претприемништво Archives - Page 2 of 2 - ProCredit Blog

Поддршка за стартап бизнисите – интервју со Ана Николова

Искуството кое банките го имаат со малите и средните претпријатија е додадена вредност со која тие можат значително да придонесуваат за економскиот развој и иновациите во општеството. Ова искуство е особено драгоцено за младите стартап бизнисите. Тие ги прават своите први чекори во светот на бизнисот создавајќи иновативни производи и услуги кои го туркаат општеството напред.

Иако на почетокот, како нови играчи на пазарот, стартапите редовно се соочуваат со низа предизвици, сепак нивниот висок потенцијал за раст многу добро го препознаваме во ПроКредит Банка. Веќе 20 години посветено работиме на развој на локалната бизнис заедница и преку своите професионални услуги постојано привлекуваме прогресивни компании. 

Во ова интервју нашата колешка Ана Николова, директор на филијалата за мали претпријатија зборува за тоа како во ПроКредит Банка одиме чекор понапред и нудиме поддршка на овие млади и смели претприемачи.

Ана Николова - поддршка за стартап бизнисите

Како ја согледавте потребата за поинтензивна соработка со стартап бизнисите?

Веќе 20 години главна мисија на ПроКредит банка е поддршка на бизнис заедницата со фокус на малите и средни претпријатија. Тоа искуство од долги години во кои внимателно ги слушавме нашите клиенти нé научи како успешно да ги препознаваме потребите на младите компании, да можеме да одговориме со соодветни услуги и поддршка, како во делот на кредитирањето, така и во делот на платниот промет, но исто така и советодавно и едукативно во насока на развој на успешен и одржлив бизнис модел.

Препознавајќи ги тековните трендови и модерните форми на претприемништво кои носат големи можности за нашето општество, го шириме портфолиото на услуги со стратешки пристап и кон стартапите.

Стартап компаниите се од суштинско значење за економијата и во нив ја гледаме иднината. Овие млади, храбри компании со уникатни идеи за развој на производи ги решаваат проблемите што ниту еден друг сектор не ги решава, со иновативно размислување го туркаат општеството напред додека создаваат работни места, ја стимулираат економијата и привлекуваат странски инвестиции. Во нашата земја гледаме голем потенцијал со млади квалитетни кадри кои имаат добри и храбри идеи да развиваат бизниси.

Како банка која во центарот на своето делување го става позитивното влијание во општеството во кое работиме ја препознавме потребата да дадеме и наш личен придонес кон оваа заедница, која кај нас сé уште е во развој.

Целта е да се едуцираат младите ентузијасти како да започнат и управуваат со својот бизнис, особено во областа на финансиите и одржливото работење кои се од клучно значење за долгорочен успех. Тоа сакаме да го направиме преку споделување на нашето знаење, олеснет пристап до финансиски услуги и понатаму, со мрежата која ја поседуваме да им овозможиме на стартапите вмрежување од аспект на нашето регионално присуство со сестринските банки во регионот.

Што нудите во вашиот специјален пакет за стартап бизнисите?

Пакетот за стартап бизниси опфаќа комплетно бесплатно работење со банката во делот на домашниот платен промет, бесплатно одржување на сметка и бесплатни трансакции, како и конкурентни цени за меѓународниот платен промет. Сите компании кои нудат иновативни решенија на пазарот и имаат потенцијал за понатамошен развој може да го користат стартап пакетот во првите 2 години од нивното основање.

Што е особено важно и ценето од новоформираните компании и претприемачите кои за прв пат започнуваат бизнис, во рамките на овој пакет секој стартап добива и одговорен советник за бизнис клиенти кој овозможува лесен пристап и комуникација на клиентите со банката. Практично, на овој начин стартапите како да добиваат уште еден човек во тимот кој ќе се грижи работењето со банката да биде лесно и ефикасно.

За која индустрија се најсоодветни овие банкарски услуги?

