Во нашата заложба за поттикнување средина каде што буквално секој може да се истакне, со гордост можеме да кажеме дека ПроКредит Банка е изградена врз основа на родова еднаквост и инклузија каде што сите добиваат еднаква шанса.
На што се темели вашето одговорно работење денес, во согласност со ЕСГ принципите?
Во ПроКредит Банка пристапот кон корпоративна одговорност е фундаментално втемелен во нашето секојдневие. Исто така, има многу посуштинско значење од класичната дефиниција за општествена одговорност. ПроКредит банка беше основана пред 20 години со јасна визија да направи позитивно влијание на македонското општество. Оттаму, одговорноста ја гледаме низ призма на оставање позитивен печат преку нашите постапки и акции, и таа има мултидимензионален карактер.
Одговорноста, пред сѐ ја гледаме кон своите клиенти. Сакаме да ги слушнеме и разбереме нивните потреби, а со тоа и да обезбедиме квалитетни, транспарентни и ефикасни услуги. Истовремено, наша важна улога е да ги советуваме клиентите во носење на најдобри финансиски одлуки согласно нивните лични потреби и можности, кои ќе овозможат одржливост и долгорочни бенефити за поединците, бизнисите и целокупната економија.
Одговорноста за нас е и промоција на позитивни практики. Ова се однесува на инвестиции во енергетска ефикасност и одржливи решенија, промоција на штедење наспроти консумеризам, поттикнување дигитализација за одржлив развој на бизнисите и целокупното општество.
Од друга страна, одговорноста ја покажуваме и преку фактот што принципиелно не соработуваме и не поддржуваме бизниси и поединци кои имаат негативно влијание врз природата и општеството во кое живееме. Примената на овие високи етички стандарди се всушност и основата на нашето работење. Тоа е печатот кој го оставаме врз општеството и економијата во изминатите дваесет години.
Одговорноста за нас значи и инвестирање во развој на млади кадри и давање шанса за кариерен развој кој не застанува само во првите години од вработувањето. Таа се однесува и на креирање долгорочни можности за надградување, личен развој, градење менаџерски кадри и лидери. Горди сме што во банката годинава голем број колеги го слават јубилејот 20 години заедно со јубилејот на банката, што е доказ за можностите кои ги нуди оваа институција.
Дали во ПроКредит постои дефинирана програма за стимулирање на родова еднаквост?
Родова еднаквост, инклузивност и еднакви можности за сите вработени се нормативи во институцијата кои се поставени уште од нејзиното основање и остануваат основни темели на нашата корпоративна култура до ден денес.
Ние веруваме во моќта на различноста, препознавајќи дека институцијата напредува кога ќе се здружат поединци со различни искуства и перспективи. Во нашата заложба за поттикнување средина каде што буквално секој може да се истакне, со гордост можеме да кажеме дека оваа институција е изградена врз основа на еднаквост каде што сите добиваат шанса.
Согласно тоа, во банката вреднувањето на вработените секогаш се базирало на нивните квалитети и заложби, без разлика на полот. Во моментот, 71% од вработените во ПроКредит банка се жени. Гледајќи го банкарскиот сектор во земјата, но и пошироко, ова можеби и не е изненадувачка бројка, имајќи предвид дека жените во просек имаат тенденција да избираат постабилна работна атмосфера.
Дали во рамки на заложбата за родова еднаквост имате застапеност на жените во топ менаџментот?
Тоа што е уникатно за ПроКредит банка, нешто на што сме особено горди е учеството на жени на раководителски позиции е 84%, што е далеку повисоко во однос на просекот во банкарскиот сектор. Овој факт сам по себе зборува дека на жените не им е дадена само шанса да се вработат, туку и можност за развој, кариера, напредување и вреднување на нивниот труд.
Она што е интересно е дека овие проценти не се постигнати заради строго дефинирана програма и исполнување на одредени квоти и цели на институцијата, напротив ваквата родова еднаквост и застапеност на жените е постигната по природен пат односно преку нивните лични заложби и успеси во рамки на институцијата.
Банката отсекогаш важела за фер работодавач, споделувајќи го транспарентно процесот на вработување, но и можноста за професионален напредок во рамки на институцијата. Вложувањето во професионален развој на нашите вработени е приоритет и сметаме дека нашата отворена комуникација и посветеност е препознаена и ценета од нашите вработени.
Како вие гледате на проблемот на женското лидерство во општеството и економијата?
Жените во Македонија поретко се одлучуваат да започнат сопствен бизнис споредено со мажите, а најголем процент на бизнисите кои се основани од жени, се микро бизниси со големина до десет вработени. Ова го потврдува и нашата анализа на базата на клиенти на ПроКредит банка, каде застапеноста на жените на функција на управители во приватниот сектор е само 19%. Тоа е доказ дека потенцијалот на жената како претприемач е недоволно препознаен и искористен во земјава.
Потенцијалот треба првенствено да го препознае жената, и тоа е личен избор, храброст и заложба да се успее во бизнис светот. Секако, претприемачката иницијатива со себе носи одредени жртви и одрекувања, па затоа овој пат не е ни малку лесен.
Второ, одлуката за претприемачките иницијативи е неопходно да биде во корелација со семејството и поддршката од најблиската околина. Поддршката од семејството често е критичен фактор за успешен кариерен развој на жените. Флексибилноста во семејството е важна за постигнување баланс меѓу професионалниот и личниот живот.
Трето, можностите кои ги нудат институциите и работодавачите, еднаквиот третман на вработените и позитивните практики на родова еднаквост, но и флексибилноста на институциите и почитувањето на природата на жените и нивната уникатна улога во природата, мајчинството. Ова е поврзано и со нашата култура како народ, од каде потекнува и корпоративната културата која ги отсликува самите институции.
Дали гледате реална можност за подобрување на условите за постигнување родова еднаквост?
Во последните години гледаме трендови кај новите генерации каде сѐ повеќе стереотипите се менуваат и традицијата полека го отстапува местото на современото живеење. Тоа доаѓа заедно со дигиталната еволуција каде и потребните квалификации на поголемиот број работни позиции се имаат променето. Физичката сила е сѐ помалку фактор, а сѐ повеќе се вреднуваат аналитичките, комуникациските вештини, техничките експертски познавања за одредена област. Тука жените имаат еднакви можности за добивање на тие квалификации.
Охрабрувањето на повеќе жени да заземат претприемачки и лидерски позиции не е само прашање на промовирање на родовата еднаквост. Промоцијата на женското претприемништво игра важна улога и во развојот на економијата во нашата држава. Истакнување на успешните жени претприемачи и лидери, односно видливоста на успешни жени на лидерски позиции може да ги инспирира и охрабри другите жени да следат слични патишта.
Која е компаративната предност на жените во лидерството?
Важно е да се нагласи дека ефективното лидерство е сложена и повеќеслојна особина, а индивидуалните карактеристики и вештини играат значајна улога без оглед на полот. Целта не е да се стереотипизираат или генерализираат. Целта е да се препознаат и да се ценат различните силни страни што поединците, и мажите и жените, ги носат во лидерските улоги. Токму комбинацијата на различни перспективи и вештини во лидерските тимови може да придонесе за подобри организациски перформанси.
Праксата и истражувањата покажуваат дека жените како раководители се повеќе склони кон градење тим, структура и долгорочна стабилност за компанијата. Истовремено, преземањето ризици е помалку привлечно за нив. Жената е таа којашто знае да го зачува тоа што го создава. Во нејзината природа е вродено за сѐ што се создава, да го чува, да го развива, негува и да го прави поуспешно. Ова се квалитети кои се потребни во македонското претприемништво.