Содржина

    Кои аспекти ги анализира банката пред одлуката за финансирање на вашиот бизнис? 

    Моја банка December 19, 2024

    Поддршката од вашата банка во облик на финансирање е клучен чекор за развој на бизнисот. Но, што е тоа што банките го оценуваат пред да одлучат дека ќе ви ја обезбедат ваквата поддршка? Во овој текст детално ќе ги разгледаме најважните критериуми за проценка на кредитоспособноста на вашата компанија. 

    Како банката донесува одлука за финансирање? 

    Кога ќе аплицирате за финансирање, банката врши детална анализа на вашите финансиски извештаи за да ја процени вашата кредитоспособност. Главните аспекти на анализата се: 

    1. Анализа на сопственичката и менаџерската структура 
      Кога банката ја анализира сопственичката и менаџерската структура на една компанија, таа се фокусира на тоа кој е сопственикот на бизнисот и каква улога има во процесот на донесување одлуки. Дополнително, се испитува дали управувањето е централизирано или компанијата има разгранета структура со посебни сектори како што се продажба, производство и набавка, што може да влијае врз ефикасноста на функционирањето. 
    1. Бизнис модел  
      Во однос на бизнис моделот, клучно е да се разбере како компанијата остварува профит и кои се нејзините главни производи или услуги. Истовремено, анализата се насочува кон проценка на пазарот во кој компанијата работи, како и кон позицијата во однос на конкурентите. Ова се значајни показатели за идниот потенцијал и одржливоста на бизнисот. 
    1. Финансиска анализа 
      Финансиската анализа го разгледува работењето на компанијата преку четири основни категории на финансиски коефициенти: ликвидност, ефикасност, задолженост и профитабилност. Овие показатели обезбедуваат подлабоко разбирање за финансиската стабилност и капацитетот на компанијата за редовно исполнување на своите обврски. 
    1. Кредитна историја и обезбедување 
      Банката ја истражува и кредитната историја на компанијата, односно нејзината досегашна практика во отплата на долговите. Се проверува дали обврските биле редовно и навремено подмирени. Истовремено, значајно е и обезбедувањето за кредитот, кое треба да биде стабилно, ликвидно и со соодветна вредност за да се гарантира сигурноста на финансирањето. 

    Финансиски коефициенти за проценка на финансиската стабилност 

    Банката ги користи следните четири групи финансиски коефициенти за да го процени вашиот бизнис: 

    Коефициенти на ликвидност 

    • Тековен коефициент: Односот меѓу краткорочните средства и краткорочните обврски. Поголем коефициент значи поголема стабилност. 
    • Коефициент на забрзана ликвидност: Укажува на способноста за подмирување на тековните обврски под претпоставка дека залихите се помалку ликвидни или не може да се продадат. Повисок коефициент значи поголема можност за редовно подмирување на тековните обврски.  
    • Нето обртни средства: Нето обртниот капитал е директно поврзан со ликвидноста на друштвото. Ако имаме коефициент на тековна ликвидност поголем од 1, тоа значи дека нето обртниот капитал е позитивен. Обртниот капитал е нето износ од вкупниот капитал кој стои на располагање за подмирување на тековните обврски. 

    Коефициенти на ефикасност 

    • Обрт на должници: Покажува колку брзо се наплатуваат побарувањата, односно колку денови поминуваат од продажбата па сѐ до приливот настанат по основ на побарувањето. Што пократок период тоа значи побрз прилив на средства. 
    • Обрт на доверителите: Го покажува просечниот период на плаќање на обврските кон добавувачите, кој секогаш треба да се споредува со роковите за плаќање. Доколку деновите на наплата се пониски од деновите на плаќање на обврските, тоа е сигнал за поголема ликвидност на друштвото. 
    • Обрт на залихи: Укажува на брзината со која залихите се претвораат во приходи. Овој коефициент се споредува со ист коефициент од други периоди од работењетоили пак со показател на друго друштво коешто работи со истата дејност. Брзиот период на продажба на залихите укажува на позитивно работење на компанијата. 
    • Циклус на конверзија на готовина: Коефициент кој претставува комбинација од претходните показатели и укажува на вкупната ликвидност. Го покажува периодот во кој средствата од работењето се врзани во тековни средства, односно колкав период е потребен за да се финансира од интерни или екстерни извори за друштвото да дојде до готовина. 

    Коефициенти на задолженост 

    • Финансиска потпора:  Го покажува односот помеѓу вкупните средства и капиталот. Понискиот коефициент покажува дека друштвото има висок капитал, што ветува поголема заштита доколку се појават проблеми со ликвидноста.  
    • Сооднос на капиталот: Покажува колку од активата на друштвото е финансирана со сопствени средства. Повисок коефициент значи поголема стабилност на друштвото. 
    • Парична маржа: Покажува колкава е најниската граница на која можат да се намалат приходите за друштвото да не работи со загуба. Овој показател овозможува проектирање на приходите за идното работење на друштвото. 

    Коефициенти на профитабилност 

    • Бруто профитна маржа: Односот меѓу бруто добивката и приходите од продажба. Овој показател секогаш се изразува во проценти и секогаш треба да се споредува со коефициентот на друштва кои се занимаваат со иста дејност или во согласност со дефинирани пазарни стандарди. 
    • Нето профитна маржа: Мери колку е профитабилен вашиот бизнис по сите трошоци. Колку е повисок коефициентот тоа покажува дека друштвото е повеќе профитабилно. 
    • Поврат на средства (ROA) и капитал (ROE): Коефициенти кои ја покажуваат ефикасноста на управување со ресурсите. Односно, покажуваат колку ефикасно се користи капиталот и позајмените средства, како и стабилноста и профитабилноста на бизнисот. 

    За што се користи финансирањето? 

    Банката мора да биде сигурна дека средствата ќе се користат наменски. Главните намени за финансирање вклучуваат: 

    • Работен капитал: Зголемување на залихи, купување нови стоки или различни добавувачи. 
    • Фиксни средства: Инвестиции во недвижности, опрема или возила. 
    • Други потреби: Лиценци, консултации, маркетинг кампањи. 

    Проектите како фотонапонски централи, градежни проекти или други обновливи извори на енергија, исто така, бараат специфична документација и анализа. 

    Како да го подобрите вашиот профил за финансирање? 

    За да ја зголемите веројатноста за добивање финансиска поддршка, важно е да покажете финансиска стабилност, јасна стратегија и доверливост пред банката. 

    • Редовно ажурирајте ги финансиските извештаи: Точни и детални податоци покажуваат транспарентност. 
    • Одржувајте позитивна кредитна историја: Доверливоста е клучен фактор. 
    • Јасно дефинирајте ги целите за финансирање: Објаснете како ќе ги користите средствата и каков ефект ќе имаат врз вашиот бизнис. 
    • Инвестирајте во обука и опрема: Ова ја покажува вашата посветеност на растот и ефикасноста. 

     
    Подгответе ги вашите финансиски извештаи, дефинирајте јасни цели и соработувајте со банката за да создадете силна основа за вашиот бизнис.