистрибуирале мразот до градовите, за на крајот, со појавата на фрижидерите овој бизнис да стане сосема застарен. Овој пример многу сликовито ги опишува денешните технологии – cloud, CRM, AI, IoT, автоматизација…
Компаниите кои навреме го препознаваат следниот бран успеваат да ги искористат можностите. Оние што чекаат ризикуваат да бидат заменети.
Три бранови на дигитална трансформација
Секоја технолошка промена се случува во три бранови. Успешните компании размислуваат во сите три бранови истовремено.
Бран
Опис
Пример
Бран 1: Ефикасност
Подобрување на постојните процеси со користење на дигитални алатки
Хартиени фактури заменети со електронски; Excel датотеки наместо тетратки
Бран 2: Нови процеси
Нови начини на работа, внатрешни промени, автоматизација
CRM наместо маси; онлајн нарачки наместо телефон
Бран 3: Нови бизнис модели
Промена на односите со пазарот и клиентите
Модели на претплата; дигитална платформа што ги поврзува корисниците и добавувачите
Стратегија и дигитална трансформација одат заедно
Технологијата не е цел сама по себе, туку средство за постигнување на стратешки цели. Ако не знаете што сакате да подобрите (квалитет, брзина, цена, корисничко искуство), нема да знаете како да ја изберете вистинската технологија.
Прашања што треба да си ги поставите:
Каде можеме да бидеме побрзи?
Каде губиме пари поради лоша организација?
Каде клиентите се чувствуваат фрустрирани?
Одговорите на овие прашања ќе ви бидат основа за избор на вистинската технологија и градење процеси што навистина функционираат.
Најчести причини за пропуштање на можности
Дури и кога можностите се јасни, луѓето често се сопнуваат на старите уверувања:
„Го правиме ова со години, нема да се промениме.“
„Нашите луѓе не се подготвени за дигитално работење.“
„Нема кој да го води тоа.“
„Скапо е и не знаеме дали ќе вреди.“
„Клиентите сè уште не се толку дигитални.“
„Нема стратегија, па затоа нема ни приоритети.“
„Менаџментот не е мотивиран.“
„Нема временски простор за промени.“
„Секој е фокусиран на секојдневните задачи.“
„Се плашам да не направам грешка.“
Мала, но важна лекција од работилницата: секоја причина за одложување е шанса да размислите како да ја решите – или да ја заобиколите.
Што научивме од оваа работилница
Работилницата беше практично искуство што им помогна на учесниците да ја видат дигиталната трансформација од нов агол. Неколку клучни пораки што ќе ги запомниме:
Да ги разбереме принципите на промена – како се движат брановите на дигиталната трансформација и зошто е важно да ги препознаеме на време.
Да ги препознаваме можностите – идентификување каде компанијата може да примени промени што носат вистинска вредност.
Да создаваме иницијативи – претворање на идеите во реални, остварливи чекори за следната фаза на развој.
Да учиме преку пракса – користење на дебата, примери, дијаграми и задачи за подобро да се разберат концептите во компанијата.
Да ги приоретизираме активностите – поставување јасни приоритети со алатки како матрицата 3×3 „итно–важно“.
На крајот, најважно е да запомниме една реченица од работилницата: „Светот никогаш нема да биде толку бавен како што е денес.“
Уметност на смелите одлуки е темата на шестата бесплатна работилница од нашиот серијал „ProBiz Superpowers“. На 24 септември, младите претприемачи од Струмица и соседните градови ќе имаат можност да учествуваат на интерактивна работилница со Петар Лазаров, еден од најпознатите бизнис и бренд консултанти во Македонија кој ќе им помогне да научат како и зошто треба да носат смели одлуки во бизнисот.
Во очекување на овој динамичен настан поразговаравме со Петар, консултант за бизнис, маркетинг, брендирање и продажба кој стои позади брендовите MAMA’S – традиционални рецепти што денес се продаваат во 40+ земји, NO BULL и B-GOOD FOOD Co. – македонски производи специјално за американскиот пазар, првпат претставени и во шоуто „Shark Tank“. Петар е и ко-основач на Sherlo P. Nomes – Бизнис и бренд агенција и ко-автор на TIP OF THE WEEK™, познатиот прирачник за личен и професионален развој.
Како би опишале со една реченица што е уметност на смели одлуки?
Да кажеш ДА кога сите велат НЕ. Или да го слушаш „стомакот“ кога сите ти велат дека е паметно да го кажеш обратното.
Најчеста грешка што ја прават претприемачите кога го развиваат својот бизнис?