Следејќи ги локалните трендови во домашната економија, податоците за новоформираните компании велат дека 30% од стартап бизнисите се домашни компании од ИТ индустријата и услужни дејности, па затоа нашиот најголем фокус е свртен кон нив. Самиот факт што банката е високо-дигитализирана, од друга страна нуди дополнителна вредност за прогресивните ИТ претприемачи кои бараат партнер кој го разбира нивниот јазик и нуди комплетна, брза, сигурна и квалитетна услуга.

Имајќи го предвид фактот дека најголем дел од овие компании се извозно ориентирани, за стартапите од голема корист е и нашата уникатна можност за автоматизирна распределба на приливите од странство, што го прави процесот на соработка со банката уште поефикасен.

Освен со Стартап пакетот, дали нудите дополнителна поддршка за стартап заедницата?

Оваа заедница во нашата земја значително се развива во изминатите години, но сепак доколку споредиме со тоа што се случува во соседна Србија и ЕУ земјите од регионот, има уште многу работи кои може да се подобрат.

Едукација, менторство, вмрежување

Ние како чинител кој може значајно да придонесе во подобрување на работењето на стартапите, ја проширивме нашата поддршка и во поголеми размери на општествената одговорност. Поддршката на стартап заедницата не мора да се прави само преку директно финансирање, туку исто толку значајно е и едукација, менторство, споделување на нашето знаење, вмрежување на компаниите и отворање на нови пазари и можности што ќе овозможи зголемување на стапката на стартапи кои ќе преживеат и понатаму ќе се развиваат.

Hive Room

Разбирајќи ги потребите на модерните професионалци, и препознавајќи ги стартапите и фриленсерите како двигатели на модерното време, ја започнавме и приказната со Hive Room што претставува коворкинг простор чија цел е обезбедување место за размена на идеи и знаења и креирање на силна заедница која ќе донесе позитивни промени и ќе поттикне развој на нашето општество.

Hive Room поддршка за стартап бизнисите

Hive Room е достапен бесплатно за сите стартапи и фриленсери во нашата земја кои имаат потреба од простор за работа, а во иднина очекуваме да го прошириме на повеќе локации со цел да поддржиме уште поголем дел од заедницата.

Хакатон

Минатиот месец ја дадовме и нашата целосна поддршка на хакатонот за одржливи бизнис идеи – Стартап викенд Скопје, кој  на наше големо задоволство се одржа токму во Управната зграда на ПроКредит банка со што сакавме и симболично да им ги отвориме вратите на овие млади ентузијасти и да споделиме дел од нашето знаење преку менторски сесии.

Победниците на овој хакатон ќе имаат ексклузивна можност да добијат менторска програма за изработка на бизнис план водена од искусни професионалци од ПроКредит банка, што е прв чекор во градењето на успешен бизнис.

Решенија за одржливост на стартап бизнисите

Би рекла дека ова е само почеток и дека оваа приказна уште повеќе ќе се развива понатаму. Особено важен ни е фидбекот од претприемачите и стартап компаниите за да можеме понатаму да ги развиваме услугите кои можеме да ги понудиме кон нив, а со тоа и да го поддржиме нивниот развој и одржливост на долг рок.

Од нив и ние учиме за потребите и за пазарот кој многу брзо се менува, ги следиме регионалните и светските пазарни трендови во нивната индустрија и севкупното знаење го посветуваме на градење на успешни приказни. За нас односот со клиентите е секогаш двонасочна комуникација.

Дали оваа иницијатива ја гледате како стратегија на долг рок?

Секако, веќе имаме и визија како нашиот придонес кон оваа заедница да го продолжиме и во насоки на редовни едукации, комуникации со експерти, работилници и останати активности кои цениме дека се нужни за поддршка и раст на оваа заедница.

Нашето досегашно искуство со стартапите секако дека ќе продолжи да се збогатува, а со тоа ќе се развиваат и нашите услуги. Спремни сме да ги следиме и поддржуваме стартапите во сите фази, од идеја, преку валидација и скалирање, до нивната зрелост.

ПроКредит е банка која сака предизвици, која се стреми кон одржливост на долг рок и која цврсто се држи до својот постулат на одговорност. Можеби го избираме потешкиот пат, но сепак, со соодветна анализа и со осознавање на нашите клиенти слушајќи ги нивните потреби, креираме вистински решенија за предизвиците со кои тие се соочуваат, инвестираме во нивниот развој, а со тоа придонесуваме и за раст на локалната економија.

