Содржина
Што значи да бидеш млад претприемач – интервју со Кристијан од Akcija24.mk
Во секојдневната работа со нашите клиенти, најголемата вредност ја гледаме во градењето долгорочни партнерства, особено кога станува збор за поддршка на млад претприемач што храбро чекори по својот пат.
Еден од храбрите претприемачи со кој имаме задоволство да соработуваме е Кристијан Димоски, основачот на денес веќе добро познатата e-commerce платформа Akcija24.mk. Преку нашата програма „Млади во бизнисот“ Кристијан доби финансиска поддршка и вистински партнер во секоја фаза од развојот на неговиот бизнис.
Во ова интервју со Кристијан зборуваме за визијата, предизвиците и менталитетот, сè што го дефинира еден млад претприемач, од првите чекори, па сè до регионален раст.
Која е твојата дефиниција за млад претприемач?
Да бидеш млад претприемач значи да си доволно луд за да пробаш, доволно упорен да истраеш и доволно скромен да учиш. Секој ден е нова лекција, од финансии, логистика и човечки ресурси, до личен развој.
Исто така, да си млад претприемач значи да имаш повеќе енергија од другите, да бидеш пофлексибилен од конкуренцијата, да можеш да менуваш ставови и насоки неколку пати дневно, и сето тоа со брзина и агилност што е невозможна за поголемите и побавни структури.
Токму тука е твојата предност. Не е во парите, не во контактите, туку во способноста да се движиш побрзо, да учиш побрзо и да се адаптираш побрзо. И ако го разбереш тоа, можеш да го искористиш како твоја најголема сила.
Дали се сеќаваш на моментот кога одлучи да станеш претприемач?
За мене, не постои еден момент. Претприемач не се станува со одлука преку ноќ, бидејќи тоа не е позиција, туку карактер. Не можеш едноставно да се разбудиш и да кажеш: „Од денес не работам за други, ќе бидам претприемач.“ Технички можеш, но тоа мора да е дел од твојот карактер, да си подготвен да се дадеш целосно за нештата што ги сакаш.
Претприемништвото започнува кога си сè, освен претприемач. Прво си гаража. Потоа си магационер, одговорен за грижа за потрошувачи, сметководител, возач, логистичар. И тоа трае со години. Во ист ден се пресоблекуваш по три пати – еднаш во кошула за состанок во банка, потоа во работна маица за во магацин, па повторно во кошула за состанок со клиент. И тоа не е воопшто лесно да го правиш секојдневно.
Ако главната мотивација ти се парите, бргу ќе се откажеш, бидејќи во првите години и да сакаш, ги нема. Има само долгови, ноќи без сон и борба без гаранција како ќе заврши. Мотивацијата доаѓа од визија, кога гледаш што можеш да изградиш, и како можеш ти да се изградиш како човек.
Јас не станав претприемач со одлука – едноставно така сум скроен. Секогаш ме влечело да создадам нешто свое. И можеби тоа е најдобрата дефиниција за претприемач – не некој што одлучил, туку некој што едноставно не можел поинаку.
Кои беа најголемите предизвици со кои се соочи на почетокот?
Почетокот со Akcija24, како и секој вистински почеток, не беше блескав. Најважно беше да бидам подготвен на неуспех и да разберам дека немам што да изгубам, освен егото и емоциите. Кога почнуваш, токму тука е твојата слобода: немаш обврски кон никого, немаш страв од пад, можеш да експериментираш, да учиш, да грешиш – и ако паднеш, брзо да станеш.
На почетокот си само ти, со идеја, малку ресурси и многу енергија. И треба да ја искористиш таа фаза како предност. Затоа што кога немаш ништо, можеш да се фокусираш на сѐ. И ако од самиот старт го прифатиш неуспехот како дел од процесот, тогаш секоја препрека станува лекција наместо пораз.

Што те мотивираше да истраеш во овој процес?
Немав што да изгубам. И тоа ми беше најголемата слобода. На почетокот на Akcija24, веќе зад мене имав премногу неуспеси. Толку многу, што дури и кога сите околу тебе ти се смеат, ти продолжуваш. Ако дотогаш не се откажав нема ни сега, ни за 20 години.