Го копираат соседот, или конкуренцијата, наместо да го слушнат клиентот, пазарот или внатрешнот „пилот“. Кај нас најмногу недостига креативност, а без тоа, сите бизниси изгледаат како copy-paste. Фали „ИМАЏИНЕ“ – што би рекол еден мој пријател.
Колку македонските претприемачи се подготвени да донесат смели одлуки?
Малку се спремни. Сите зборуваат за тоа, сакаат, знаат дека за да бидеш различен мора да играш храбро и радикално. Но кога ќе дојде време да се повлече потег, повеќето играат на ‘сигурно’.
Како се балансира креативната храброст со пазарната реалност? Дали може да се биде иновативен, а сепак релевантен?
Тоа е вистинската уметност – да одиш по ивицата, да си доволно уникатен за да бидеш приметен, ама да не го исплашиш пазарот. Може да бидеш авангарден, ама ако никој не плаќа за тоа, тоа е за твојот инста профил, не бизнис.
Сподели интересен пример од твоето искуство со неконвенционални стратегии
Имавме еден бренд (NO BULL…) што наместо традиционална стратегија, излезе со порака што звучеше како бунт. Панкерски пристап. Сите мислеа дека е премногу радикален. Но наместо да падне, пазарот го прифати, и постигна супер успех. На работилницата ќе слушнете повеќе за овој бренд, бидејќи ќе биде еден од примерите што ќе ги презентирам.
Кој е најдобриот совет што би им го дал на младите претприемачи – покрај смели одлуки?
Не чекај да станеш експерт. Сите експерти некогаш биле аматери што само решиле да тргнат. Најважно е да донесеш одлука и да тргнеш во непознатото. Следете ја старата народна – ‘Кој ќе преживее, ќе зборува’. Па, дури и да не оди се според планот, ви ветувам ќе биде ‘пеколно добро возење.
Зошто да дојдеме на работилницата во Струмица?
Прво, затоа што најдобрите одлуки не се носат во канцеларија, туку кога ќе излезеш од неа. Во Струмица ќе чуете искрени приказни, не copy-paste теории од книги. Ќе видите примери на бизниси што успеале и на оние што едвај преживеале, ама сите оставиле трага. И ќе дознаете дека не треба да имаш совршени услови за да направиш успешен бизнис, треба само да имаш храброст и малку инает или лудост.
Местата се ограничени, пријавете се веднаш на следниот линк и резервирајте го вашето место!
Секој претприемач треба да ги разбере основните финансиски концепти, особено трите најважни финансиски извештаи: биланс на состојба, биланс на успех и извештај за парични текови. Нивното познавање е клучно за следење на работењето, донесување точни одлуки и планирање на идни инвестиции.
Преку овие извештаи можете да согледате што се случувало во минатото, каква е тековната состојба и какви ќе бидат идните потреби на вашиот бизнис. Оттаму, тие се важен дел во третиот модул што го слушаат претприемачите на нашата ПроКредит бизнис академија.
Биланс на успех – еден од основните финансиски концепти
Билансот на успех ги прикажува приходите и трошоците за одреден период (на пример, од 1 јануари до 31 декември). Врз основа на него се утврдува дали претпријатието остварило добивка или загуба. Ако приходите се поголеми од трошоците – имаме добивка, а во спротивно загуба.
Билансот на успех се дели на неколку сегменти:
Бруто добивка/загуба – разлика меѓу приходите и директните трошоци.
Добивка/загуба од деловни активности – вклучува индиректни трошоци, како и финансиски приходи и расходи.
Добивка/загуба пред оданочување – со вклучени вонредни приходи и расходи.
Нето добивка/загуба – конечниот резултат по одземање на данокот.
Биланс на состојба – еден од клучните финансиски концепти
Билансот на состојба прикажува што има претпријатието (имот) и како тој е финансиран (обврски и капитал). Основната формула гласи: СРЕДСТВА = ОБВРСКИ + КАПИТАЛ
Пример: ако купите комбе на кредит, неговата вредност оди во активата, а кредитот во пасивата – рамнотежата секогаш останува иста.
Пасива (извори на средства) – кредити, обврски кон добавувачи, сопствен капитал.
Активата се дели на обртни средства, основни средства и капитализација на трошоци, додека обврските можат да бидат тековни или долгорочни. Капиталот ги опфаќа вложувањата од сопствениците и нераспределената добивка.
Токму преку билансот на состојба многу претприемачи го наоѓаат одговорот на честото прашање: „Работам многу, ама каде ми се парите?“
Извештај за парични текови – еден од најпрактичните финансиски концепти
Овој извештај е еден од најпрактичните финансиски концепти за секој претприемач бидејќи прикажува:
почетна состојба на готовина,
сите приливи (на пр. уплати од клиенти),
сите одливи (на пр. плати, трошоци, даноци),
крајна состојба на готовина.
