Содржина
Сакам да отворам сопствен бизнис, кои се првите чекори за започнување на процесот?
Ако си тука, веќе сме сигурни дека сакаш да отвориш своја компанија. Честитки, овој чекор е храбар и исполнет со носење на важни одлуки кои ја поставуваат основата за идниот успех во градењето на сопствен бизнис.
На самиот почеток, важно е да знаеш дека си на вистинското место, затоа што ПроКредит банка повеќе од 20 години ги поддржува малите и средните претпријатија, што ни дава кредибилитет, знаење, експертиза и искуство да креираме решенија коишто се адаптирани за претприемачите како тебе.
Знаеме дека започнувањето и водењето на сопствен бизнис е предизвик од многу аспекти и после идејата за остварување на сопствен бизнис, следуваат првите прашања кои често ни доаѓаат на ум, како на пример: Како се основа една фирма? Дали јас можам да бидам основач? Кои се условите? Како и каде да се регистрирам?
Што треба да знаеш пред да отвориш сопствен бизнис?
Еден од првите чекори е да разбереш кој всушност може да основа компанија и каква правна структура најдобро ќе одговара на потребите. Во овој блог пост, ќе се обидеме да ви одговориме на овие прашања.
Основач на фирма може да бидe домашнo и странскo физичкo или правнo лицe. Тоа значи дека секој македонски државјанин или странско лице може да регистрира компанија кај нас.
Важно е да се знае дека процесот на основање, отворање на фирма или регистрација на трговско друштво, се спроведува од овластен регистрационен агент (адвокат) кој по електронски пат ги доставува потребните документи до Централен регистар на Република Северна Македонија:
- Договор или изјава за основање
- Фотокопија од документ за идентификација (лична карта или пасош)
- Доказ за уплата на паричен влог
- Одлука за избор на управител
За да може да се основа компанија треба да се има и минимален основачки влог, кој се разликува во зависност од тоа за каква правна форма станува збор.
Каква форма на сопствен бизнис сакаш да основаш?
Доколку станува збор за ДОО или ДООЕЛ потребна минимална главнина е минимум 5 000 евра во денарска противвредност или непаричен влог во истата вредност. ДОО односно друштво со ограничена одговорност е кога основачи на фирмата се 2 или повеќе лица и тие одговараат ограничено со својот имот, додека доколку едно лице е основач станува збор за ДООЕЛ.
ТП или трговец поединец е фирма исто регистрирана од едно лице, со што разликата со ДООЕЛ е што кај ТП нема основачки влог и сопственикот / трговецот одговара целосно со својот имот без ограничување.
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за трговски друштва бр. 251/2021 објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ на 16.09.2021г. предвидена е нова форма на друштво – Поедноставено друштво со ограничена одговорност или скратено ПДОО. Доколку се регистрира оваа форма на правно лице, минимален влог е 1 евро и не може да биде основано од повеќе од 3 лица.
ПДОО – решение за младите претприемачи
Целта на законските измени и воведување на оваа правна форма е да се овозможи основање на друштва со минимален износ на основачки капитал, за категоријата на граѓани кои сакаат да започнат сопствен бизнис, но немаат доволно финансиски средства за основање на Друштво со ограничена одговорност каде основачкиот капитал е 5000 евра.
Со ова се дава можност за започнување на бизнис со минимален износ на основачки капитал, со што би се зголемила можноста за основање на друштва од млади лица со иновативни идеи, кои не располагаат со почетен сопствен капитал, а од друга страна, би се зголемила конкурентноста и би се намалила сивата економија во државата.
Започнувањето на сопствен бизнис е навистина голем чекор, но важно е да ги разбереш основните работи. Познавајќи ги основите, веќе започна со донесување на паметни одлуки.
За тековни совети и информации, следи го нашиот блог каде ќе те водиме низ процесот на започнување на сопствен бизнис, заедно со серијалот „Бизнис минути” на ПроКредит Банка на социјалните мрежи.