Неодамна одбележавме јубилеј – 20 години пример за одговорност на ПроКредит Банка, и сигурно дека продолжуваме во тој правец со целосна посветеност кон нашите клиенти и нивниот пат на градење на успешен бизнис.

Култура на родова еднаквост – Емилија Спировска и Јованка Јолеска

Во нашата заложба за поттикнување средина каде што буквално секој може да се истакне, со гордост можеме да кажеме дека ПроКредит Банка е изградена врз основа на родова еднаквост и инклузија каде што сите добиваат еднаква шанса.

На што се темели вашето одговорно работење денес, во согласност со ЕСГ принципите?

Во ПроКредит Банка пристапот кон корпоративна одговорност е фундаментално втемелен во нашето секојдневие. Исто така, има многу посуштинско значење од класичната дефиниција за општествена одговорност. ПроКредит банка беше основана пред 20 години со јасна визија да направи позитивно влијание на македонското општество. Оттаму, одговорноста ја гледаме низ призма на оставање позитивен печат преку нашите постапки и акции, и таа има мултидимензионален карактер.

Одговорноста, пред сѐ ја гледаме кон своите клиенти. Сакаме да ги слушнеме и разбереме нивните потреби, а со тоа и да обезбедиме квалитетни, транспарентни и ефикасни услуги. Истовремено, наша важна улога е да ги советуваме клиентите во носење на најдобри финансиски одлуки согласно нивните лични потреби и можности, кои ќе овозможат одржливост и долгорочни бенефити за поединците, бизнисите и целокупната економија.

Одговорноста за нас е и промоција на позитивни практики. Ова се однесува на инвестиции во енергетска ефикасност и одржливи решенија, промоција на штедење наспроти консумеризам, поттикнување дигитализација за одржлив развој на бизнисите и целокупното општество.

Од друга страна, одговорноста ја покажуваме и преку фактот што принципиелно не соработуваме и не поддржуваме бизниси и поединци кои имаат негативно влијание врз природата и општеството во кое живееме. Примената на овие високи етички стандарди се всушност и основата на нашето работење. Тоа е печатот кој го оставаме врз општеството и економијата во изминатите дваесет години.

Одговорноста за нас значи и инвестирање во развој на млади кадри и давање шанса за кариерен развој кој не застанува само во првите години од вработувањето. Таа се однесува и на креирање долгорочни можности за надградување, личен развој, градење менаџерски кадри и лидери. Горди сме што во банката годинава голем број колеги го слават јубилејот 20 години заедно со јубилејот на банката, што е доказ за можностите кои ги нуди оваа институција.

родова еднаквост

Дали во ПроКредит постои дефинирана програма за стимулирање на родова еднаквост?

Родова еднаквост, инклузивност и еднакви можности за сите вработени се нормативи во институцијата кои се поставени уште од нејзиното основање и остануваат основни темели на нашата корпоративна култура до ден денес.

Ние веруваме во моќта на различноста, препознавајќи дека институцијата напредува кога ќе се здружат поединци со различни искуства и перспективи. Во нашата заложба за поттикнување средина каде што буквално секој може да се истакне, со гордост можеме да кажеме дека оваа институција е изградена врз основа на еднаквост каде што сите добиваат шанса.

Согласно тоа, во банката вреднувањето на вработените секогаш се базирало на нивните квалитети и заложби, без разлика на полот. Во моментот, 71% од  вработените во ПроКредит банка се жени. Гледајќи го банкарскиот сектор во земјата, но и пошироко, ова можеби и не е изненадувачка бројка, имајќи предвид дека жените во просек имаат тенденција да избираат постабилна работна атмосфера.

Дали во рамки на заложбата за родова еднаквост имате застапеност на жените во топ менаџментот?

Тоа што е уникатно за ПроКредит банка, нешто на што сме особено горди е учеството на жени на раководителски позиции е 84%, што е далеку повисоко во однос на просекот во банкарскиот сектор. Овој факт сам по себе зборува дека на жените не им е дадена само шанса да се вработат, туку и можност за развој, кариера, напредување и вреднување на нивниот труд.