Извештајот за парични текови ги следи само готовинските промени – затоа во него не се прикажуваат продажби на кредит или амортизација.
Можете да имате добри приходи, но ако немате готовина, нема да можете да ги плаќате сметките. Поради тоа, многу мали бизниси, иако рентабилни, затвораат поради недостиг на ликвидност.
Планирање на парични текови
Прогнозата на кеш флоу е клучна алатка за управување со вашиот бизнис. За да се направи оваа прогноза потребно е:
да се процени нивото на промет во идниот период,
да се знае колку приходи се готовински, а колку преку агенции или картички,
да се планира кога ќе се плаќаат обврските (плати, даноци, кредити),
да се земат предвид кредитните услови кај добавувачите.
При започнување на бизнис, трошоците за реновирање, опрема или лиценци се високи. Затоа планирањето на паричните текови е неопходно за да не останете без средства пред да почне наплатата.
Разбирањето на овие финансиски концепти нема автоматски да ве направи успешен претприемач. Но, нивното непознавање значително ги намалува шансите вашиот бизнис да опстане и расте.
Неодамна нашиот тим за човечки ресурси седна на искрен разговор со тимот од Кариера.мк, во кој даде одговори на интересни прашања преку коишто може да откриете како е да работите во ПроКредит Банка. Во продолжение го споделуваме ова интервју.
ПроКредит Банка е банка која комбинира одговорни банкарски практики со силен фокус на луѓето – клиентите, заедницата и вработените. Но, како е навистина да се работи таму?
Седнавме со тимот за човечки ресурси, луѓето кои ја познаваат организацијата одвнатре, на разговор за корпоративната култура, секојдневната динамика и она што ја прави ПроКредит Банка навистина наградувачко место за градење на кариера.
Кој е најчестиот стереотип за работењето во банка?
Дека е премногу формално и здодевно. Иако ја сфаќаме нашата работа сериозно, особено кога станува збор за етика, одговорност и професионалност, внатрешната средина е навистина отворена и соработлива. Постои силна култура на меѓусебно почитување и постојано учење, и сите се охрабруваат да зборуваат, да споделуваат идеи и да растат. Ние сме структурирани, да, но никогаш не сме конзервативни.
Каква е работната култура во ПроКредит Банка?
Отворена. Транспарентна. Поддржувачка. Управувана со цел. Како банка сме многу ориентирани кон процесите, но тоа не значи дека луѓето само ги следат наредбите. Постои јасна структура што ви дава насока, но и простор сами да преземете иницијатива, да учите од вашите грешки и да се развивате и растете професионално.
Каква личност напредува во ПроКредит Банка?
Љубопитна личност, самодисциплинирана и прилагодлива. Ние сме динамична институција која го цени долгорочното размислување. Не мора да се имаат сите одговори уште од првиот ден, всушност, не го очекуваме тоа. Бараме луѓе кои се желни да учат, отворени за повратни информации и способни да работат и самостојно и во тимови. Исто така, вреди да се напомене, интегритетот е важен овде. Многу.
Каква е типичната интеракција меѓу секторите?
Интеракцијата е флуидна. Поради нашата хоризонтална хиерархија и стил на директна комуникација, често ќе видите колеги од различни оддели како тесно соработуваат. Таа меѓусекторска поддршка прави голема разлика во секојдневната работа. Ние не работиме индивидуалистички, а тимската атмосфера и ентузијазам се лесно забележливи.
Споделете момент што го одразува тимскиот дух
Еден момент кој совршено го одразува тимскиот дух се случи на минатогодишниот тим билдинг настан во Велес, каде повеќе од 200 колеги се собраа на дводневен настан исполнет со дружба, игри и музика во живо. На вториот ден од настанот, сите колеги станаа рано за да направат групна слика за паметење. Колегите се поделија во 3 групи и го испишаа зборот PRO, момент кој беше фотографиран со дрон. Оваа слика го одразува нашиот колективен дух, многу индивидуи, но еден тим кој се движи напред кон заедничка цел.
Која практика за човечки ресурси треба повеќе компании да ја усвојат?
Нашата култура на фидбек и транспарентност. Повратните информации во ПроКредит не се резервирани за годишни евалуации, тие се редовни, структурирани и искрени. Тие им помагаат на луѓето континуирано да се подобруваат без да се чувствуваат микроменаџирани. Тоа е клучно во банка каде што и прецизноста и растот се важни.
