Содржина

    ПроКредит настан – Дигитална еволуција: Одговорност на бизнисите кон иднината

    ПроКредит Банка успешно го заврши вториот настан од серијата „Дигитална еволуција – Одговорност на бизнисите кон иднината“. Станува збор за бизнис конференција посветена на унапредување на дигитализацијата во македонскиот бизнис сектор со посебен фокус на малите и средни претпријатија. 

    Втор успешен настан Дигитална еволуција

    По успешниот настан минатата година кој на едно место собра претставници на домашни компании од приватниот сектор, компании кои нудат дигитални услуги, како и претставници од институции кои нудат финансирање, овој пат на конференцијата се приклучија над 120 учесници од локалниот бизнис сектор.    

    Претставници на 7 истакнати компании ги запознаа присутните со нивните нови и иновативни дигитални решенија прилагодени за малите и средните претпријатија. Маријана Андриќ од компанијата Маранд, Анастасија Милковска од Телеком, Лазар Грубор од Фоксит, Димитар Јаневски од Инбокс, Благоја Хамамџиев од Моделикс, Елена Димовска од Семос едукација и Проф. Др. Никица Мојсоска Блажевски од Го Дигитал со своите презентации илустрираа како овие технологии можат да ги автоматизираат процесите, да го подобрат планирањето и одлучувањето, да ги оптимизираат трошоците и да ги задоволат барањата на конкурентниот пазар.

    По презентациите се одржа панел дискусијата „Дигитална трансформација – предизвици и можности“, модерирана од Милан Дамчевски, член на Управниот одбор на ПроКредит Банка, на којашто Дритан Шујаиби од Маратодент, Љубиша Веселиноски од Тим Електро Плус и Станислава Шаровиќ Павковиќ од Шизик на Ризик ги споделија своите искуства со дигиталната трансформација. 

    дигитална еволуција - Милан Дамчевски

    Чекор напред во поддршка на малите и средните претпријатија

    Покрај споделените лични предизвици и можности, панелистите посочија и вредни стратегии за бизнисите кои започнуваат со нивните дигитални патувања.

    Најголемиот новитет на настанот оваа година беше саемот за дигитални решенија и вмрежување, каде што компаниите кои презентираа беа домаќини на штандови, нудејќи им на присутните шанса подетално да ги истражат дигиталните решенија и да се поврзат со потенцијални соработници.

    Дигитална еволуција – зошто е важна?

    Емилија Спировска, член на Управниот одбор на ПроКредит Банка, во своето обраќање на настанот ја нагласи важноста на дигитализацијата за малите и средните претпријатија.

    „Дигиталната трансформација е култура на компанијата, начин на размислување на вработените и дефинирање на бизнис модел, исто колку и интеграција на новите технологии. Дигитализацијата повеќе не е револуција, таа е процес на еволуција низ кој неминовно поминува секоја компанија. 

    Праксата покажува дека тоа што е неопходно за имплементација на дигитални решенија во пракса е линк помеѓу бизнис секторот и компаниите кои нудат дигитални услуги, па токму затоа ПроКредит како партнер на бизнисите повеќе од 20 години покрај воведување нови технолошки промени и иновации во своите процеси, оди чекор понапред и нуди платформа за едукација и вмрежување на клиентите, со што наметнува забрзано темпо на дигитализација во бизнис секторот. Сметаме дека ова е неопходен чекор за компаниите да го забрзаат својот развој, да ја зголемат конкурентноста, а со тоа  да ги подобрат финансиските резулатати.“ – изјави Емилија Спировска.

    дигитална еволуција - Емилија Спировска

    Како лидер во дигитализацијата во македонскиот банкарски сектор, ПроКредит Банка преку серијата настани „Дигитална еволуција – Одговорност на бизнисите кон иднината“ ќе продолжи да гради мост помеѓу деловниот сектор, давателите на дигитални решенија и финансиските институции, промовирајќи практични решенија за потребите на компаниите кои се на патот кон успехот.