Содржина
Паметни и смели одлуки, брендирање и ефикасно решавање проблеми
Уметност на смелите одлуки е темата на шестата бесплатна работилница од нашиот серијал „ProBiz Superpowers“. На 24 септември, младите претприемачи од Струмица и соседните градови ќе имаат можност да учествуваат на интерактивна работилница со Петар Лазаров, еден од најпознатите бизнис и бренд консултанти во Македонија кој ќе им помогне да научат како и зошто треба да носат смели одлуки во бизнисот.
Во очекување на овој динамичен настан поразговаравме со Петар, консултант за бизнис, маркетинг, брендирање и продажба кој стои позади брендовите MAMA’S – традиционални рецепти што денес се продаваат во 40+ земји, NO BULL и B-GOOD FOOD Co. – македонски производи специјално за американскиот пазар, првпат претставени и во шоуто „Shark Tank“. Петар е и ко-основач на Sherlo P. Nomes – Бизнис и бренд агенција и ко-автор на TIP OF THE WEEK™, познатиот прирачник за личен и професионален развој.
Како би опишале со една реченица што е уметност на смели одлуки?
Да кажеш ДА кога сите велат НЕ. Или да го слушаш „стомакот“ кога сите ти велат дека е паметно да го кажеш обратното.
Најчеста грешка што ја прават претприемачите кога го развиваат својот бизнис?
Го копираат соседот, или конкуренцијата, наместо да го слушнат клиентот, пазарот или внатрешнот „пилот“. Кај нас најмногу недостига креативност, а без тоа, сите бизниси изгледаат како copy-paste. Фали „ИМАЏИНЕ“ – што би рекол еден мој пријател.
Колку македонските претприемачи се подготвени да донесат смели одлуки?
Малку се спремни. Сите зборуваат за тоа, сакаат, знаат дека за да бидеш различен мора да играш храбро и радикално. Но кога ќе дојде време да се повлече потег, повеќето играат на ‘сигурно’.
Како се балансира креативната храброст со пазарната реалност? Дали може да се биде иновативен, а сепак релевантен?
Тоа е вистинската уметност – да одиш по ивицата, да си доволно уникатен за да бидеш приметен, ама да не го исплашиш пазарот. Може да бидеш авангарден, ама ако никој не плаќа за тоа, тоа е за твојот инста профил, не бизнис.
Сподели интересен пример од твоето искуство со неконвенционални стратегии
Имавме еден бренд (NO BULL…) што наместо традиционална стратегија, излезе со порака што звучеше како бунт. Панкерски пристап. Сите мислеа дека е премногу радикален. Но наместо да падне, пазарот го прифати, и постигна супер успех. На работилницата ќе слушнете повеќе за овој бренд, бидејќи ќе биде еден од примерите што ќе ги презентирам.
Кој е најдобриот совет што би им го дал на младите претприемачи – покрај смели одлуки?
Не чекај да станеш експерт. Сите експерти некогаш биле аматери што само решиле да тргнат. Најважно е да донесеш одлука и да тргнеш во непознатото. Следете ја старата народна – ‘Кој ќе преживее, ќе зборува’. Па, дури и да не оди се според планот, ви ветувам ќе биде ‘пеколно добро возење.
Зошто да дојдеме на работилницата во Струмица?
Прво, затоа што најдобрите одлуки не се носат во канцеларија, туку кога ќе излезеш од неа. Во Струмица ќе чуете искрени приказни, не copy-paste теории од книги. Ќе видите примери на бизниси што успеале и на оние што едвај преживеале, ама сите оставиле трага. И ќе дознаете дека не треба да имаш совршени услови за да направиш успешен бизнис, треба само да имаш храброст и малку инает или лудост.
Местата се ограничени, пријавете се веднаш на следниот линк и резервирајте го вашето место!