Совет за некој што размислува за кариера во ПроКредит Банка?
Дојдете со отворен ум и желба за учење и работа. Бидете подготвени да се соочите со предизвици, на најдобар начин. Ќе ви бидат дадени вистински одговорности уште на почетокот, но исто така и силна поддршка и континуирана обука. Тоа не е само работа, тоа е долгорочен пат на развој.
Што ве прави горди што сте дел од тимот за човечки ресурси?
Луѓето. Низ сите оддели, постои заедничка посветеност на извршување значајна работа, третирање на другите со почит и градење нешто одржливо, не само за банката, туку и за заедницата. Таквата култура не се случува случајно. Таа е изградена намерно и ние сме горди што сме дел од неа.
Без разлика дали сте млад професионалец кој истражува можности за кариера или некој што бара работно место со цел и интегритет, ПроКредит Банка нуди повеќе од само вработување, таа нуди место за личен и професионален раст.
Дали е можно профитот да оди рака под рака со општествената одговорност? Што значи да се создава профит што носи вредност и за економијата и за општеството? Во разговор на поткастот на Канал 77, Јованка Јолеска Поповска, член на Надзорен одбор и Емилија Спировска, член на Управен одбор во ПроКредит Банка зборуваат отворено за нивниот професионален пат, предизвиците што ги носи современото банкарство, провизиите и профитите на банките, како и нивната улога во економијата и општеството.
Која е основната улога на банките?
Емилија Спировска: Мултиплицирање на парите во нашата економија е еден од клучните моменти. Едно е личните планови кои ги имате за заштеда, но друго е да го гледате и општествениот аспект на сето тоа. Парите кои се штедат во банка се мултиплицираат во економијата, додека на пример парите инвестирани во злато немаат позитивно влијание на економските движења. Во економијата во која живееме денес, сметам дека е важно парите да се чуваат во банка за да може да се вратат во економијата.
Зошто е важно банките да генерираат профит и да бидат стабилни?
Јованка Јолеска Поповска: Банките мора да се профитабилни поради тоа што профитабилна банка значи банка која може долгорочно да постои и е стабилна, затоа што во спротивно нестабилен банкарски сектор значи лошо за целата наша економија.
Дали може профит и одговорност да одат рака под рака?
Емилија Спировска: Апсолутно, профитот може и треба да оди рака под рака со одговорноста. Она што е проблем е кога трката за профит тотално го стави на страна прашањето за одговорност. На пример, дали профитот кој јас сакам да го заработам го остварувам по секоја цена и не ми е грижа какви последици ќе има кон општеството, животната средина, моите вработени, моите бизнис партнери и слично? Опасно е ако профитот нема никаква контрола.
Дали и зошто е важна финансиската едукација за физичките лица и бизнисите?
Јованка Јолеска Поповска: За физичките лица потребна е финансиска доедукација и треба истата да биде во порани години, додека се децата уште во училиште треба да се зборува на таа тема.
Бизнисмените се финансиски писмени бидејќи за да имаш своја компанија мора да си финансиски писмен. Меѓутоа, она што го забележуваме години наназад е дека има некоја стагнација на знаењето, за тоа како се управуваат фирмите, како се применуваат некои корпоративни практики и слично. Така што дефинитивно е потребна таа дообука и за компаниите, за да бидат поконкурентни.
Токму од тука тргна идејата за ние да направивме една бизнис академија која е бесплатна, достапна и наменета за развој и едукација на малите и средните претпријатија.
Колку е важно критичкото размислување за да изградиме подобро утре?
Емилија Спировска: Ние сите работиме во некое дадено опкружување со институции и закони, но не треба да се криеме позади закони и процедури. Треба да се запрашаме, што можам јас да направам дополнително во однос на работата на институцијата за да знам дека сум направила уште еден чекор понапред и да не се потпирам и кријам само позади институциите.
И тоа не е само во домен на банките, тоа е во домен на секоја компанија, на секој поединец. Едно се институциите и нивната работа, но јас како поединец треба да знам што можам јас да направам дополнително. Треба да сме критичари на она што е друштвена реалност и да го дадеме својот максимум за тоа што го имаме денес да може да го направиме утре уште подобро.
Колку е важна личната одговорност на секој што работи во банкарскиот сектор и во донесувањето одлуки?
Јованка Јолеска Поповска: Доколку банкар ви даде кредит, а истовремено точно знае дека таму постојат ризици за вработените, клиентите, безбедноста или слично, тоа значи дека не му е грижа.