Она што е интересно е дека овие проценти не се постигнати заради строго дефинирана програма и исполнување на одредени квоти и цели на институцијата, напротив ваквата родова еднаквост и застапеност на жените е постигната по природен пат односно преку нивните лични заложби и успеси во рамки на институцијата.

Банката отсекогаш важела за фер работодавач, споделувајќи го транспарентно процесот на вработување, но и можноста за професионален напредок во рамки на институцијата. Вложувањето во професионален развој на нашите вработени е приоритет и сметаме дека нашата отворена комуникација и посветеност е препознаена и ценета од нашите вработени.

Како вие гледате на проблемот на женското лидерство во општеството и економијата?

Жените во Македонија поретко се одлучуваат да започнат сопствен бизнис споредено со мажите, а најголем процент на бизнисите кои се основани од жени, се микро бизниси со големина до десет вработени. Ова го потврдува и нашата анализа на базата на клиенти на ПроКредит банка, каде застапеноста на жените на функција на управители во приватниот сектор е само 19%. Тоа е доказ дека потенцијалот на жената како претприемач е недоволно препознаен и искористен во земјава.

Потенцијалот треба првенствено да го препознае жената, и тоа е личен избор, храброст и заложба да се успее во бизнис светот. Секако, претприемачката иницијатива со себе носи одредени жртви и одрекувања, па затоа овој пат не е ни малку лесен.

Второ, одлуката за претприемачките иницијативи е неопходно да биде во корелација со семејството и поддршката од најблиската околина. Поддршката од семејството често е критичен фактор за успешен кариерен развој на жените. Флексибилноста во семејството е важна за постигнување баланс меѓу професионалниот и личниот живот.

Трето, можностите кои ги нудат институциите и работодавачите, еднаквиот третман на вработените и позитивните практики на родова еднаквост, но и флексибилноста на институциите и почитувањето на природата на жените и нивната уникатна улога во природата, мајчинството. Ова е поврзано и со нашата култура како народ, од каде потекнува и корпоративната културата која ги отсликува самите институции.

Дали гледате реална можност за подобрување на условите за постигнување родова еднаквост?

Во последните години гледаме трендови кај новите генерации каде сѐ повеќе стереотипите се менуваат и традицијата полека го отстапува местото на современото живеење. Тоа доаѓа заедно со дигиталната еволуција каде и потребните квалификации на поголемиот број работни позиции се имаат променето. Физичката сила е сѐ помалку фактор, а сѐ повеќе се вреднуваат аналитичките, комуникациските вештини, техничките експертски познавања за одредена област. Тука жените имаат еднакви можности за добивање на тие квалификации.

Охрабрувањето на повеќе жени да заземат претприемачки и лидерски позиции не е само прашање на промовирање на родовата еднаквост. Промоцијата на женското претприемништво игра важна улога и во развојот на економијата во нашата држава. Истакнување на успешните жени претприемачи и лидери, односно видливоста на успешни жени на лидерски позиции може да ги инспирира и охрабри другите жени да следат слични патишта.

Која е компаративната предност на жените во лидерството?

Важно е да се нагласи дека ефективното лидерство е сложена и повеќеслојна особина, а индивидуалните карактеристики и вештини играат значајна улога без оглед на полот. Целта не е да се стереотипизираат или генерализираат. Целта е да се препознаат и да се ценат различните силни страни што поединците, и мажите и жените, ги носат во лидерските улоги. Токму комбинацијата на различни перспективи и вештини во лидерските тимови може да придонесе за подобри организациски перформанси.

Праксата и истражувањата покажуваат дека жените како раководители се повеќе склони кон градење тим, структура и долгорочна стабилност за компанијата. Истовремено, преземањето ризици е помалку привлечно за нив. Жената е таа којашто знае да го зачува тоа што го создава. Во нејзината природа е вродено за сѐ што се создава, да го чува, да го развива, негува и да го прави поуспешно. Ова се квалитети кои се потребни во македонското претприемништво.