Одговорно банкарство за економски развој

Одговорно банкарство е концепт кој се повеќе се актуелизира во модерната економија. Иако значењето може да биде широко и интерпретирано на различни начини, во суштина станува збор за термин кој се користи за опишување на банкарски практики кои се дизајнирани да промовираат економски развој и одржливост. Тоа е концепт кој сака да ги балансира интересите на банките, клиентите (граѓаните и бизнис секторот) и пошироката заедница, со цел да се создаде поздрава економска средина.

Што е одговорно банкарство?

Одговорно банкарство е начин да се осигура дека банките дејствуваат во најдобар интерес на нивните клиенти и на општеството и дека преземаат чекори за да помогнат во создавањето поздрава економска клима. Ова вклучува обезбедување финансиски услуги и производи кои се прилагодени на потребите на заедницата, промовирање на финансиската писменост и поттикнување одговорни деловни практики.

Она што е особено важно за една банка да се карактеризира како одговорна е постојано следење на потребите на клиентите, а истото подразбира и унапредување на работењето на компанијата преку дигитализација, оптимизација на процеси, зголемување на конкурентност и постојано воведување на иновации.

Одговорното банкарство исто така вклучува обезбедување финансиски производи и услуги кои се достапни за поттикнување и развој на малите и средни бизниси , зголемување на нивната конкурентност, но и потенцијалот за извоз.   

Неизоставен дел од одговорно банкарство, секако е промоцијата на еко – инвестиции кои се во насока на поттикнување на економскиот развој, но и долгорочна одржливост. Еко – инвестициите се од особена важност, бидејќи не само што придонесува кон подобрување на квалитетот на животот преку еколошките бенефити, туку истовремено долгорочно придонесуваат за зголемена конкурентност на компаниите и финансиска ефикасност на домаќинствата. На пример, енергетска ефикасност која допринесува до пониски сметки за струја или инвестирање во фотоволтаични панели кои произведуваат чиста енергија, а со тоа се намалува потребата од производство на струја од конвенционалните извори (нафта, јаглен, фосилни горива).

Зошто културата на штедење е важна за економскиот раст?

Одговорните банки промовираат штедење, пред неконтролиран консумеризам или неразумно трошење на средствата. Каде се гледа најголемиот проблем? Масовната дистрибуција на ненаменски кредити, се главниот поттикнувач кон неконтролирано трошење. Во прв момент и на краток рок, истите изгледаат примамливо, но на крајот ги оштетуваат домаќинствата, правејќи еден маѓепсан круг на постојано влегување во долгови. Резултатот е повеќе од очигледен – сиромашните стануваат уште посиромашни, а овој негативен тренд несомнено се отсликува низ целокупната економија.

Може ли одговорната банка да го прекине овој синџир? Преку континуирана едукација и понуда на флексибилни продукти, кои се достапни за широката јавност, може да се поттикне култура на штедење, а со тоа да се подобри целокупната благосостојба на граѓаните, кои наместо да се задоволуваат со т.н краткорочни и минливи „задоволства“ ќе научат правилно да менаџираат со своите финансии и да постигнат долгорочна финансиска стабилност. На макро ниво, овој позитивен тренд може да влијае на градење постабилна економија и зголемено ниво на инвестиции.

Брз профит или долгорочен економски раст?

Одговорното банкарство налага банките да имаат долгорочна визија и да размислуваат надвор од трката за краткорочен профит. Ова значи дека банката мора да го земе предвид потенцијалното влијание што нејзините активности ќе го имаат врз заедницата. На пример, банките мора да ги земат предвид социјалните, еколошките и економските импликации на нивните одлуки, како на пример дали проектот ќе создаде работни места или ќе ја зголеми локалната даночна основа. Дали клиентот долгорочно може да го подобри квалитетот на животот благодарение на банкарскиот производ за кој е заинтересиран.  Дополнително, банките треба да се погрижат да не се впуштаат во какви било неетички практики.

На ова се надоврзува и моментот на транспарентност на банките за своите постапки. Што подразбира транспарентноста? Тоа значи дека банката мора да се погрижи клиентите да ги разберат ризиците поврзани со производите и услугите што ги нудат, како и тековно да бидат информирани за било промени во нивните сметки или услуги.