Тука веќе навлегуваме во личната одговорност и нашите лични вредности и верувајте тоа е нешто кое што поголемите компании и банки можат да го направат и да бидат мултипликатори на добри нешта. Почнуваме од тука со едукација за она што е етички, што е добро. Максималниот профит не е најважното нешто, треба да се чувствувам добро и кога ќе излезам надвор од работа знаејќи дека сум направила нешто добро.
Во секојдневната работа со нашите клиенти, најголемата вредност ја гледаме во градењето долгорочни партнерства, особено кога станува збор за поддршка на млад претприемач што храбро чекори по својот пат.
Еден од храбрите претприемачи со кој имаме задоволство да соработуваме е Кристијан Димоски, основачот на денес веќе добро познатата e-commerce платформа Akcija24.mk. Преку нашата програма „Млади во бизнисот“ Кристијан доби финансиска поддршка и вистински партнер во секоја фаза од развојот на неговиот бизнис.
Во ова интервју со Кристијан зборуваме за визијата, предизвиците и менталитетот, сè што го дефинира еден млад претприемач, од првите чекори, па сè до регионален раст.
Која е твојата дефиниција за млад претприемач?
Да бидеш млад претприемач значи да си доволно луд за да пробаш, доволно упорен да истраеш и доволно скромен да учиш. Секој ден е нова лекција, од финансии, логистика и човечки ресурси, до личен развој.
Исто така, да си млад претприемач значи да имаш повеќе енергија од другите, да бидеш пофлексибилен од конкуренцијата, да можеш да менуваш ставови и насоки неколку пати дневно, и сето тоа со брзина и агилност што е невозможна за поголемите и побавни структури.
Токму тука е твојата предност. Не е во парите, не во контактите, туку во способноста да се движиш побрзо, да учиш побрзо и да се адаптираш побрзо. И ако го разбереш тоа, можеш да го искористиш како твоја најголема сила.
Дали се сеќаваш на моментот кога одлучи да станеш претприемач?
За мене, не постои еден момент. Претприемач не се станува со одлука преку ноќ, бидејќи тоа не е позиција, туку карактер. Не можеш едноставно да се разбудиш и да кажеш: „Од денес не работам за други, ќе бидам претприемач.“ Технички можеш, но тоа мора да е дел од твојот карактер, да си подготвен да се дадеш целосно за нештата што ги сакаш.
Претприемништвото започнува кога си сè, освен претприемач. Прво си гаража. Потоа си магационер, одговорен за грижа за потрошувачи, сметководител, возач, логистичар. И тоа трае со години. Во ист ден се пресоблекуваш по три пати – еднаш во кошула за состанок во банка, потоа во работна маица за во магацин, па повторно во кошула за состанок со клиент. И тоа не е воопшто лесно да го правиш секојдневно.
Ако главната мотивација ти се парите, бргу ќе се откажеш, бидејќи во првите години и да сакаш, ги нема. Има само долгови, ноќи без сон и борба без гаранција како ќе заврши. Мотивацијата доаѓа од визија, кога гледаш што можеш да изградиш, и како можеш ти да се изградиш како човек.
Јас не станав претприемач со одлука – едноставно така сум скроен. Секогаш ме влечело да создадам нешто свое. И можеби тоа е најдобрата дефиниција за претприемач – не некој што одлучил, туку некој што едноставно не можел поинаку.
Кои беа најголемите предизвици со кои се соочи на почетокот?
Почетокот со Akcija24, како и секој вистински почеток, не беше блескав. Најважно беше да бидам подготвен на неуспех и да разберам дека немам што да изгубам, освен егото и емоциите. Кога почнуваш, токму тука е твојата слобода: немаш обврски кон никого, немаш страв од пад, можеш да експериментираш, да учиш, да грешиш – и ако паднеш, брзо да станеш.
На почетокот си само ти, со идеја, малку ресурси и многу енергија. И треба да ја искористиш таа фаза како предност. Затоа што кога немаш ништо, можеш да се фокусираш на сѐ. И ако од самиот старт го прифатиш неуспехот како дел од процесот, тогаш секоја препрека станува лекција наместо пораз.
Што те мотивираше да истраеш во овој процес?
Немав што да изгубам. И тоа ми беше најголемата слобода. На почетокот на Akcija24, веќе зад мене имав премногу неуспеси. Толку многу, што дури и кога сите околу тебе ти се смеат, ти продолжуваш. Ако дотогаш не се откажав нема ни сега, ни за 20 години.
И тоа не сe учи од книга, тоа е „mindset“. Или го имаш, или не.
