Дигитална трансформација - што научивме? | PCB Blog
Содржина

    Дигитална трансформација: Што научивме на работилницата

    Претприемништво September 25, 2025

    Успешно го завршивме четвртиот модул на ПроКредит бизнис академијата, на кој учесниците имаа можност да ги продлабочат своите знаења на темата дигитална трансформација и нејзината примена во малите и средни бизниси.

    На овој модул работевме на препознавање на дигиталните можности во рамките на деловните процеси и интеракциите со клиентите и ги разгледавме најновите алатки кои можат да ја подобрат ефикасноста и соработката со клиентите. Зборувавме за важноста на поттикнување култура на иновации и приспособливост во тимот, како и за воспоставувањето култура во целата организација во чиј центар се клиентите.

    Дигитална трансформација – звучи како тренд, но таа е навистина неизбежна реалност за секоја компанија што сака да остане релевантна и конкурентна. Ако не се прилагодите, ќе останете да каскате зад другите. На последната работилница од овој модул разговаравме за тоа како технологијата доаѓа во бранови, како може да се поврзе со стратегијата на компанијата и како да се избегне заморот од промена. Во продолжение ги споделуваме клучните лекции преточени во практични примери.

    Технолошката промена доаѓа во бранови

    Замислете фарма за мраз во 19-ти век. Некои луѓе тогаш продавале мраз локално. Подоцна, се појавиле фабрики кои го дистрибуирале мразот до градовите, за на крајот, со појавата на фрижидерите овој бизнис да стане сосема застарен. Овој пример многу сликовито ги опишува денешните технологии – cloud, CRM, AI, IoT, автоматизација…

    Компаниите кои навреме го препознаваат следниот бран успеваат да ги искористат можностите. Оние што чекаат ризикуваат да бидат заменети.

    Три бранови на дигитална трансформација

    Секоја технолошка промена се случува во три бранови.
    Успешните компании размислуваат во сите три бранови истовремено.

    БранОписПример
    Бран 1: ЕфикасностПодобрување на постојните процеси со користење на дигитални алаткиХартиени фактури заменети со електронски; Excel датотеки наместо тетратки
    Бран 2: Нови процесиНови начини на работа, внатрешни промени, автоматизацијаCRM наместо маси; онлајн нарачки наместо телефон
    Бран 3: Нови бизнис моделиПромена на односите со пазарот и клиентитеМодели на претплата; дигитална платформа што ги поврзува корисниците и добавувачите

    Стратегија и дигитална трансформација одат заедно

    Технологијата не е цел сама по себе, туку средство за постигнување на стратешки цели. Ако не знаете што сакате да подобрите (квалитет, брзина, цена, корисничко искуство), нема да знаете како да ја изберете вистинската технологија.

    Прашања што треба да си ги поставите:

    • Каде можеме да бидеме побрзи?
    • Каде губиме пари поради лоша организација?
    • Каде клиентите се чувствуваат фрустрирани?

    Одговорите на овие прашања ќе ви бидат основа за избор на вистинската технологија и градење процеси што навистина функционираат.

    Најчести причини за пропуштање на можности

    Дури и кога можностите се јасни, луѓето често се сопнуваат на старите уверувања:

    • „Го правиме ова со години, нема да се промениме.“
    • „Нашите луѓе не се подготвени за дигитално работење.“
    • „Нема кој да го води тоа.“
    • „Скапо е и не знаеме дали ќе вреди.“
    • „Клиентите сè уште не се толку дигитални.“
    • „Нема стратегија, па затоа нема ни приоритети.“
    • „Менаџментот не е мотивиран.“
    • „Нема временски простор за промени.“
    • „Секој е фокусиран на секојдневните задачи.“
    • „Се плашам да не направам грешка.“

    Мала, но важна лекција од работилницата: секоја причина за одложување е шанса да размислите како да ја решите – или да ја заобиколите.

    Што научивме од оваа работилница

    Работилницата беше практично искуство што им помогна на учесниците да ја видат дигиталната трансформација од нов агол. Неколку клучни пораки што ќе ги запомниме:

    • Да ги разбереме принципите на промена – како се движат брановите на дигиталната трансформација и зошто е важно да ги препознаеме на време.
    • Да ги препознаваме можностите – идентификување каде компанијата може да примени промени што носат вистинска вредност.
    • Да создаваме иницијативи – претворање на идеите во реални, остварливи чекори за следната фаза на развој.
    • Да учиме преку пракса – користење на дебата, примери, дијаграми и задачи за подобро да се разберат концептите во компанијата.
    • Да ги приоретизираме активностите – поставување јасни приоритети со алатки како матрицата 3×3 „итно–важно“.

    На крајот, најважно е да запомниме една реченица од работилницата: „Светот никогаш нема да биде толку бавен како што е денес.“