Финансиски концепти: Основи за секој претприемач | PCB Blog
Содржина

    Разбирање на финансиски концепти

    Претприемништво September 4, 2025

    Секој претприемач треба да ги разбере основните финансиски концепти, особено трите најважни финансиски извештаи: биланс на состојба, биланс на успех и извештај за парични текови. Нивното познавање е клучно за следење на работењето, донесување точни одлуки и планирање на идни инвестиции.

    Преку овие извештаи можете да согледате што се случувало во минатото, каква е тековната состојба и какви ќе бидат идните потреби на вашиот бизнис. Оттаму, тие се важен дел во третиот модул што го слушаат претприемачите на нашата ПроКредит бизнис академија.

    Биланс на успех – еден од основните финансиски концепти

    Билансот на успех ги прикажува приходите и трошоците за одреден период (на пример, од 1 јануари до 31 декември). Врз основа на него се утврдува дали претпријатието остварило добивка или загуба. Ако приходите се поголеми од трошоците – имаме добивка, а во спротивно загуба.

    Билансот на успех се дели на неколку сегменти:

    • Бруто добивка/загуба – разлика меѓу приходите и директните трошоци.
    • Добивка/загуба од деловни активности – вклучува индиректни трошоци, како и финансиски приходи и расходи.
    • Добивка/загуба пред оданочување – со вклучени вонредни приходи и расходи.
    • Нето добивка/загуба – конечниот резултат по одземање на данокот.

    Биланс на состојба – еден од клучните финансиски концепти

    Билансот на состојба прикажува што има претпријатието (имот) и како тој е финансиран (обврски и капитал). Основната формула гласи:
    СРЕДСТВА = ОБВРСКИ + КАПИТАЛ

    Пример: ако купите комбе на кредит, неговата вредност оди во активата, а кредитот во пасивата – рамнотежата секогаш останува иста.

    • Активa (средства) – готовина, залихи, опрема, побарувања, недвижности.
    • Пасива (извори на средства) – кредити, обврски кон добавувачи, сопствен капитал.

    Активата се дели на обртни средства, основни средства и капитализација на трошоци, додека обврските можат да бидат тековни или долгорочни. Капиталот ги опфаќа вложувањата од сопствениците и нераспределената добивка.

    Токму преку билансот на состојба многу претприемачи го наоѓаат одговорот на честото прашање: „Работам многу, ама каде ми се парите?“

    Извештај за парични текови – еден од најпрактичните финансиски концепти

    Овој извештај е еден од најпрактичните финансиски концепти за секој претприемач бидејќи прикажува:

    • почетна состојба на готовина,
    • сите приливи (на пр. уплати од клиенти),
    • сите одливи (на пр. плати, трошоци, даноци),
    • крајна состојба на готовина.

    Извештајот за парични текови ги следи само готовинските промени – затоа во него не се прикажуваат продажби на кредит или амортизација.

    Можете да имате добри приходи, но ако немате готовина, нема да можете да ги плаќате сметките. Поради тоа, многу мали бизниси, иако рентабилни, затвораат поради недостиг на ликвидност.

    Планирање на парични текови

    Прогнозата на кеш флоу е клучна алатка за управување со вашиот бизнис. За да се направи оваа прогноза потребно е:

    • да се процени нивото на промет во идниот период,
    • да се знае колку приходи се готовински, а колку преку агенции или картички,
    • да се планира кога ќе се плаќаат обврските (плати, даноци, кредити),
    • да се земат предвид кредитните услови кај добавувачите.

    При започнување на бизнис, трошоците за реновирање, опрема или лиценци се високи. Затоа планирањето на паричните текови е неопходно за да не останете без средства пред да почне наплатата.

    Разбирањето на овие финансиски концепти нема автоматски да ве направи успешен претприемач. Но, нивното непознавање значително ги намалува шансите вашиот бизнис да опстане и расте.