Барем јас не верувам дека се учи. Верувам дека се гради уште од детството, преку падови, преку реален живот. И кога еднаш ќе го изградиш тој став, ништо не може да те скрши, никаков неуспех, притисок, страв. Затоа што не ти требаат совршени услови, ти треба само доволно тврдоглавост да не се откажеш.
Каква поддршка доби од ПроКредит Банка преку пакетот „Млади во бизнисот“?
Поддршката од ПроКредит Банка не беше само финансиска, она што го добив беше вистински партнерски однос. Не нè гледаа како бројка, туку како реален бизнис со визија.
Преку програмата „млади во бизнис” во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ни овозможија јасна комуникација и разбирање за предизвиците што ги има секој млад претприемач. Тоа ни даде сигурност да растеме побрзо и поорганизирано.
И ова не беше некаков посебен третман кон нас, ова се предности што секој млад претприемач ги добива во ПроКредит Банка. Брзи, дигитални услуги, бесплатни стручни совети од личен банкарски советник, но и многу можности за бесплатна едукација и вмрежување.
Колку е важно за еден млад претприемач да има партнер што е во чекор со него?
Клучно е. Во бизнисот, брзината значи сѐ, а кога имаш банка што реагира навреме, што те разбира и се адаптира на твоите потреби, тоа станува вистинска предност. Не ти треба само финансиска поддршка, ти треба партнер што ќе оди со тебе во иста насока, со исто темпо.
Партнер што сака и има знаење да го сподели со тебе, што ќе ти помогне да се поврзеш со луѓе што се соочуваат со слични предизвици, со кои можеш да градиш соработка, или едноставно, да споделиш искуства.
Со сѐ што нуди преку програмите за поддршка на младите претприемачи и со самиот начин на соработка со клиентите, ПроКредит Банка за нас е партнер кој ни помага да останеме фокусирани на растот.
Дали си задоволен од досегашниот раст на компанијата?
Да, навистина сум задоволен и тоа не само со бројките, туку и со насоката во којашто се движи нашиот раст. Минатата година излеговме од стартап фазата и веќе сме официјално во фаза на раст. Но, сè уште имаме стартап дух и исклучително силен тим кој функционира брзо, флексибилно и со страст за резултати.
Во Македонија досега може да се пофалиме со над 110.000 различни домаќинства кои нарачале барем еден производ од нас. Ова значи дека Akcija24.mk е веќе дел од секој четврт дом.
Во Србија стануваме сериозен играч во онлајн трговијата со мебел, а оваа година активно влеговме и на пазарот во Косово, каде што веќе имаме неколку илјади нарачки.
Горди сме на тоа што го изградивме, но уште повеќе сме фокусирани на тоа што доаѓа.
Кој е твојот совет што би бил од помош за секој млад претприемач?
Не чекај совршен момент да започнеш твој бизнис, условите никогаш нема да бидат совршени. Почни со што тоа што го имаш на располагање и гради од таму.
Најголемата лага е дека сѐ што ти треба на почетокот се пари. Не е така. Ти треба идеја, посветеност и луѓе околу тебе што ќе веруваат доволно за да помогнат. Почни со нешто за што ти и твојата околина можете да создадете вредност со време, труд и страст. Парите се само изговор за тие што не сакаат да се обидат или мислат дека не може поинаку.
Мојот најискрен совет е:
Не го гледај претприемништвото како нешто што ќе ти донесе статус или слобода, гледај го како процес што бара дисциплина и жртва.
Подготви се да бидеш и директор и хигиеничар, и сметководител и магационер.
Научи да уживаш во процесот.
Успехот е процес. Ако се откажеш после 10-тиот пат, претприемништвото не е за тебе. Јас имам најмалку 10 затворени бизниси зад мене пред да дојдам до нешто што функционира.
Кристијан е само еден од многуте примери дека кога млад претприемач добива вистинска поддршка, резултатите се видливи. Дознај повеќе за нашата програма „Млади во бизнисот“ и откриј како и ти можеш да го направиш првиот чекор кон одржлив и успешен бизнис.
Способноста за ефективна комуникација е еден од најважните фактори за личен и професионален успех. Но, она што сè повеќе се препознава како основа за унапредување на оваа вештина е концептот на growth mindset – размислување насочено кон раст. Луѓето со ваков пристап не гледаат на комуникацијата како фиксна вештина, туку како процес што постојано може да се унапредува.
Токму на оваа тема е посветен вториот модул на нашата ПроКредит бизнис академија. На претприемачите особено им се потребни напредни комуникациски вештини заради многуте улоги што ги играат во своите компании и недостатокот на време за дообјаснување и разрешување недоразбирања.
