Дали е можно профитот да оди рака под рака со општествената одговорност? Што значи да се создава профит што носи вредност и за економијата и за општеството? Во разговор на поткастот на Канал 77, Јованка Јолеска Поповска, член на Надзорен одбор и Емилија Спировска, член на Управен одбор во ПроКредит Банка зборуваат отворено за нивниот професионален пат, предизвиците што ги носи современото банкарство, провизиите и профитите на банките, како и нивната улога во економијата и општеството.
Која е основната улога на банките?
Емилија Спировска: Мултиплицирање на парите во нашата економија е еден од клучните моменти. Едно е личните планови кои ги имате за заштеда, но друго е да го гледате и општествениот аспект на сето тоа. Парите кои се штедат во банка се мултиплицираат во економијата, додека на пример парите инвестирани во злато немаат позитивно влијание на економските движења. Во економијата во која живееме денес, сметам дека е важно парите да се чуваат во банка за да може да се вратат во економијата.
Зошто е важно банките да генерираат профит и да бидат стабилни?
Јованка Јолеска Поповска: Банките мора да се профитабилни поради тоа што профитабилна банка значи банка која може долгорочно да постои и е стабилна, затоа што во спротивно нестабилен банкарски сектор значи лошо за целата наша економија.
Дали може профит и одговорност да одат рака под рака?
Емилија Спировска: Апсолутно, профитот може и треба да оди рака под рака со одговорноста. Она што е проблем е кога трката за профит тотално го стави на страна прашањето за одговорност. На пример, дали профитот кој јас сакам да го заработам го остварувам по секоја цена и не ми е грижа какви последици ќе има кон општеството, животната средина, моите вработени, моите бизнис партнери и слично? Опасно е ако профитот нема никаква контрола.
Дали и зошто е важна финансиската едукација за физичките лица и бизнисите?
Јованка Јолеска Поповска: За физичките лица потребна е финансиска доедукација и треба истата да биде во порани години, додека се децата уште во училиште треба да се зборува на таа тема.
Бизнисмените се финансиски писмени бидејќи за да имаш своја компанија мора да си финансиски писмен. Меѓутоа, она што го забележуваме години наназад е дека има некоја стагнација на знаењето, за тоа како се управуваат фирмите, како се применуваат некои корпоративни практики и слично. Така што дефинитивно е потребна таа дообука и за компаниите, за да бидат поконкурентни.
Токму од тука тргна идејата за ние да направивме една бизнис академија која е бесплатна, достапна и наменета за развој и едукација на малите и средните претпријатија.
Колку е важно критичкото размислување за да изградиме подобро утре?
Емилија Спировска: Ние сите работиме во некое дадено опкружување со институции и закони, но не треба да се криеме позади закони и процедури. Треба да се запрашаме, што можам јас да направам дополнително во однос на работата на институцијата за да знам дека сум направила уште еден чекор понапред и да не се потпирам и кријам само позади институциите.
И тоа не е само во домен на банките, тоа е во домен на секоја компанија, на секој поединец. Едно се институциите и нивната работа, но јас како поединец треба да знам што можам јас да направам дополнително. Треба да сме критичари на она што е друштвена реалност и да го дадеме својот максимум за тоа што го имаме денес да може да го направиме утре уште подобро.
Колку е важна личната одговорност на секој што работи во банкарскиот сектор и во донесувањето одлуки?
Јованка Јолеска Поповска: Доколку банкар ви даде кредит, а истовремено точно знае дека таму постојат ризици за вработените, клиентите, безбедноста или слично, тоа значи дека не му е грижа.
Тука веќе навлегуваме во личната одговорност и нашите лични вредности и верувајте тоа е нешто кое што поголемите компании и банки можат да го направат и да бидат мултипликатори на добри нешта. Почнуваме од тука со едукација за она што е етички, што е добро. Максималниот профит не е најважното нешто, треба да се чувствувам добро и кога ќе излезам надвор од работа знаејќи дека сум направила нешто добро.
Погледнете ја целата поткаст епизода: