Содржина
Како „Growth Mindset“ ги подобрува комуникациските вештини
Способноста за ефективна комуникација е еден од најважните фактори за личен и професионален успех. Но, она што сè повеќе се препознава како основа за унапредување на оваа вештина е концептот на growth mindset – размислување насочено кон раст. Луѓето со ваков пристап не гледаат на комуникацијата како фиксна вештина, туку како процес што постојано може да се унапредува.
Токму на оваа тема е посветен вториот модул на нашата ПроКредит бизнис академија. На претприемачите особено им се потребни напредни комуникациски вештини заради многуте улоги што ги играат во своите компании и недостатокот на време за дообјаснување и разрешување недоразбирања.
Во продолжение ви споделуваме дел од тајните за успешна комуникација и growth mindset.
Што значи „growth mindset“ во комуникација?
Терминот „growth mindset“, кој е популаризиран од психологот Карол Двек, се однесува на верувањето дека интелигенцијата, вештините и способностите не се вродени и фиксни, туку можат да се развиваат преку труд, учење и искуство. Во контекст на комуникација, тоа значи:
- Подготвеност да се слуша со отворен ум.
- Способност да се прифати критика како можност за подобрување.
- Желба да се разбере другата страна, дури и кога не се согласуваме.
- Постојано учење од комуникациски грешки.
Луѓето со развиен growth mindset не се плашат од конфликти. Напротив, тие ги гледаат како шанса за развој за себе и за односот со другите.
Спротивно на ова е емоционалното „грабнување“ (Amygdala hijack), импулсивна реакција предизвикана од силни емоции која го блокира рационалното размислување. Во комуникацијата е важно да се препознаат таквите моменти и да се избере смирен и промислен одговор.
Комуникацијата е повеќе од зборови
Ефективната комуникација не се случува само преку зборови. Таа вклучува вербални, невербални и емоционални аспекти. Според познатото правило на Алберт Мехрабијан, во ситуации на конфликт или несогласување 55% од значењето се пренесува преку говорот на телото (држење, гестови, израз на лицето), 38% преку тонот на гласот, а само 7% преку зборовите.
Ова покажува колку е важно да бидеме емотивно свесни и присутни кога комуницираме. Развиениот growth mindset нè охрабрува да обрнуваме внимание на сите овие сигнали и во нашето однесување и во однесувањето на другите.
Комуникациски стилови и нивната врска со growth mindset
Постојат четири основни стилови на комуникација, но само еден од нив се усогласува со концептот на growth mindset:
1. Пасивен стил: Луѓето избегнуваат да ги изразат своите мислења и потреби, поради страв од судир или одбивање. Овој стил често води до фрустрација и потисната лутина.
2. Агресивен стил: Наместо соработка, се форсира доминација. Се напаѓа наместо да се комуницира. Ова доведува до нарушени односи и губење на доверба.
3. Пасивно-агресивен стил: Наместо отворено изразување, луѓето се служат со сарказам, поткопување или индиректни забелешки. Овој стил создава токсична средина.
4. Асертивен стил: Ова е стилот кој најдобро го отсликува growth mindset. Тој подразбира искажување на ставовите и потребите јасно, директно и со почит, без повредување на другите. Асертивноста овозможува решавање конфликти, зајакнување на меѓучовечките односи и изградба на доверба.
Како да комуницирате асертивно
Со оваа проверена техника, вашата порака ќе биде појасна и поискрена:
- Се чувствувам… (опишете ја емоцијата)
- Кога ти… (конкретно однесување)
- Затоа што… (зошто тоа ви влијае)
- Што е твојата намера? (проверка на мотивацијата)
- Што предлагаш да промениме? (покана за заедничко решение)
Оваа структура е едноставна, но моќна. Таа го заменува обвинувањето со разбирање, што е всушност и основата на growth mindset.
Активно слушање како главна алатка
Активното слушање е клучно за успешна комуникација. За разлика од пасивното слушање, кое води до недоразбирања, активно слушање значи целосен фокус на соговорникот, разбирање на кажаните зборови и емоции и потврдување на пораката. Клучно е да не се прекинува соговорникот, да не се размислува однапред за одговорот, туку навистина да се слушне другата страна.
Луѓето со growth mindset не се плашат да слушаат, бидејќи не се загрозени од поинакво мислење. Тие знаат дека учиме само кога ќе престанеме да зборуваме и ќе почнеме да слушаме.
Како „growth mindset“ ја трансформира комуникацијата
Во тимска работа, growth mindset ја подобрува атмосферата:
- Ги охрабрува членовите да даваат повратна информација без страв.
- Ја зголемува емпатијата и разбирањето.
- Поттикнува култура на учење, не на обвинување.
Во семејството и пријателствата, тој носи:
- Поголема трпеливост и сочувство.
- Подобро решавање на конфликти.
- Отворена и искрена комуникација.
Совети за развивање на „growth mindset“ преку комуникација
Прифатете ги грешките како можност за учење. Наместо да се срамите, прашајте: „Што можам да научам од ова?“
- Пoбарајте повратна информација – и слушајте ја без да се браните.
- Надградувајте го знаењето за емоционална интелигенција и комуникациски вештини.
- Вежбајте асертивност – почнете со мали чекори.
- Разговарајте со луѓе што мислат поинаку – со цел да ја разберете другата страна.
Ако сакате да станете подобар комуникатор, првиот чекор не е во тоа што го зборувате, туку во начинот на кој размислувате. Growth mindset е темел на емпатична, асертивна и ефективна комуникација. Тоа е способност да се каже вистината со почит, да се прифати критика без страв и да се гледа секој разговор како можност, а не како судир.
Променете го начинот на кој размислувате и ќе го промените начинот на кој комуницирате. Развијте го својот growth mindset и гледајте како се менува вашиот свет.