Пресметка за плата и онлајн исплата – како брзо да ги исплатиш вработените

Исплатата на вработените не треба да ти претставува долг процес кој ќе ти одзема време. Сега со само еден налог и неколку едноставни чекори можеш брзо да префрлиш плата користејќи го формуларот ПП53. Само подготви пресметка за плата и поднеси ја преку e-mail до УЈП од каде ќе добиеш фолио број. Внеси го фолио бројот во ПП53 налогот преку електронско банкарство и плаќањето е извршено!  

Но, ајде да почнеме од почеток. Што е бруто, а што нето плата? Како се поднесува пресметка за плата преку e-mail? Кои се роковите за поднесување на пресметка за плата? Кој е рокот за уплата на придонесите? 

Доколку си млад претприемач или штотуку отвори сопствен бизнис, сигурно до сега се соочи со барем една од овие дилеми. Ние ќе се обидеме на едноставен начин да ти дадеме одговор на овие често поставувани прашања.  

Што е бруто плата? 

Бруто-плата е вкупната плата што ја остварува работникот од работниот однос. Сепак, ова не е целосната сума која работникот ја добива на неговата трансакциска сметка. Всушност, бруто платата се состои од нето платата што ја добива работникот, на којашто се додадени трошоците за придонеси за социјално осигурување и данокот на доход од работа. 

Вкупниот износ на придонесите за социјално осигурување ги опфаќа придонесите за:  

  • Пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ): 18,8% од основната плата. 
  • Задолжително здравствено осигурување (ФЗОМ): 7,5% од основната плата. 
  • Дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работно место и професионално заболување: 0,5% од основната плата. 
  • Задолжителен придонес за осигурување во случај на невработеност (АВРМ): 1,2% од основната плата. 

Основица за пресметка на придонесите за задолжително социјално осигурување е платата во вкупен износ (плата, надоместоци на плата и исплата по основ на деловна успешност на работодавачот). Откако ќе се исплатат придонесите за задолжително социјално осигурување и откако ќе се пресмета личното ослободување утврдено во месечниот износ согласно даночните прописи, се добива основицата за пресметка на данокот на доход од работа во износ од 10%. 

Сумирано, бруто-платата се состои од три дела, и тоа: 

  1. Дел од платата што отпаѓа на плаќање придонеси за задолжително социјално осигурување (28%);  
  1. Дел од платата што отпаѓа на плаќање данок на доход од работа (10%) 
  1. Остаток од платата што му се исплаќа на работникот (нето-плата). 

Што е нето плата? 

Нето-плата претставува плата во вкупен износ, намалена за вкупниот износ на придонесите за задолжително социјално осигурување и за износот на персоналниот данок на доход.  

Во пракса, нето платата e вкупен збир од сите парични побарувања што ги има или со кои се стекнал работникот во одреден исплатен период како резултат на неговиот вложен труд, или извршената работа. Ова e составен дел од платата на работникот, а тука спаѓаат:  

  • Основната плата  
  • Работната успешност (доколку е остварена)  
  • Додатоци на плата (доколку се остварени)  
  • Надоместокот на плата (доколку постоел)  
  • Останатите материјални надоместоци на трошоците поврзани со работењето на работникот и слично. 

Како да поднесеш пресметка за плата преку e-mail?  

Пресметка за плата можеш да поднесеш преку електронските услуги на УЈП. Потребно е само да испратиш пополнет МПИН образец преку електронска пошта celaplata@ujp.gov.mk и истиот ќе се смета за доставен до Управата за јавни приходи. При доставување на МПИН за повеќе даночни обврзници преку електронска пошта, пресметките за плата треба да ги доставиш одделно, за секој даночен обврзник. 

Декларацијата и Налогот за плаќање ќе ти бидат доставени на твојата електронска пошта, најдоцна во рок од 24 часа од поднесувањето на пријавата. Доколку по истекот на 24 часа од поднесувањето на пријавата не ти е доставен повратен одговор, обрати се до даночните канцеларии на Управата за јавни приходи за проверка на образецот МПИН кој го достави преку електронска пошта. 

Внимавај на рокот за поднесување на МПИН пресметка! Како обврзник за пресметка и уплата на придонесите, пресметката за претходниот месец треба да ја доставиш до Управата за јавни приходи најдоцна до 10-ти во тековниот месец. 

Кој е рокот за уплата на придонесите? 

Уплатата на придонесите треба да ја извршиш на денот кога ја вршиш исплатата на плата (или дел од плата), надоместок на плата, пензија, односно друг паричен надоместок. 

Доколку плата или дел од плата, надоместок на плата, пензија, односно друг паричен надоместок не се исплатени порано, рокот за плаќање на придонесите од претходниот месец е 15-тиот ден од тековниот месец.  

*По истекот на законскиот рок за плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување се пресметува камата во износ од 0,03% за секој ден задоцнување. 

За крај, важно е да знаеш дека пресметката за плата е основен аспект на деловното работење што бара негово разбирање, но и забележување на деталите. Со разбирање на терминологијата и почитување на роковите за поднесување и исплата на платите, ќе обезбедиш непречено функционирање на твојот бизнис, но и ќе го одржиш задоволството на твоите вработени.