Во продолжение ви споделуваме дел од тајните за успешна комуникација и growth mindset.
Што значи „growth mindset“ во комуникација?
Терминот „growth mindset“, кој е популаризиран од психологот Карол Двек, се однесува на верувањето дека интелигенцијата, вештините и способностите не се вродени и фиксни, туку можат да се развиваат преку труд, учење и искуство. Во контекст на комуникација, тоа значи:
Подготвеност да се слуша со отворен ум.
Способност да се прифати критика како можност за подобрување.
Желба да се разбере другата страна, дури и кога не се согласуваме.
Постојано учење од комуникациски грешки.
Луѓето со развиен growth mindset не се плашат од конфликти. Напротив, тие ги гледаат како шанса за развој за себе и за односот со другите.
Спротивно на ова е емоционалното „грабнување“ (Amygdala hijack), импулсивна реакција предизвикана од силни емоции која го блокира рационалното размислување. Во комуникацијата е важно да се препознаат таквите моменти и да се избере смирен и промислен одговор.
Комуникацијата е повеќе од зборови
Ефективната комуникација не се случува само преку зборови. Таа вклучува вербални, невербални и емоционални аспекти. Според познатото правило на Алберт Мехрабијан, во ситуации на конфликт или несогласување 55% од значењето се пренесува преку говорот на телото (држење, гестови, израз на лицето), 38% преку тонот на гласот, а само 7% преку зборовите.
Ова покажува колку е важно да бидеме емотивно свесни и присутни кога комуницираме. Развиениот growth mindset нè охрабрува да обрнуваме внимание на сите овие сигнали и во нашето однесување и во однесувањето на другите.
Комуникациски стилови и нивната врска со growth mindset
Постојат четири основни стилови на комуникација, но само еден од нив се усогласува со концептот на growth mindset:
1. Пасивен стил: Луѓето избегнуваат да ги изразат своите мислења и потреби, поради страв од судир или одбивање. Овој стил често води до фрустрација и потисната лутина.
2. Агресивен стил: Наместо соработка, се форсира доминација. Се напаѓа наместо да се комуницира. Ова доведува до нарушени односи и губење на доверба.
3. Пасивно-агресивен стил: Наместо отворено изразување, луѓето се служат со сарказам, поткопување или индиректни забелешки. Овој стил создава токсична средина.
4. Асертивен стил: Ова е стилот кој најдобро го отсликува growth mindset. Тој подразбира искажување на ставовите и потребите јасно, директно и со почит, без повредување на другите. Асертивноста овозможува решавање конфликти, зајакнување на меѓучовечките односи и изградба на доверба.
Како да комуницирате асертивно
Со оваа проверена техника, вашата порака ќе биде појасна и поискрена:
Се чувствувам… (опишете ја емоцијата)
Кога ти… (конкретно однесување)
Затоа што… (зошто тоа ви влијае)
Што е твојата намера? (проверка на мотивацијата)
Што предлагаш да промениме? (покана за заедничко решение)
Оваа структура е едноставна, но моќна. Таа го заменува обвинувањето со разбирање, што е всушност и основата на growth mindset.
Активно слушање како главна алатка
Активното слушање е клучно за успешна комуникација. За разлика од пасивното слушање, кое води до недоразбирања, активно слушање значи целосен фокус на соговорникот, разбирање на кажаните зборови и емоции и потврдување на пораката. Клучно е да не се прекинува соговорникот, да не се размислува однапред за одговорот, туку навистина да се слушне другата страна.
Луѓето со growth mindset не се плашат да слушаат, бидејќи не се загрозени од поинакво мислење. Тие знаат дека учиме само кога ќе престанеме да зборуваме и ќе почнеме да слушаме.
Како „growth mindset“ ја трансформира комуникацијата
Во тимска работа, growth mindset ја подобрува атмосферата:
Ги охрабрува членовите да даваат повратна информација без страв.
Ја зголемува емпатијата и разбирањето.
Поттикнува култура на учење, не на обвинување.
Во семејството и пријателствата, тој носи:
Поголема трпеливост и сочувство.
Подобро решавање на конфликти.
Отворена и искрена комуникација.
Совети за развивање на „growth mindset“ преку комуникација
Прифатете ги грешките како можност за учење. Наместо да се срамите, прашајте: „Што можам да научам од ова?“
Пoбарајте повратна информација – и слушајте ја без да се браните.
Надградувајте го знаењето за емоционална интелигенција и комуникациски вештини.
Вежбајте асертивност – почнете со мали чекори.
Разговарајте со луѓе што мислат поинаку – со цел да ја разберете другата страна.