И тоа не сe учи од книга, тоа е „mindset“. Или го имаш, или не.
Барем јас не верувам дека се учи. Верувам дека се гради уште од детството, преку падови, преку реален живот. И кога еднаш ќе го изградиш тој став, ништо не може да те скрши, никаков неуспех, притисок, страв. Затоа што не ти требаат совршени услови, ти треба само доволно тврдоглавост да не се откажеш.
Каква поддршка доби од ПроКредит Банка преку пакетот „Млади во бизнисот“?
Поддршката од ПроКредит Банка не беше само финансиска, она што го добив беше вистински партнерски однос. Не нè гледаа како бројка, туку како реален бизнис со визија.
Преку програмата „млади во бизнис” во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ни овозможија јасна комуникација и разбирање за предизвиците што ги има секој млад претприемач. Тоа ни даде сигурност да растеме побрзо и поорганизирано.
И ова не беше некаков посебен третман кон нас, ова се предности што секој млад претприемач ги добива во ПроКредит Банка. Брзи, дигитални услуги, бесплатни стручни совети од личен банкарски советник, но и многу можности за бесплатна едукација и вмрежување.
Колку е важно за еден млад претприемач да има партнер што е во чекор со него?
Клучно е. Во бизнисот, брзината значи сѐ, а кога имаш банка што реагира навреме, што те разбира и се адаптира на твоите потреби, тоа станува вистинска предност. Не ти треба само финансиска поддршка, ти треба партнер што ќе оди со тебе во иста насока, со исто темпо.
Партнер што сака и има знаење да го сподели со тебе, што ќе ти помогне да се поврзеш со луѓе што се соочуваат со слични предизвици, со кои можеш да градиш соработка, или едноставно, да споделиш искуства.
Со сѐ што нуди преку програмите за поддршка на младите претприемачи и со самиот начин на соработка со клиентите, ПроКредит Банка за нас е партнер кој ни помага да останеме фокусирани на растот.
Дали си задоволен од досегашниот раст на компанијата?
Да, навистина сум задоволен и тоа не само со бројките, туку и со насоката во којашто се движи нашиот раст. Минатата година излеговме од стартап фазата и веќе сме официјално во фаза на раст. Но, сè уште имаме стартап дух и исклучително силен тим кој функционира брзо, флексибилно и со страст за резултати.
Во Македонија досега може да се пофалиме со над 110.000 различни домаќинства кои нарачале барем еден производ од нас. Ова значи дека Akcija24.mk е веќе дел од секој четврт дом.
Во Србија стануваме сериозен играч во онлајн трговијата со мебел, а оваа година активно влеговме и на пазарот во Косово, каде што веќе имаме неколку илјади нарачки.
Горди сме на тоа што го изградивме, но уште повеќе сме фокусирани на тоа што доаѓа.
Кој е твојот совет што би бил од помош за секој млад претприемач?
Не чекај совршен момент да започнеш твој бизнис, условите никогаш нема да бидат совршени. Почни со што тоа што го имаш на располагање и гради од таму.
Најголемата лага е дека сѐ што ти треба на почетокот се пари. Не е така. Ти треба идеја, посветеност и луѓе околу тебе што ќе веруваат доволно за да помогнат. Почни со нешто за што ти и твојата околина можете да создадете вредност со време, труд и страст. Парите се само изговор за тие што не сакаат да се обидат или мислат дека не може поинаку.
Мојот најискрен совет е:
- Не го гледај претприемништвото како нешто што ќе ти донесе статус или слобода, гледај го како процес што бара дисциплина и жртва.
- Подготви се да бидеш и директор и хигиеничар, и сметководител и магационер.
- Научи да уживаш во процесот.
Успехот е процес. Ако се откажеш после 10-тиот пат, претприемништвото не е за тебе.
Јас имам најмалку 10 затворени бизниси зад мене пред да дојдам до нешто што функционира.
Кристијан е само еден од многуте примери дека кога млад претприемач добива вистинска поддршка, резултатите се видливи. Дознај повеќе за нашата програма „Млади во бизнисот“ и откриј како и ти можеш да го направиш првиот чекор кон одржлив и успешен бизнис.