ProLab - креативна лабораторија за студентите | PCB Blog
Содржина

    ProLab – новата креативна лабораторија на Економскиот факултет – Скопје при УКИМ, поддржана од ПроКредит Банка

    Одржливост December 5, 2025

    На првиот академски час учебната 2025/2026 година, во присуство на студентите и професорите на Економскиот факултет, официјално се отвори новата, современа, креативна лабораторија – ProLab, реализирана со поддршка од ПроКредит банка. 

    ProLab – чекор кон модерното образование 

    ProLab е чекор кон модерното образование – место каде што студентите можат слободно да експериментираат и да создаваат решенија за предизвиците на иднината. Новата креативна лабораторија е составена од две простории кои нудат место за тимска работа на проекти, простор за презентации и катче за релаксација. Со ProLab студентите добиваат можност за директна примена на знаењето, поврзување со колеги и развој на идеи кои можат да прераснат во реални бизнис-решенија.

    Проект создаден од студенти – за студенти 

    Проектот ProLab е замислен од студенти за студенти. Идејата и концептот на дизајнот на просторот се должат на трудот на талентираните студенти од Архитектонскиот факултет при УКИМ. Во рамките на практична настава, заедно со тимот на Super Block (Smart Living), студентите ја преточија својата идеја во функционално и модерно решение. 

    Свечено отворање со присуство на академската заедница 

    На свечениот настан за отворање на ProLab се обратија ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, деканот на Економскиот факултет – Скопје, проф. д-р Мијалче Санта, и член на Управниот одбор на ПроКредит банка, Милан Дамчевски, со свечено сечење на црвена лента и презентација на функциите и намената на ProLab како иновативен простор за студентска креативност, практична работа и соработка. 

    Изјави од раководството и партнерите 

    Проф. д-р Мијалче Санта, декан на Економскиот факултет – Скопје 

    „Со отворањето на ProLab, Економскиот факултет – Скопје добива современ простор кој ќе им овозможи на нашите студенти да ја изразат својата креативност, да развиваат иновативни идеи и да ги претвораат во конкретни проекти. Благодарение на соработката со ПроКредит банка, успеавме да создадеме лабораторија која ќе биде мост меѓу академската заедница и бизнис-секторот. Верувам дека ProLab ќе стане место каде што студентите ќе се мотивираат, ќе учат едни од други и ќе создаваат решенија со реална примена во општеството.“ 

    Проф. д-р Биљана Ангелова, ректорка на УКИМ 

    „Денес, на првиот ден од новата академска 2025/2026 година, со радост го отвораме креативниот хаб на Економски факултет насловен ProLab, целосно поддржан од страна на ПроКредит банка од Скопје. Во оваа пригода, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ изразува длабока благодарност до ПроКредит банка за нејзината поддршка и сакам да истакнам дека со овој гест тие не вложуваат само во лабораторија, туку во идните генерации економисти, лидери и граѓани кои ќе ја движат нашата земја напред. Поддршката што ПроКредит банка му ја дава на Економскиот факултет при УКИМ е израз на заедничка визија, почит и доверба. Со вакви партнерства, верувам дека создаваме посилни институции, подобри услови за учење и поквалитетна иднина за сите нас.“ 

    Милан Дамчевски, член на Управниот одбор на ПроКредит банка 

    „Целта е да создадеме средина која ќе ги охрабри младите да ги претворат своите идеи во конкретни и реални проекти. Со оваа инвестиција сакаме да покажеме дека веруваме и инвестираме во потенцијалот на младите и дека заедно можеме да градиме посилна иднина.“ 

    ProLab е новото креативно катче на студентите 

    Новите простории се веќе во употреба и се достапни за сите студенти на Економскиот факултет. Со ProLab, ПроКредит банка и Економскиот факултет – Скопје при УКИМ заеднички поставуваат нови стандарди во академското и професионалното развивање на младите.