Ако сакате да станете подобар комуникатор, првиот чекор не е во тоа што го зборувате, туку во начинот на кој размислувате. Growth mindset е темел на емпатична, асертивна и ефективна комуникација. Тоа е способност да се каже вистината со почит, да се прифати критика без страв и да се гледа секој разговор како можност, а не како судир.
Променете го начинот на кој размислувате и ќе го промените начинот на кој комуницирате. Развијте го својот growth mindset и гледајте како се менува вашиот свет.
Успехот во бизнисот не е само прашање на среќа, туку резултат на иновации, знаење и правилно управување. Еден современ пристап, кој се нарекува интерно претприемништво, ги поттикнува компаниите и индивидуите да создаваат нови идеи, да ги имплементираат и да ги трансформираат во успешни проекти. Овој пристап не само што ја зголемува конкурентноста на компанијата, туку и овозможува личен и професионален развој на вработените.
Што е интерно претприемништво?
Интерно претприемништво подразбира создавање, промовирање и имплементација на иновации и промени во рамките на една организација. Тоа не е само за мали бизниси или нови компании – дури и големите корпорации можат да бидат претприемнички ако воведуваат нови производи, услуги или процеси. Овој пристап е применлив во сите сектори – од наука и здравство до банкарство и образование.
Токму затоа, оваа тема беше во фокусот на првиот модул кој го поминаа учесниците на нашата ПроКредит бизнис академија под водство на Сандра Савановиќ-Стевановиќ – партнер и директор на белградската подружница на Alphabet Group.
Кои се придобивките од интерно претприемништво?
За индивидуите, интерното претприемништво нуди можност да бидат креативни, да преземат иницијатива и да се чувствуваат како сопственици на своите идеи. За компаниите, тоа значи зголемена продуктивност, подобрена организациска култура и поголема способност за адаптација на пазарните промени. Со правилно управување, интерното претприемништво може да доведе до значителни финансиски и стратешки придобивки.
Модерен пристап за модерни времиња
Овој концепт се базира на современи методологии како што се „брејнсторминг“ и „мапирање“, кои помагаат во генерирање и анализа на идеи. Дополнително, SCAMPER моделот овозможува креативно размислување преку замена, комбинирање, зголемување или елиминирање на одредени аспекти на производите или услугите. Овие техники се лесно применливи и овозможуваат брзи резултати.
Зошто е ова важно за вашата компанија?
Интерното претприемништво ја поттикнува иновативната култура во компанијата, што е клучно за долгорочен успех. Со создавање на истражувачки тимови, обезбедување финансиски средства и поддршка од менаџментот, компаниите можат да ги надминат бариерите како отпорот кон промени и да создадат позитивна работна средина.
Искуствено учење и Колбов циклус
Искуственото учење е клучен елемент во процесот на обука за интерно претприемништво, бидејќи им овозможува на учесниците да развиваат своите вештини и знаења преку практични активности и рефлексија.
Колбов циклус на учење, кој се состои од четири фази – конкретно искуство, рефлексивно набљудување, апстрактна концептуализација и активно експериментирање – нуди структурирана рамка за овој процес. За време на тренингот, учесниците на академјата имаа можност да се соочат со реални бизнис предизвици, што им овозможи да учат и да развиваат свои претприемачки способности преку конкретни искуства.
На пример, по завршувањето на вежба, менторот ги поттикна учесниците да рефлектираат за своите искуства, да анализираат што научиле и како можат да ги применат тие сознанија во иднина. Овој пристап не само што ја зголемува ангажираноста на учесниците, туку и ја зајакнува нивната способност да препознаваат и решаваат проблеми, што е клучно за успехот во интерното претприемништво.
Вашиот следен чекор
Искористете ја секоја можност за учество во тренинг за интерно претприемништво. Ќе научите како да ги идентификувате и решавате проблемите, како да развивате бизнис идеи и како да ги имплементирате во пракса. Ако сте сопственик на мал бизнис, ве охрабруваме да се пријавите на нашата следна бизнис академија каде што искуствено ќе научите како да ги користите придобивките од овој концепт. Овој тренинг е дизајниран да ве води низ сите фази – од генерирање идеи до нивна реализација, со посебен акцент на менаџментот и анализа на вредноста.
Интерното претприемништво е повеќе од тренд – тоа е неопходност за секоја компанија која сака да остане релевантна и успешна. Со правилна примена, овој пристап може да донесе значителни придобивки за вас и вашата организација. Не дозволувајте вашите идеи да останат неискористени – инвестирајте во вашата иднина и иднината на вашата компанија.